Работниците на пиедестал

Одбележувањето на годинешниот Меѓународен ден на трудот е сосема различно од претходните години, се наоѓаме во една турбулентна и комплицирана состојба, испреплетена со економска криза, во која треба да се одржи ликвидноста на компаниите, но и да се унапредат правата на работниците. Кризата еднакво атакува и врз стопанството и врз работниците

Први мај ја симболизира борбата за заштита и унапредување на работничките права и се одбележува во знак на почит кон оние што се „мотор“ и движечка сила на македонската економија – работниците, кои, за жал, најмногу го почувствуваа негативниот удар од економската криза предизвикана од пандемијата и воениот конфликт помеѓу Русија и Украина. Уште пред одбележувањето на овој Меѓународен ден на трудот се крена гласот на народот, речиси цел април синдикатите покажуваа бунтовност за работничките права.
Се наоѓаме во една турбулентна и комплицирана состојба, испреплетена со економска криза, во која треба да се одржи ликвидноста на компаниите, но и правата на работниците, а кризата еднакво атакува и врз стопанството и врз работниците.
Одбележувањето на овој 1 Мај е сосема различно од претходните години, најпрво пандемијата, па потоа кризата предизвикана од руско-украинската војна, кои се покажаа како многу штетни за економијата, со губење на работните места, но и прекршување на работничките права.
Економската криза и одлуката за покачување на минималната плата резултираа со огромно незадоволство во повеќе сектори. Синдикалните работници изминатиов период организираа штрајкови и протести. Врие во синдикатите, администрацијата, образованите и кај поштенските работници, кои бараат поголеми плати и подобри услови за работа.
Растот на минималната плата од 15 на 18 илјади денари во приватниот сектор, која е субвенционирана од државата, беше иницијалната каписла што ги разбуди апетитите и во другите сектори. Но не само тоа, листата на барања постојано се проширува.
Главното барање е најмалку 2.806 денари нето-износ линеарно зголемување на сите плати во приватниот и во јавниот сектор веднаш. Но дали со радикализирање на дејствувањето се очекува Владата да ги исполни многубројните барања?
Синдикалците се децидни дека протестот има цел да ги предупреди работодавците и Владата дека се незадоволни од, како што велат, нивниот игнорантски однос кон синдикатите и работниците, поради кој се чувствуваат запоставено и оставени на маргините на општеството. Повисоки плати, скалесто усогласување на платите со порастот на минималната плата, намалување на сиромаштијата, поголем број одржливи работни места, пристојна работа, здрави и безбедни услови за работа, социјална сигурност, почитување на човековите права, нов закон за работни односи, работното правното законодавство во државата да биде усогласено со европското и светското законодавство… се дел од барањата на синдикалците за да почувствуваат унапредување на работничките права.

Состојбите на пазарот на трудот стануваат драматични, а предизвиците сериозни. Многу работни места висат на конец, но се бара и решение за уште куп други проблеми што со години ги тиштат работниците – ниските плати, лошите работни услови, повредите на работничките права, непочитувањето на законите. Промените се нужни, но, сепак, дилемите се колку тие и реално се остварливи.
Битката за работнички права добива на конкретност, но прашањето е дали добива на ефикасност. Упатените предупредуваат дека без солидарност и заедништво, македонските синдикати тешко ќе ја добијат битката за пристојна работа и заработувачка. Додека, пак, од Владата се децидни дека заштитата на работничките права е во срцевината на нивната политика и затоа ќе бидат насочени кон зачувување на секое работно место
Но каде е тежиштето на одбележувањето на 1 Мај во услови на криза и какви лекции ќе извлечеме од овие последователни кризи?
Од почетокот на пандемијата многу работи не се исти. Кога очекувавме пандемијата да престане, се случи конфликтот на Русија и Украина, кој дополнително ја отежнува и онака кревката состојба на економијата. Како и со корона-кризата, со енергетската криза се соочуваат и многу други, поразвиени економии од нашата. Непредвидливите и несигурни состојби во едно општество неминовно силно се рефлектираат на работните односи, затоа што тие, по својата суштина, се тесно поврзани со растот или падот на продуктивноста во економијата.

Сега треба да се размислува како да се забрза развојот на економијата, како во услови на криза да дојдеме до поголем економски раст, како да се спасат работните места, но како и да се унапредат работничките права. Треба да се најдат ефективни и ефикасни решенија, со што ќе се елиминираат препреките од кризите и нема да се дозволат колатерални штети. Справувањето со енергетската криза треба да биде приоритет, затоа што силно удира и врз бизнисот и врз граѓаните, освен тоа ќе треба да вложат многу напори и за зголемување на продуктивноста на работната сила. Без овој предуслов, паѓаат во вода сите надежи за проширување на постојните и привлекување нови потенцијални инвеститори што би вложиле во производствени капацитети што би креирале додадена вредност, а со тоа и позначителен раст на домашната економија.