Скопскиот градски парк – слика на нашата држава

Наместо да го чуваме, ние слепо ги игнорираме сторителите, молкум враќајќи се чекор наназад и оставајќи им простор на несовесните да го уништуваат она што предците ни го оставиле во наследство

Секој поголем град во светот се обидува да им обезбеди на своите граѓани зелена оаза каде што ќе можат жителите да дишат за неколку степени посвеж воздух во летниот период и да уживаат во зимска идилична слика во зимските снежни месеци, да се рекреираат и да ги пуштат децата слободно да шетаат. Со поголем или помал успех ваквата идеја се реализира, а потоа на граѓаните останува да се пронајдат себеси во оваа слободна зона, да ја надградуваат со нови содржини, но и да се грижат за изграденото. На тој начин жителите на овие градови создале парковски површини со кои се гордеат и чија слава и популарност ги минува градските и државните граници.

Скопје и скопјани се привилегирани што го имаат Градскиот парк. Со своите повеќе од 480 илјади квадратни метри зелена површина наменета исклучиво за прошетка, рекреација и бегство од секојдневниот метеж, паркот претставува вистинска зелена оаза за сите генерации. Значително менуван и уредуван низ годините, Градскиот парк во својата историја претрпел многубројни измени, дополнувања и проширувања, сѐ со цел на граѓаните да им биде пријатно катче каде што ќе го минуваат времето. Па така, ако некогашниот парк ограничен од споменикот на Гоце Делчев и легендарното „Езерце“ крај Градскиот стадион со Зоолошката градина, на спротивната страна, сега е значително проширен со делот добиен по регулацијата на реката Вардар, па од другата страна на Бедемот е добиен „вториот“ дел, кој е значително поголем и кој нуди дополнителни содржини. Денес низ него има голем број клупи за одмор, пешачки патеки, кои неодамна беа реконструирани, мостови, посебно оградени паркови за домашните миленици, велосипедски патеки, кои се посебно обележани за посетителите, за граѓаните што го минуваат времето таму.

Градскиот парк никогаш не ја смени својата улога во животот на скопјани. Сите се чувствуваат пријатно таму, нема кој не сака да прошета низ него. Младите ги минуваат вечерните часови во првиот или предниот дел од паркот, а истото тоа го правеа и генерации наназад. Барем една од свадбените фотографии е направена во паркот, а во последно време, масовен тренд е прославата на детските родендени тука.
Паркот нѐ поврзува сите што живееме во Скопје, бидејќи секој еден од нас има барем еден убав спомен во него.

За жал, сите тие идилични моменти не се единствените што може да се потенцираат за Градскиот парк. Не може, а да не се забележи и обележи и „црната слика“, неговото уништување, кое е значително видливо во последниот период и предизвикува голема загриженост кај сите што ги сакаат паркот и градот воопшто. Особено сега, откако се затопли времето, градските власти мака мачат со вандализмот во Градскиот парк.

Пред неколку месеци јавноста беше згрозена кога посетителите регистрираа искршени клупи за седење, а остатоците беа фрлени во езерцето во паркот, поставените монтажни тоалети беа превртени, кантите за отпадоци искршени.

Надлежните во градот, заедно со јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, и овој пат реагираа да се санира штетата и да се врати паркот во првобитната состојба. Укажуваат дека постојано ја заменуваат урбаната опрема, која, за жал, едвај „преживува“ неколку седмици пред повторно да биде уништена.

Дека состојбата со уништувањето е загрижувачка, констатираа и градските власти, кои јавно, преку апел побараа од граѓаните да не ја уништуваат урбаната опрема што се поставува само и исклучиво за посетителите на Градскиот парк.

Иако ваквото однесување е казниво, на вандалите воопшто не им е грижа, очигледно тоа го прават во вечерните часови кога фреквенцијата на посетители е мала или речиси никаква, бидејќи следното утро веќе на социјалните мрежи осамнуваат фотографии од уништените клупи и друга урбана опрема.

За жал, тоа не е единствениот проблем во срцето на Скопје. Тука се и оние што со автомобили скришум возат во паркот, а неизбежни се и моторџии, кои токму на патеките за рекреација решиле да се провозат со своите мотоцикли.

Речиси постојано во паркот се случуваат недозволени работи што им штетат на паркот, на вегетацијата, на животинскиот свет, па и на посетителите. Постои ли решение за овој хроничен проблем? Можеби да се воведе 24-часовна чуварска или редарска служба, која во своја надлежност ќе има пишување казни, не само бркање на вандалите. Да се воведе систем на заштита по секоја цена, бидејќи друг парк во срцето на градот немаме.

Наместо да го чуваме, ние слепо ги игнорираме сторителите, молкум враќајќи се чекор наназад и оставајќи им простор на несовесните да го уништуваат она што предците ни го оставиле во наследство.

Да, предците, бидејќи малкумина знаат дека Градскиот парк е формиран уште во 1923 година и низ годините претрпел многубројни промени и надградувања, но никогаш назадувања како денес.

Никогаш низ минатото паркот не се соочил со вакво девастирачко однесување и повторувачко уништување на сето она што е наменето за посетителите, па токму затоа е потребна итна реакција на надлежните, бидејќи апелите којзнае по кој пат не стигнуваат до оние на кои им се наменети.

Некако познато ви звучи приказната, нели? Ајде, мала помош, како на игрите за асоцијација… Ако наместо скопскиот градски парк, го ставите името на нашата држава Македонија, сето друго може да остане исто! Почитувани мои, време е да се освестиме! Она што е наше да го зачуваме како нешто најсвето, затоа што некој го зачувал тоа за нас. Да го направиме ние тоа за идните поколенија, затоа што тоа ни е најскапоцениот аманет!