Поврзување без одложување

Подобрување на патната и железничката инфраструктура и коридорот 8 повторно се враќаат високо на агендата на приоритетите. Развој на стопанството и подобрување на животниот стандард на сите граѓани ќе бидат невозможни ако не почне исполнувањето и почитувањето на предвидените и поставени цели. Во секој сегмент. Ако нешто се започне со градба и ако треба да се изгради за одреден период, тогаш тој рок мора да се испочитува. Ако има термини за тргнување на возовите, тие мора да бидат испочитувани. Прекините и одложувањата мора да прекинат

По средбата меѓу премиерите на Македонија и на Бугарија во Софија беа потпишани нови договори за поголема економска соработка, но и за подобрување на инфраструктурата меѓу двете земји. Договорено е заедничката работна група во чија надлежност е патната инфраструктура, високо на својата агенда да го врати коридорот 8 меѓу врвните приоритети на Европската Унија.
Ова, секако, е добра вест доколку ветувањата и заложбите овој пат се исполнат и не остане повторно сѐ само на убавите зборови, како многупати во минатото.
Обнова и проширување на патот кон Бугарија, изградба на железничката пруга по должината на коридорот осум, како кон Бугарија, така и кон Албанија, но и изградба на автопат кон Албанија, поврзување со пристаништето во Драч се само дел од ветувањата на македонските политичари веќе триесетина години.
Од осамостојувањето во Македонија, во инфраструктурата постојано се „вложуваше“, но голем број клучни инфраструктурни зафати останаа нереализирани. Комплетирањето на автопатот до Гевгелија, автопатот Миладиновци – Штип, или обиколницата на Скопје не е доволно за да кажеме дека имаме значителни инвестиции што ќе овозможат подобар или побрз транзит низ земјата.
А скептицизам кон исполнување на искажаните ветувања веќе се појави и од другата страна на границата. Поранешната бугарска министерка за надворешни работи, на нивниот премиер му посочи дека во последниве години со Македонија само за коридорот осум биле потпишани три меморандуми. Ама меморандумите не градат ниту патишта ниту железници.

Изградбата на железницата се ветува дека ќе биде комплетирана за пет години, или во 2027 година ќе можеме да се возиме со воз до Софија, па и понатаму, ако сакаме.
Надлежните посочија дека за изградбата на железницата кон Бугарија во тек е избор на изведувач на првата и втората фаза, чија изградба би започнала во април, а треба да трае година и пол. Но третата или последна фаза, изградба на пругата до граница, треба да заврши во 2027 година, бидејќи на средината на годинава треба да се распише меѓународен повик, по што ќе следуваат преостанатите активности поврзани со изградбата. За да се исполнат овие планови, надлежните позајмуваат средства од европски институции, но и грантови од ИПА-инструментите, а ќе биде потребно и да се задолжиме кај други финансиски институции. Ова е причина повеќе за доза на скептицизам, ако сме свесни дека нашата држава изминатиов период значително ја зголеми задолженоста на државата поради ковид-кризата, па можностите за нови заеми ќе ни бидат „отежнати“.
Дополнително, граѓаните имаат голема недоверба во реализацијата на најавените проекти и поради досегашното искуство, кое вели дека секој најавен проект се одложува и по неколку години од повеќе различни причини. Автопатот кон Охрид исто така беше одложен, па патувањето кон овој наш туристички бисер стана уште потешко отколку што беше претходно. Но, сепак, радува фактот дека нешто се гради.
Дополнително, деновиве повторно имавме штрајк на машиновозачите во земјава. Револтирани поради доцнењето на платите, тие се одлучија повторно да прекинат со својата работа, потенцирајќи дека треба да се најде соодветно кадровско решение на раководните позиции, кое ќе обезбеди навреме плати, за да не дојде до прекини во нивното здравствено осигурување или во нивните примања.
Но ваквите прекини веќе стануваат редовна појава. За неколку месеци железничкиот превоз беше целосно прекинат поради доцнење на платите на машинистите, а поради повторувањето на причината за прекинот, сосема е за очекување дека истото тоа може да се случи и во иднина.

Иако се разбирливи револтот на машинистите и нивната одлука за прекин на дејноста, сепак, штетата што се прави со ваквите одлуки е огромна. Откажаните линии, кои и онака се малку и недоволни, ги демотивираат граѓаните од нивно користење во иднина. Малкуте патници што го користат железничкиот превоз се револтирани од ненајавениот прекин на превозот, бидејќи беа принудени да бараат алтернативи во пет до дванаесет. Ваквите нервози, особено на оние на кои извисениот превоз им создал големи проблеми ќе бидат причина повеќе да не се ослонуваат на железницата и да не ги користат нејзините услуги. А намалувањето на бројот на патници веќе стана тенденција, но со ваквото откажување може да стане и традиција. А ако ги снема патниците, приливите кај железничките претпријатија уште повеќе ќе се намалат, а со тоа и средствата за плати на целиот персонал во овие компании.
Дополнително, откажаниот или прекинатиот железнички превоз ги расипува плановите на компаниите што ги користат товарните вагони. Без оглед дали станува збор за еден, два или три дена прекин, доколку стоката треба да се испорача на одредена дестинација, доцнењето повлекува пенали, пенали што се на штета на компаниите што ги користат услугите на железницата.
Во отежнатите економски услови на работење, ваквите прекини во транспортот предизвикуваат дополнителна и голема финансиска штета и загуба на нашите компании.Развој на стопанството и подобрување на животниот стандард на сите граѓани ќе бидат невозможни ако не почне исполнувањето и почитувањето на предвидените и поставени цели. Во секој сегмент. Ако нешто се започне со градба и ако треба да се изгради за одреден период, тогаш тој рок мора да се испочитува. Ако има термини за тргнување на возовите, тие мора да бидат испочитувани. Прекините и одложувањата мора да прекинат. Неопходни е посветеност и исполнување на планираните инвестиции, за подобрување на животот за сите во оваа наша Македонија.