Оперирани од одговорност

Не, не… Овој пат не алудирам на почитување на „пропишаните мерки“ од државата. Не се работи за тоа. Овој пат алудирам на совеста кај секој граѓанин, за внатрешното држење на нашите граѓани поединечно за заразата, за чувството на морална одговорност за корона-проблемот кај секој од нас, за автоодговорноста, како и за одговорноста кон најблиските, семејството, пријателите, опкружувањето. Зарем навистина сме „оперирани“ од таа внатрешна наша лична и длабока одговорност и од свесно и совесно однесување кон нешто што значи општествена одговорност, грижа за нацијата и излегување од криза со заеднички сили?!

Празниците се на прагот, колку и да негираме, многумина го фатија новогодишниот ритам. Забави по завршувањето на работното време, журки во кафулиња и ресторани, организирани детски претстави на отворено, се само мал дел од предновогодишната понуда на Скопје, а и на другите градови. На прашањето кој каде ќе слави, граѓаните се со поделени ставови. Некои од нив дома во кругот на семејството исплашени за сопственото здравје, други, пак, вакцинирани, ќе ја живеат новогодишната ноќ и во полн свој капацитет ќе се журкаат, ќе пијат, ќе ја испраќаат 2021 година со надеж никогаш да не се повтори.
На големо се чувствува таа еуфорија во градот и, се разбира, со тоа излегува на виделина колку се огромни несовесноста и нечовечноста на многумина.
Социјалните мрежи се преполни со самослик-фотографии и кратки приказни за забавите на кои присуствуваат – секаде исклучиво без никаква здравствено-безбедносна заштита, без почитување на индивидуалните, а и на колективните превентивни мерки за спречување на ширењето на коронавирусот. Не, не велам „пропишаните мерки“. Не се работи за тоа. Овој пат, алудирам на совеста кај секој граѓанин, за внатрешното држење на нашите граѓани поединечно за заразата, за чувството на морална одговорност за корона-проблемот кај секој од нас, за автоодговорноста, како и за одговорноста кон најблиските, семејството, пријателите, опкружувањето. Зарем навистина сме „оперирани“ од одговорност и од свесно и совесно однесување кон нешто што значи општествена одговорност, грижа за нацијата и излегување од криза со заеднички сили?! Тоа се постигнува со индивидуална одговорност, свест и совест! И со емпатија, се разбира…
Зарем никој од нас не слушнал за многубројните научни трудови и анализи за вакцините каде што пишува дека вакцината може да ве заштити од посериозни компликации, но не и да заштити комплетно од болеста и нема апсолутно да го спречи ширењето на вирусот. И малку да карикирам: вакцината не може да нѐ направи бесмртни…

Оттука и го извлекувам прашањето – кој ли со вакцините им даде право на пелцуваните да се однесуваат како бесмртни богови на животот? Да „си играат“ со здравствената безбедност на другите граѓани, а и да ја загрозуваат колективната јавна здравствена сигурност?
Каде отидоа етичноста и совесноста?
Дополнително ќе сведочиме на „совесноста“ на граѓаните доколку на градскиот плоштад се организира новогодишна прослава, со оглед на тоа што ќе биде на отворено, а досегашната пракса покажува дека и тогаш нема да се носат маски или ќе носат малкумина, кои, секако, ќе се држат понастрана од сите други.
И покрај масовната вакцинација насекаде во светот, омикрон ги заниша лабавите столбови на безгрижниот живот, па многу градови одново се затворија. Голем број доктори и кај нас велат дека за претстојните празници е потребно да се заштитиме колку што е можно повеќе, па препорачуваат дури и воведување мерки што ќе имаат цел да ги заштитат сите – и вакцинирани и невакцинирани, но вакцинираните, па и оние со лажни сертификати мудро ги игнорираат сите препораки. Прослави за Нова година веќе на големо се организираат, новогодишни прослави се реализираат и сега пред празниците со колеги, со друштво од основно, од средно, онака „лабаво и без маски“?! Каде заминаа маските, кои на почетокот на здравствената криза сите ги носеа, па дури и по две одеднаш? Каде е совесноста, каде е грижата за сопственото, а потоа и за туѓото здравје? Вакцината не штити од зараза, зошто никој не го почитува тоа и не се обидува да се заштити најдобро колку што може.

Кај нас не можете да бидете ниту заштитени од фалсификувани сертификати, кои на големо се открија во земјава, откако Министерството за внатрешни работи реализира голем број акции низ дискотеките, клубовите и кафеаните. Значи на забава може да отиде секој. И вакциниран и невакциниран, но со лажен сертификат. Па, ако само вакцинираните можат да присуствуваат на забави и да посетуваат киносали и театри, како се заштитени ако секој поединец може да си купи лажен сертификат и да ги ужива истите права како и вакцинираните? Којзнае колку време ќе помине додека надлежните да откријат дека еден човек шета со лажен сертификат, а можеби и никогаш никого нема да фатат.
МВР не може глава да крене од работа, што од ловење лажно вакцинирани, што од фаќање лица што не носат маски, па и од заловување пиротехника низ државава.
Залудни се сите напори од надлежните, граѓаните едноставно не соработуваат, веќе им дојде прекуглава, па сега веќе опуштено сакаат да го живеат животот, без да се грижат за вируси и мерки.
Сепак, таквата опуштеност може да нѐ чини живот на некој близок, таквото себично однесување може да биде причина за повторно нагло ширење на вирусот и за огромен број заболени, со што директно ќе се оптовари здравствениот систем и повторно сѐ ќе падне на плеќите на здравствените работници, кои две години живеат обидувајќи се да нѐ заштитат од вирусот.

[email protected]