Разиграниот Макрон

Додека теоретичарите и практичарите на политиката се занимаваат со објаснувањата и со евентуалните последици, веројатно не е лошо да се потсети на одредени мислења што, можеби, ги објаснуваат причините за неколкуте последователни предлози со кои Макрон упорно ги блокира процесите во Европската Унија, цело време задржувајќи го вниманието на својата личност

Во моменти кога сѐ уште е свежо сеќавањето на ветото на отворањето преговори со Македонија и со Албанија, кое во 2019 година го стави старо-новиот претседател на Франција, Емануел Макрон, со образложение дека Европската Унија треба прво да се реформира и попрецизно да ги дефинира правилата на играта, што резултира со значителен отпор во дел од Унијата, а тогашниот претседател на Европската комисија Жан Клод Јункер, можеби и најдобро го опиша како „историска грешка“, на Макрон, сега, само неколку дена по неговиот реизбор, повторно нешто му текна. Тој, завчера, во говорот по повод Денот на Европа во Европскиот парламент во Стразбур, предложи нова „европска политичка заедница“ или „европската втора лига“, како што некои веќе ја преименуваа, која ќе вклучува држави што сакаат членство во ЕУ, какви што, по сѐ изгледа, се тие од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, но и држави што се излезени од Унијата или се далеку од членството, какви што се Велика Британија и Украина. И додека полековерните аналитичари се обидуваат да навлезат во срцевината на предлогот и да објаснат што би значело тоа за иднината на Унијата и за аспирантите, како сосема да го заборавија она што беше потенцирано во текот на целата повеќеслојна криза предизвикана од пандемијата и од војната во Украина. А тоа е дека на Европа не ѝ се потребни дополнителни компликации и расфрлување на енергијата, туку брзи и едноставни решенија насочени кон сплотување на силите. Уште полошо е тоа што многубројните коментари и прогнози се губат во преводите, така што, судејќи по медиумските објави, низ целата Европа се создава еден нов проблем наместо да се решаваат постојните. И тоа, иако непосакуван, е сосема логичен развој на ситуацијата во услови кога европската јавност располага само со тоа што проструи низ етерот без официјален предлог на Париз, како што, впрочем, ниту предлогот од пред неколку години никогаш не беше докрај конкретизиран и разработен. Сеопштото изненадување што го предизвика последниот настап на Макрон, во голема мера им дава за право на скептиците, кои велат дека „тој повторно ја искористи говорницата за импровизации“ за да го одложи процесот на проширувањето заради конзервирање на постојните односи во Унијата, бидејќи таквата почиста ситуација ја смета за попогодна за неговата главна игра – преземање на палката што сѐ уште ја држи Германија, по долгогодишното водство на доскорашната канцеларка Ангела Меркел.
А дека токму тоа, во овој момент, е клучно за стабилноста и за евентуален просперитет на Унијата и на европскиот континент воопшто, па и на самата Франција, навистина е тешко да се поверува. И чуму, тогаш, последниот настап на Макрон?
Додека теоретичарите и практичарите на политиката се занимаваат со објаснувањата и со евентуалните последици, веројатно не е лошо да се потсети на одредени мислења што, можеби, ги објаснуваат причините за неколкуте последователни предлози со кои Макрон упорно ги блокира процесите во Европската Унија, цело време задржувајќи го вниманието на својата личност.

Бидејќи просечно образованите и веќе можеби и премногу мрзливите, но и мошне исплашени, граѓани на Европа тешко можат објективно да ги согледаат причините за сите овие „игри“ на Макрон, во тоа, како што веќе препорачаа некои аналитичари, би можел да им помогне често цитираниот италијански психијатар и психотерапевт и член на Италијанската академија на форензички науки, Адриано Сегатори, со неговиот опис на личноста на францускиот претседател Емануел Макрон. Сегатори тврди дека, едноставно, станува збор за психопат, акцентирајќи дека дијагнозата не би требало да биде навредлива, но, секако, би требало да биде предупредувачка за сите оние што имаат намера сериозно да се занимаваат или да ја анализираат современата европска политика.
Проучувајќи ги околностите при неговиот прв избор за претседател на Франција, како и снимките од неговите обраќања, изрази и гестикулации во текот на првиот мандат, професорот воочил манифестации на зголемената хистерија во моментите кога Макрон не чувствувал дека луѓето околу него му се восхитуваат, како и изразена потреба за театралност, која тој ја објаснил со влијанието на неговата многу повозрасна сопруга, која е учителка по сценски уметности.

Професорот воочил кај Макрон и карактеристики какви што се недоверливост, површен шарм, недостиг од чувство на каење, омраза кон сиромашните, жените…, за што многу лесно се извинувал откога бил ставен во тесно. Но најголемиот проблем, според професорот, е тоа што Макрон навистина верувал во тоа што го зборувал, поради што тој го смета за многу кршлив, и опасен.
„Тој, како и сите психопати, работи само за себеси, а сите други му се само инструменти потребни за да ја докаже сопствената големина“, констатира професорот, прашувајќи дали некој воопшто е свесен за опасноста.
Се разбира, сето тоа може да биде и погрешна дијагноза, какви што често им се случуваат на лекарите. Но треба да се има предвид, заедно со некои историски искуства од француската „поддршка“ на Македонија, особено при натамошното нејзино позиционирање во сѐ посложените односи на европскиот континент, зашто токму тој ѝ е судбина.

[email protected]