Подобро дијалог отколку штрајкови

Во суштина, проблемот не е парцијален, туку генерален и се однесува на сите. Исто како и причините што довеле до ваквите состојби. Во прашање е системска грешка, поради која толку често се доведуваме до вакви безизлезни и безалтернативни состојби. Во состојби на барање излез и постфестум-реакции наместо превенирање и решавање на проблемите пред да ескалираат. Нели е многу пологично и побезболно во сите овие сектори каде што деновиве се штрајкува да имало конструктивен дијалог претходно, да се дискутирале, решавале и превенирале сите проблеми претходно, наместо да се чека да дојде нож до коска, како што вели народот

Во моментот кога државава и светот се исправени пред најголема економска, енергетска, ценовна и безбедносна криза по Втората светска војна, нашата држава се соочува со уште еден предизвик, отсликан преку серија штрајкови.
Деновиве штрајкуваат учителите, наставниците, професорите, матичните лекари, јавната администрација, вработените во судовите, културата, науката…, а со масовни штрајкови се закануваат и превозниците, транспортните работници, земјоделците… Кризата секако ја чувствуваме и се одразува врз сите, а формата на изразување незадоволство преку штрајк е законски загарантирана и овозможена. Но тука прашањето е во нешто сосема друго и за тоа малку подолу во написот.
Инаку, сите што протестираат бараат зголемување на нивните плати и нивно усогласување со зголемувањето на минималната плата и почитување на колективните договори. Во ситуација кога цените на производите секојдневно се зголемуваат и кога трошоците за живот енормно растат, а животот во државата стана доста скап, се чини дека протестите се сосема очекувани.
Во таква ситуација, кога цените на производите и услугите, особено на основните прехранбени продукти, се менуваат секој ден и кога инфлацијата чука на врата, а потрошувачката кошница е сѐ попразна, навистина е исклучително тешко да се преживее со (пот)просечна, а камоли со минимална плата. Во овој момент на огромна криза, и минималната плата не стигнува за ништо, а да не зборуваме за тие што земаат и пониски примања.
Сите што деновиве протестираат бараат Владата да им ги покачи платите и на тој начин им ги реши нивните егзистенцијални и животни проблеми. Штрајковите доаѓаат во период кога Македонија, како и најголемиот број соседни држави и државите од опкружувањето, се среќава со најголемата енергетска криза и кога најбогатите држави во светот се прашуваат како да обезбедат струја и енергија за да не потонат во мрак и да не го прекинат производството во голем број индустриски капацитети, кога се бараат начини колку-толку да се одржи некаква ценовна стабилност, да се пополнат стоковните резерви со клучните производи и уште еден куп други проблеми и предизвици што чекаат за решавање.

И тука лека-полека доаѓаме до суштината на сиве овие наталожени проблеми. И притоа никој не го поставува прашањето од каде ќе се најдат пари да се исполнат и удоволат сите барања. На чиј грб ќе падне тоа, дали врз стопанството и бизнис-заедницата, кои и онака мака мачат како да опстанат. Или повторно товарот за, условно кажано, гасењето пожар и ублажување на состојбите во некој сектор ќе го платат сите граѓани и целата држава со нови задолжување и сл. Некои веројатно сметаат дека тоа не е нивни проблем, дека тоа е проблем на власта, која треба и мора да најде пари. Наместо ние постојано да се задолжуваме за да го преживееме месецот, нека се задолжи државата ако сака да ги преживее штрајковите и протестите. Веројатно има и вакви размислувања помеѓу оние што штрајкуваат. Но, во суштина, проблемот не е парцијален туку генерален и се однесува на сите. Исто како и причините што довеле до ваквите состојби. Во прашање е системска грешка, поради која толку често се доведуваме до вакви безизлезни и безалтернативни состојби. Во состојби на барање излез и постфестум-реакции наместо превенирање и решавање на проблемите пред да ескалираат.
Затоа и сме дошле до вакви ситуации на наталожено и акумулирано незадоволство изразено преку штрајкови наместо систематско превенирање и решавање на проблемите уште во нивниот зародок. Или, со други зборови, сме се довеле во ситуација да гасиме пожари наместо да превенираме и не дозволиме тие да пламнат. Нели е многу пологично и побезболно во сите овие сектори каде што деновиве се штрајкува да имало конструктивен дијалог претходно, да се дискутирале, решавале и превенирале сите проблеми претходно, наместо да се чека да дојде нож до коска, како што вели народот.
Се размислувало ли за платите и одржливоста во секторот образование, државна и јавна администрација и други сектори, претходно кога се трупаа партиски кадри таму, се измислуваа работни места и се зголемуваше бројот на вработените за неколкукратно повеќе од потребното. Звучи парадоксално, но дури и деновиве, во време на штрајкови и протести, секојдневно сме сведоци како во државните институции, јавните претпријатија, установи, локални самоуправи, образовни институции се вдомуваат партиски кадри што ни сами не знаат што ќе работат.
И, така, постојано во круг. До некој следен штрајк. Особено тешко може да се дојде до решение кога се води дијалог на глуви и кога никој не сака да ги (со)слуша аргументите на другиот. И, што е уште потрагично, не се планира однапред и не се води сметка за последиците и ефектите од мерките и политиките што се преземаат. Дијалогот мора да постои и да се воспостави, меѓу власта и бизнис-заедницата, меѓу власта и синдикатите, меѓуресорски…, буквално на сите нивоа. И не само да постои како форма туку да има и своја суштина. Да се сослушуваат аргументите на сите и потоа заеднички да се наоѓаат најдобрите решенија. Само така ќе се превенираат најрадикалните методи како што се штрајкови.

Иако состојбата е загрижувачка, па дури и критична во некои сектори, државата тешко наидува на разбирање кај незадоволните работници и граѓани. И за ова, секако, има длабоки причини. Но гневот на работниците ќе биде многу помал доколку и Владата, со сите свои министерства, институции, установи на сите нивоа, од локално до државно ниво, еднакво се соочува со кризата и ги трпи последиците од неа. Обичните граѓани одамна се соочени со крпен живот и живот на рати.
Но луѓето што ја водат државата сѐ уште не го виделе тој филм и на државата гледаат како на крава молзница. Некои неодговорни политичари и натаму живеат на висока нога. Се добива впечаток дека државата и натаму доста троши и тоа што најмногу ги боли и револтира граѓаните за непотребни работи: купување мебел, автомобили, службени патувања, исплата на советници, консултанти, пиар-служби… И тука треба промени и демонстрирање многу поголема одговорност и отчетност. Зашто трошењето на народните пари треба да е во функција на подобар стандард и благосостојба на сите граѓани, а не само на одредени категории и структури во општеството.
И во време на оваа криза, кога се жалат дека не можат да ги покријат платите и да ги платат сметките за струја, и натаму вработуваат непотребен административен кадар.
И додека приватните компании, каде што платите се многу повисоки од просечните, се соочуваат со огромен недостиг од квалитетни стручни и професионални кадри и мака мачат како да најдат работници, за наши услови добри плати, секојдневно сме сведоци како во државните фирми, јавните претпријатија, установи, локални самоуправи и во време на протестите се вдомуваат партиски кадри што ни сами не знаат што ќе работат.

Покрај партиски кадри, се вработуваат и голем број семејни и лични пријатели. Никој од нив не размислува да бара работа во приватните компании, каде што платите се многу повисоки дури и од просечните. Многумина од тие што денес протестираат никогаш не го кренале гласот против партиското и непотребно вработување, за кое се издвојуваат огромни буџетски средства.
Од децениски најавуваната реформа на јавната и државната администрација сѐ уште нема ништо. Токму поради таквите политики голем број млади луѓе што не успеаја преку партиите да се вдомат во државните служби, ги напуштија своите домови и заминаа на печалба.
На Македонија ѝ треба целосна реформа за тоа како се трошат буџетските пари. Без соочување со реалноста за тоа како се трошат народните пари и без напуштање на сегашните политики на „нишај врата – земај плата“ не само што ќе нема пари за тие што сега протестираат туку ќе нема и народ.
Тогаш ќе нема ни кој да протестира и залудно ќе го поставуваме прашањето што ни се случи со државата и кој прв почна.