Радев ѝ залепи сепаратистички етикети на ЕУ

Со неговите тези и тврдења со кои Македонците од Бугарија, кои легитимно си ги бараат своите права, ги нарече сепаратисти, Румен Радев практично им закачи сепаратистичка етикета на целата Европска Унија и на нејзините највисоки институции. Според логиката на Радев, излегува дека сепаратистички се и Судот во Стразбур и редица други меѓународни тела и органи што досега многупати се изјаснија во полза на Македонците во Бугарија. Но бугарската „лага за сепаратизам кај Македонците се користи за да се оправда систематската дискриминација на која подлежат бугарските граѓани со македонска самосвест, дискриминација што доведе до 16 пресуди против Бугарија од страна на Судот за човекови права“

Жарчето на сомнежот што тлее во Европската Унија и кое на некој начин е причина за резервираноста во политиката за нејзино проширување, се крие во прашањето дали со членството во Унијата навистина сите нејзини членки станаа вистински европски држави. Дали навистина со самото членство во ЕУ, политичарите од нејзините земји-членки автоматски ги прифаќаат декларираните европските вредности како онаа за еднаквост на сите луѓе, ги почитуваат човековите права за самоопределување, себеименување… и конечно дали ги почитуваат институциите на ЕУ, нивните одлуки и пресуди? Квалификациите и реакциите на бугарскиот претседател Румен Радев во врска со постоењето на македонското малцинство во неговата земја само го разгоруваат тоа жарче на сомнеж за реалниот демократски капацитет и европската „стандардизација“ на лидерите на земјите-членки на ЕУ. Нарекувајќи ги „сепаратисти“ претставниците на македонските здруженија од Бугарија, кои на 28 јануари имаа средба со македонскиот претседател Стево Пендаровски, освен што уште еднаш Радев ја афирмира дискриминаторската политика на Бугарија спрема малцинствата, бугарскиот претседател со игнорирање манифестираше дека нема намера да ги почитува европските институции, односно пресудите на Европскиот суд за човекови права. Одбивајќи го реципроцитетот за заемно признавање на граѓанските (малцинските) права, како што тој бара за Бугарите во Македонија, на ист начин да бидат признаени и оние на Македонците во Бугарија, бугарскиот претседател изразува отворено непочитување на меѓународното право и на европските вредности.
Имено, Радев „предупредува“ дека постапките и однесувањето на претседателот Пендаровски не придонесуваат за толку посакуваниот напредок на Македонија кон ЕУ. Според „логиката“ на бугарскиот претседател, „секое барање за реципроцитет во граѓанските права е контрапродуктивно“.

Различната диоптрија со која бугарскиот претседател гледа на граѓанските права на оние што се изјаснуваат како Бугари во Македонија и на Македонците во Бугарија, го води Румен Радев до апсурдна позиција. Имено, со неговите тези и тврдења со кои Македонците од Бугарија, кои легитимно си ги бараат своите права, ги нарече сепаратисти, Румен Радев практично им закачи сепаратистичка етикета на целата Европска Унија и на нејзините највисоки институции. Според Радев, излегува дека сепаратистички се и Судот во Стразбур и редица други меѓународни тела и органи што досега многупати се изјаснија во полза на Македонците во Бугарија.
Токму Судот од Стразбур, орган на Советот на Европа, како европска институција, од 2001 година носи пресуди (досега 16) со кои ја задолжува Бугарија да овозможи регистрација и право на здружување на нејзините граѓани што се изјаснуваат како Македонци. Повеќе од 20 години Бугарија не спровела ниту една пресуда од Европскиот суд за човекови права, притоа уценувајќи ја Македонија, преку Договорот за добрососедство, да се откаже од каква било поддршка, дури и интерес за своите сонародници од соседството, како еден од условите за повлекување на ветото за почеток на македонските преговори за членство во ЕУ. Пресудите на Судот од Стразбур, меѓу другото, претставуваат индикативен доказ дека Македонците што живеат во Бугарија не го „измислуваат“ своето присуство таму, туку дека и ЕУ ја согледува и потврдува реалноста на нивното постоење во таа држава. И ЕУ преку Европскиот суд за човекови права, во барањата на Македонците за почитување на нивните граѓански права за самоопределување, себеименување и здружување не гледа никакви сепаратистички намери и тенденции. Всушност, и самите Македонци што живеат во Бугарија, претставени преку ОМО Илинден-Пирин, во нивната реакција на изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев изјавуваат дека нивната „партија никогаш не исповедала сепаратистички идеи“, како и дека „досега ниту една македонска организација или Македонец во Бугарија не се обвинети, судени или осудени за сепаратистички активности“. Наедно, во реакцијата Македонците од Бугарија обвинуваат дека „лагата за сепаратизам се користи за да се оправда систематската дискриминација на која подлежат бугарските граѓани со македонска самосвест, дискриминација што доведе до 16 пресуди против Бугарија од страна на Судот за човекови права“.

Според меѓународното право, заштитата на граѓанските права е обврска и должност на секој јавен политички субјект, било на одредена национална држава, или претставници на меѓународни организации. Меѓународното право секогаш претставува супериорна регулатива во меѓународните односи, под кои се дефинирани и билатералните меѓудржавни односи. Во таков контекст, ниту еден билатерален договор, или дури и национален устав, не може да ги суспендира регулативите и правата одредени со меѓународното право. Особено не смее да биде суспендирано меѓународното право со асиметрични договори, кои служат за уцени и спроведување дискриминаторски политики со асимилаторски намери, на кое сака да се повикува бугарскиот претседател Румен Радев. Иронијата стигна дотаму што дури преку „диоптријата“ на таквите однесувања, и самата ЕУ од страна на бугарските политичари веќе е обвинета за антиевропски вредности. Тоа само покажува дека Бугарија целосно го губи компасот. И наместо да ги почитува и спроведува меѓународното право и да им ги признае сите права на македонските здруженија во Бугарија, бара изговори, ги извртува тезите и користи лаги. Но не попусто народот вели на лагата ѝ се кратки нозете. Така, и ваквите бугарски потези се со краток век и ќе бидат отфрлени со згрозеност од целата правдољубива меѓународна јавност.