Скапи политикантски паради

Не случајно за луѓето што се склони сѐ да сведат на дневнополитички теми, да се служат со евтини комбинаторики во борбата за власт, престиж, влијание, па дури и за некаква ситна корист, без воопшто да се обидуваат да ја видат и прикажат пошироката слика, да ги лоцираат проблемите, да посочат на општиот интерес или добро и да понудат некакво решение или визија, се вели дека се сплеткари, интриганти, манипуланти, матикаши, далаверџии… А таквите, како што се покажа, доминираат на македонската политичка сцена, и затоа не треба да зачудува тоа што постојано се отвораат нови проблеми, а старите не се затвораат

Способноста за генерирање проблеми и комплицирање дури и на темите што во ниеден случај не би требало да бидат предмет на политизирање би можела да се прогласи за национален спорт на Македонците или да се заштити како бренд, поради уникатната и доследна примена на механизмот, со чија помош на нештата речиси по правило мора да им се залепи некаков партиски, етнички и сличен предзнак. Вистина, партиските етикети најчесто се лепат, и тоа со аеросолна нетестирана плунка. Таква што се распрснува и ги контаминира сите обиди за јасно согледување на нештата и за утврдување на вистината. Последен беше случајот со убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, кога наместо да се бара убиецот и да се детектираат пропустите и одговорните во системот, барем заради тоа што идниот пат, токму поради тие пропусти, би можело да настрада и некое „наше дете“, талентите од партиите се надитруваа кој посилно ќе ѝ удри партиски печат на целата ситуација. Претходно, во кооперација со партнерите од албанскиот политички кампус и од политичките репрезенти на некои од помалобројните етнички заедници, истото тоа го направија и со резултатите од пописот. Во меѓувреме, со здружени партиски сили и со неподносливо ниско ниво на она што на граѓаните им го продаваат како меѓупартиска дебата, ги политизираат сите можни аспекти од секојдневното живеење, притоа не нудејќи никакви конструктивни предлози, издржани решенија и квалитетни механизми со кои тие би можеле да се остварат.
И со таков политички капацитет, способност за логично расудување, ораторски, управувачки и други вештини, се сопнуваат од една до друга криза, вовлекувајќи во политикантската спирала сѐ што ќе се најде во близината на траекторијата за која тие замислеле оти, во моментот, е најповолна за движење на нивните скапи, а многу често и прескапи паради. Некои тоа го плаќаат со живот, некои со изворите за егзистенција, а целата држава со неоправдано долгото талкање во место, па дури и со опасни чекори наназад во одредени сегменти. Партиите, пак, пред сѐ парламентарните, сето тоа дебело го наплатуваат од државниот буџет, а според некои неодамнешни истражувања, само во изминативе десет години инкасирале над 26 милиони евра. Паралелно со тоа, освен значителното зголемување на апсолутната сума за исплати врз основа на годишно финансирање на политичките партии, по освоен мандат и за финансирање на, внимавајте сега, „партиските истражувачко-аналитички центри“, со текот на годините, на чудесен начин се зголемувал и бројот на партиите во системот на годишно финансирање од државниот буџет. Има тука уште многу чудесии, но овој пат е битно да се истакне оти политичката понуда ни оддалеку не ги оправдува потрошените средства од државниот буџет.
Креирањето и реализирањето на јавните политики, исто како и одгледување мало дете, би требало да им се доверува на луѓе што се доверливи и кои знаат да се фатат во клинч со проблемите, а не да ги комплицираат и реплицираат до непрепознатливост.

Не случајно за луѓето што се склони сѐ да сведат на дневнополитички теми, да се служат со евтини комбинаторики во борбата за власт, престиж, влијание, па дури и за некаква ситна корист, без воопшто да се обидуваат да ја видат и прикажат пошироката слика, да ги лоцираат проблемите, да посочат на општиот интерес или добро и да понудат некакво решение или визија, се вели дека се сплеткари, интриганти, манипуланти, матикаши, далаверџии… А таквите, како што се покажа, доминираат на македонската политичка сцена, поради што не треба да зачудува тоа што постојано се отвораат нови проблеми, а старите не се затвораат.
Така, на пример, еден месец по доставувањето на пријавата за упис на основање на здружението „Културен центар Иван Михајлов“ – Битола до Централниот регистар, политичките партии дури деновиве се најдоа „погодени“ од темата, префрлувајќи си ја одговорноста едни на други како жежок компир наместо да се запрашаат кој од нивните повеќе или помалку експонирани кадри не си ја завршил работата, оставајќи им можност на споменатата и на сите слични иницијативи непречено да се провлекуваат низ законските и институционалните дупки. Бугарската страна само ја искористила можноста што партиските кадри, уредно наредени во зависните, независните, самостојните и несамостојните и какви сѐ уште не државни органи и во институциите на власта, неуредно ги оставија зад себе, додека, наместо со политиката, се занимаваа со политикантството и, се разбира, со своите приватни бизниси. А не би требало да биде изненадување ни доколку се покаже оти некој само сакал да им одржи добра лекција на вечните реформатори.
Слична е ситуацијата и со, за здравиот ум, крајно навредливите калкулации околу неколкупроцентното зголемување на платите на наставниците во услови кога и наставниците и учениците, заедно со нивните родители, масовно ја напуштаат државата, оставајќи го зад себе руинираниот, но сепак во мерка доволна за да се создаде амбиентот што деновиве го гледаме, партизираниот образовен систем засилен со преродениот синдикализам.

А за грешките и за пропустите што и по три децении упорно се повторуваат, дури и доколку некој некогаш го побара тоа, најверојатно, ќе нема кој да суди, зашто правосудниот систем, со сесрдна поддршка на истите тие политички партии, полека но сигурно, оди кон самоуништување. Судот на јавноста и така веќе одамна никој не го перципира, така што сѐ почна да се врти околу партиските врхушки и нивните непартиски сателити, а тоа, сепак е редно да се каже, барем од финансиски аспект е неодржливо. И кога сето оваа ќе се сумира, навистина изненадува и загрижува колку бавно политичките елити ја сфаќаат потребата од итен и суштински пресврт во практикувањето на политиката и во определувањето на политичката динамика.

[email protected]