Oд нас зависи

Да бидеме искрени, ние никогаш не сме имале некоја особена среќа со Португалија. Сè уште нè печат раните од Лисабонската декларација кога пред речиси 30 години Советот на тогашната Европска заедница, повторно под португалското претседателство, наместо да ја признае Македонија (бидејќи таа ги исполни условите утврдени од заедницата), под силен притисок на  Грција, донесе политичка одлука без покритие, барајќи од Македонија да прифати „име што не го содржи  терминот Македонија“

Ако по утрото денот се познава, тогаш Македонија тешко ќе ја огрее европското сонце барем уште најмалку половина година. Првата новогодишна „честитка“ пристигна од Лисабон, каде што новиот претседавач со Унијата, Португалија, експресно го демантираше шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, кој на почетокот на неделата посочи дека во првичните контакти со португалското претседателство била искажана сериозна намера да се продолжи процесот за проширување што остана од германското претседавање со Унијата. Но Португалија не само што соопшти дека нема намера да се занимава со проширувањето туку отворено ја поддржа и Бугарија, искажувајќи јасен став дека „не е во ред да се обвинува Бугарија за попречување на процесот, бидејќи токму таа држава е еден од силните поддржувачи на проширувањето на ЕУ“.
Пораката од Лисабон е повеќе од јасна, процесот на проширување во овој период е мртов, а прашање е дали воопшто и ќе оживее гледајќи го развојот на настаните во Европа, но и во САД.

Португалски приоритети сега се дигитализацијата, екологијата и средување на односите со Африка, а најмалку Македонија и нејзината преговарачка рамка.
Да бидеме искрени, ние никогаш не сме имале некоја особена среќа со Португалија. Сè уште нè печат раните од Лисабонската декларација кога пред речиси 30 години Советот на тогашната Европска заедница, повторно под португалското претседателство, наместо да ја признае Македонија (бидејќи таа ги исполни условите утврдени од заедницата), под силен притисок на Грција, донесе политичка одлука без покритие, барајќи од Македонија да прифати „име што не го содржи терминот Македонија“.
Ако гледаме така, Португалците дури и на „Евровизија“ секогаш ни даваа најмалку поени, така што, според речникот на нашиот источен сосед, „не нè обичат“ многу и нема зошто да полагаме некакви надежи во нивното претседателствување со Унијата.
Токму од тие причини Македонија сите свои надежи за почеток на пристапните преговори ги полагаше на германското претседателство, но кога и тоа не успеа да го протурка отворањето на преговорите, повеќе од јасно беше дека земјава останува во европската чекалница на неодредено.
Потоа фокусот се насочи кон Вашингтон, особено по изјавите на високи американски дипломати дека билатералните спорови треба да се решаваат независно од пристапниот процес во ЕУ, што на некој начин значеше поддршка на македонската позиција во спорот со Бугарија и надеж дека администрацијата на новиот американски претседател Џо Бајден повеќе ќе се посвети на Балканот.

Но каков што ѝ е касметот на оваа земја, дури и на САД им се случи „27 април“, така што по тамошниот упад во Конгресот во кој смртно настрадаа најмалку четири лица, Американците уште долго ќе се справуваат со проблемите што ја гризат земјата однатре, а многу помалку фокусот ќе им биде на надворешната политика, особено не на Балканот. Американскиот „27 април“ сериозно го наруши американскиот кредибилитет како земја лулка на демократијата, која најмалку сега може да им кажува на другите како треба демократски да се постапува.
Значи и ЕУ и САД на некој начин го загубија кредибилитетот да кажуваат што се демократски вредности, кога и самите не ги почитуваат.
Што значи тоа за нас? Ништо друго, освен дека сме оставени сами на себе. Да не се залажуваме со дипломатските флоскули дека работиме заеднички со пријателите од ЕУ и од САД на отворањето на европските перспективи на земјава. Ништо не работиме и тоа е факт. Исти изјави 30 години, а животот на македонските граѓани станува сè помизерен. Насекаде може да се забележи тоа. Ако пред дваесетина години на Нова година секоја втора куќа беше украсена, сега во цело Скопје преку сила може да се избројат 20 куќи од кои трепкаат новогодишни светилки. Верувам дека е така во целата земја, не затоа што домаќините ги замрзело да украсуваат, туку затоа што изгубија секаква надеж дека нешто убаво може да се случи во секоја наредна година што доаѓа.

А што треба да направиме за да не ја убиеме и надежта, оти ако отиде и таа, отидовме сите јабана.
Прво и основно, да почнеме да веруваме во себе, дека ние сме тие што треба да ги направат промените, а не ЕУ или САД „да ни бидат камшикари“. Да прекинеме со партиските поделби и да се обединиме. И која било следна власт да дојде, ќе се соочи со истите предизвици и нема да ги реши ако оди по линија на поделби, реваншизми и кавги.
Второ, предност да им дадеме на квалитетот и на знаењето пред партиското пополнување места. Само луѓе што знаат како, можат да наоѓаат решенија за проблемите што со години се наталожиле во ова општество.
Трето, функционирање на правната држава за сите, да се знае дека секој што работи спротивно на законот, без оглед дали е функционер или обичен граѓанин, ќе одговара за стореното и праведно ќе биде казнет. Од друга страна, да бидат наградени оние што придонесуваат за напредок на земјата.

Четврто, фокус на изградба на инфраструктура, патна, здравствена, образовна и секаква друга, бидејќи само така ќе има економски напредок и просперитет.
Петто, поголема грижа за екологијата, оти во здрава средина живеат и здрави луѓе.
Ако успееме барем овие пет работи заеднички да ги исполниме, верувам дека тогаш и како земја ќе ѝ станеме поинтересни на Европа, но прашање е дали таа ќе ни остане интересна нам по сите разочарувања што ги доживеавме од нејзина страна? Како и да е, да сработиме еднаш како што треба, па да видиме, или како што своевремено пред повеќе години токму на „Евровизија“ пееше Каролина „Од нас зависи“. Сега навистина од нас зависи.