Со сеопфатна стратегија против инфлацијата

Висока стапка на годишна инфлација од 6,7 проценти пресмета Државниот завод за статистика за нашата држава. Инфлацијата e над очекувањата, а нејзино стабилизирање е предвидено дури на крајот на 2022 година. Растот на инфлацијата сѐ уште е тежок за менаџирање, а проблематиката е повеќеслојна. Дали, сепак, ова е аларм за преземање некои посебни мерки со кои ќе се заштитат граѓаните, но и
целокупната економија?

Висока стапка на годишна инфлација од 6,7 проценти пресмета Државниот завод за статистика за нашата држава. Инфлацијата e над очекувањата, а нејзино стабилизирање е предвидено на крајот на 2022 година. Инфлацијата е пред сѐ глобален феномен. Таа се задржува на високо ниво, како во еврозоната, така и во целиот свет. ММФ предупреди дека во светот неотпорноста на економиите на идни шокови може да доведе до големи проблеми и дека инфлацијата трае подолго и зајакна повеќе од очекуваното поради прекините во синџирите на снабдување, неочекувано силната побарувачка за стоки и климатските шокови, кои се одразија на цените на храната, како и повисоките цени на енергијата, кои се двигател на инфлацијата. Нашата држава ќе продолжи да ја дели судбината на светската и особено на европската економија.
Европската комисија очекува забележително ублажување на ценовниот притисок за потрошувачите и за компаниите најрано пред крајот на 2022 година. Откако достигна рекордни 4,6 проценти во четвртиот квартал од минатата година, инфлацијата во еврозоната се очекува да достигне врв на 4,8 отсто во првиот квартал од 2022 година и да остане над 3 проценти до третиот квартал од годината, велат од ЕК.
Растот на инфлацијата сѐ уште е тежок за менаџирање, а проблематиката е повеќеслојна. Во согласност со глобалните движења на цените на примарните производи и одлуките од регулаторна природа кај нас донесени на крајот на минатата година, растот на трошоците за живот, како мерка за инфлацијата, очекувано продолжи и во првите месеци од оваа година. За ова најмногу придонесува порастот на цените на електричната и топлинската енергија, на горивата, но и на храната. Дали, сепак, ова е аларм за преземање некои посебни мерки со кои ќе се заштитат граѓаните, но и целокупната економија?

Економијата и понатаму ќе биде под влијание од ефектите на ковид-кризата. Цените се зголемени, особено на оние производи што се дел од потрошувачката кошничка на граѓаните, што негативно се одразува врз нивните семејни буџети. Инфлацијата ќе продолжи да се зголемува и во следниот период, бидејќи во моментов таков е трендот во Европа и во светот, а не само во Македонија, но, за жал, ние сме помалку подготвени да се соочиме со тоа.
Македонската економија е мала, отворена и увозно зависна. Секое од глобалните нарушувања, како на пазарот на енергија и храна, така и на страната на глобалната ефективна побарувачка за нашите производи и услуги, се одразува на домашната економија. Меѓутоа, особено се важни начинот на менаџирање на овие ефекти и капацитетот за компензација на штетите на оние што немаат можност да го апсорбираат надворешниот економски монетарен шок.
Инфлацијата во нашата земја зависи од многу фактори, а особено имајќи предвид дека ние како земја сме зависни од увоз и токму од тој фактор зависат и цените. Ако ја третираме проблематиката со генералните макроекономски стандарди, секоја инфлација што не ја надминува стапката од 5 отсто, не мора да биде загрижувачка и платите на потрошувачката сила може да се справат со тоа. Но нашите компании и нивните производи се погодени двојно од истиот ефект. Компаниите од нашата земја веќе еден значителен период увезуваат поскапи добра и услуги, а дополнително, поради покачувањето на цените на енергентите, тие плаќаат и поскап транспорт за нив. Со покачувањето на цените на енергентите и во нашата земја, дополнително се зголемуваат трошоците на компаниите, кои ќе треба да се покриваат со цената на добрата и услугите, што дополнително ќе ја отежни куповната моќ на нашата земја.
Дали надлежните ќе соберат храброст да го ограничат растот на платите, да ги зголемат каматните стапки и да ги ограничат социјалните трансфери е прашањето. Во секој случај, пазарните законитости мора да најдат начин да се постигне рамнотежа.
Секоја инфлација негативно влијае, не само врз џебот на граѓаните, туку и врз севкупната економија. Државата е таа што мора да ја држи под контрола инфлацијата, но истовремено да внимава да не го оптовари државниот буџет.

Треба да се продолжи со реализација на капиталните инвестиции и да се поддржи производството во земјоделскиот сектор и во другите индустрии каде што би се ангажирал поголем број на работна сила, со што од една страна ќе имаме производство и извоз, а од друга генерирање дополнителен приход во државната каса и кај граѓаните.
Стопанството веќе го чувствува притисокот на пазарот. Се трошат резервите, набавени пред замрзнувањето на цените. Поради замрзнатите цени и зголемените трошоци на производство, индустриите бројат загуби. Од пекарската индустрија пресметале дека месечно тие се движат од 40 до 300 илјади евра, што може да доведе до затворање на компаниите.
Мерката за замрзнувањето на цените на основните прехранбени продукти на краток рок можеби е добра, но на подолг рок може да донесе недостиг од производи на пазарот, бидејќи голем дел од производите чии цени се замрзнати или суровините за нивно производство се увезува.
Поради тоа, на трговците не им се исплаќа да купуваат поскапо, а да продаваат поевтино, па се одлучуваат да не увезуваат. Затоа можеби е подобро да се промени мерката и, наместо цените, да се замрзнат маржите.

Исто така, и растот на цените на горивата удира по џебот на граѓаните и на бизнисот, што дополнително влијае на глобалната инфлација. Наедно, набавната цена на нафтените деривати е значително пониска, околу 40 денари за литар, Кон овие цени се додаваат трошоците за задолжителни резерви, акцизата и други давачки, поради што крајните цени на горивата се значително повисоки. Ние можеме да ги следиме примерите од регионот и државата да се откаже од дел од приходите во буџетот, зашто дури околу 40 отсто од крајната цена на горивата се давачки на име на акцизи, даноци и такси. Ваквата мерка ќе влијае и на намалување на стапката на инфлацијата.
Сепак, клучно е да се има стратегија со која ќе се помогне во намалување на инфлацијата, но и во закрепнувањето на економијата, и да се биде внимателен во менаџирањето. А тоа се менаџирањето со здравствената криза, целосното закрепнување на трговските текови, глобалното движење на цените на енергијата и временскиот период на енергетските дебаланси, менаџирањето дома со енергетската криза, однесувањето на фискалната политика и нејзиниот среднорочен капацитет, висината на дефицитот, фискалниот простор, јавниот долг, но и политичкиот момент.