Охридската архиепископија суштински сегмент од македонскиот идентитет

Издвојувањето на Охридската архиепископија како посебен црковен субјект, со сите понатамошни предизвици и процеси до севкупното прифаќање и признавање на нејзината автокефалност од другите православни цркви, преведено од световен јазик, означува признавање и на посебен национален субјект што своите верски чувства и уверувања ги практикува во своја национална црква

Во контекстот на демократските принципи на современоста што ја живееме, кога верувањето, уверувањето и себеидентификувањето се право на личен избор и слобода на изразување, придвижувањето на прашањето за признавање (односно надминувањето на расколничкиот статус во православниот свет) на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, за Македонија, секако, има значење пошироко и подлабоко од „само“ црковно-религиозен аспект. Чинот на Вселенската патријаршија од Цариград дека „ги прима ерархијата, свештенството и народот на оваа црква предводени од архиепископот Стефан во евхаристиската заедница, со што ја залекува раната на расколот“, не само за МПЦ-ОА туку за нашата држава Македонија, за сите верници и „неверници“ во неа, има особена важност во смисла на зацврстување на позицијата за посебноста на македонскиот национален идентитет, како на внатрешен, така и на надворешен световен план. Комплексноста, слоевитоста, па и релативноста на времето во функционирањето и поставеноста на (меѓу)црковните односи во православниот свет, никако не треба да се ставаат во корелација со динамиката, методите и желбата за брзи решенија на световната политика, иако не треба да се исклучи интерферентноста на интересите на одредени влијателни фактори од едниот и другиот „свет“. Рефлексијата на односите од едната врз другата политика, како низ историјата, така и во сегашноста, помалку или повеќе видливи, секогаш е неизбежна. Кога ќе се осознае и прифати таквата поставеност на односите меѓу црковната и световната политика, навидум „строго ограниченото“ признавање на канонското единство на Македонската православна црква, само под името на Охридската архиепископија од страна на Вселенската патријаршија, претставува чекор што не се мери со единица мерка за должина, туку со временска одредница од најмалку половина век. Во нашиот конкретен случај: 55 години по самостојното прогласување автокефалност од страна на МПЦ, во 1967 година.

Во такви услови, просторот за воздржаност во реакциите на македонската јавност, што го остави „прецизноста“ на соопштението на Вселенската патријаршија, дека „канонската територија на црквата ќе биде ограничена на територијата на државата С. Македонија, но Константинопол ѝ остава на Српската православна црква да ги регулира административните прашања со црквата во С. Македонија“ – секако е израз на внимателност од еуфории, предизвикани од искуствата со тековните премрежиња за македонскиот национален идентитет, поврзани со предизвиците поставени од политичките договори за добрососедство со соседите Грција и Бугарија. Но, согледано од аспект дека досега во православниот свет практично не беше воопшто перципирано (односно беше игнорирано) постоењето на МПЦ и нејзините верници, прифаќањето на Вселенската патријаршија на македонската црква (иако засега нема користење на името Македонија и изведени зборови од именката) претставува своевидна револуција според црковните стандарди на дејствување. Нашата Охридска архиепископија како посебен црковен субјект, со сите понатамошни предизвици и процеси до севкупно прифаќање и признавање на нејзината автокефалност од преостанатите православни цркви, преведено од световен јазик, означува признавање и на посебен национален субјект што своите верски чувства и уверувања ги практикува во своја национална црква. Секако, тоа е нова состојба, која предизвикува раздвижување и реакции не само во православниот црковен свет туку и во реалниот контекст, па и од геополитички размери, во кој сме сведоци дека деструктивни и хегемонистички сили го обременуваат со агресивно негирање на македонскиот национален идентитет и аспирации за негова асимилација и присвојување.

Реакциите (воздржани, навреденост, па и неприфаќање) од страна на оние православни црковни субјекти што се сметаат засегнати од потегот на Вселенската патријаршија со приемот на Охридската архиепископија во евхаристиската заедница – во најголема мера очекувани и предвидливи – се претежно мотивирани од политичките интереси. Но се чини дека она што постојано се запоставува под доминацијата на толкувањата на политичките интереси е тоа дека кога се зборува за прашања од црковна природа, се заборава на она што е иманентно – вредностите и духот на христијанството за заедништво, сомилост, сочувство и верувањето дека сите луѓе се еднакви пред Бога. Тргнувајќи од таа (често потисната) христијанска премиса, и Македонците и Македонската православна црква-Охридска архиепископија (која и покрај сите искушенија успеа да ја одржи верата во Македонија жива, динамична во ширењето на православието, со големо значење за кохезијата на националното ткиво) го имаат правото да бидат свои и еднакви пред Бога. А сите оние што се сметаат засегнато од тоа право на Македонците, пред да тргнат да го оспоруваат и негираат – нека се потсетат токму на заедничките вредности и духот на христијанството, но и во духот на која било религија.