Нула толеранција за дивеењето во сообраќајот

Во просек годишно околу 125 лица го губат животот во сообраќајни незгоди во државата. Статистичките податоци покажуваат и дека во просек во земјава годишно се случуваат околу 3.500 сообраќајни незгоди, во кои се повредуваат полесно или посериозно меѓу 5.500 и 6.000 лица. Тоа се наши сограѓани, роднини, соседи, пријатели, колеги… Сите овие бројки се доволен показател дека треба уште многу да се работи за да се подобри статистиката и да се издигне нивото на сообраќајна култура. И тоа да се работи на сите полиња. Зашто сообраќајот не е Див Запад и дивеењата од секој вид мора да престанат

Граѓаните во нашата земја деновиве се сведоци на нов црн сообраќаен билтен, каде што настрадаа повеќемина граѓани во серија тешки сообраќајни несреќи.
Како да е малку пандемијата што немилосрдно коси животи веќе втора година, па почнавме да плаќаме прескап данок во животи на нашите патишта. Овие трагедии, кои се случија во расчекор од само неколку дена, однесоа животи на наши сограѓани и ги завија во црнина членовите на нивните семејства. Но, истовремено, тоа е сериозна порака до сите што на еден или друг начин учествуваат во сообраќајот, било да се возачи, пешаци, инструктори што вршат обука, сообраќајци и сите преостанати чинители. Сообраќајот и управувањето моторно возило се сериозна и многу одговорна дејност, во која не се дозволени какви било отстапки или, пак, импровизации. Последиците и траумите и врз поединецот и врз општеството од пропустите и грешките во сообраќајот се далекосежни и скапо чинат.
За жал, со години ваквите настани испишаа долг и црн список на наши сограѓани што трајно беа осакатени и повредени во сообраќајни несреќи. Тие се жив сведок на опасната закана што демне од невниманието на патиштата и со која секојдневно се соочуваме. Ништо не е повредно и позначајно од животот. Но дали доволно се цени тоа?
Имено, според податоци од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот (РСБСП), ако се анализираат последните две години, може да се заклучи дека во Македонија, во просек, годишно околу 125 лица го губат животот во сообраќајни незгоди.
Статистичките податоци покажуваат и дека во просек во земјава годишно се случуваат околу 3.500 сообраќајни незгоди во кои се повредуваат полесно или посериозно меѓу 5.500 и 6.000 лица. Тоа се наши сограѓани, роднини, соседи, пријатели, колеги…
Припадниците на службите за безбедност во сообраќајот и полицијата мака мачат да го решат или барем ублажат овој проблемот, за што сиве изминати години се преземени редица мерки. Ваквите потези, секако, се за поздравување и веројатно треба уште повеќе да се интензивираат за да се спречи и санкционира секој обид за дивеење во сообраќајот, непочитување на правилата и прописите и демонстрација на сообраќајна некултура.

Конкретно, само по последното деноноќие на сообраќајниците низ земјава се казнети 474 возачи што ги прекршиле законите и возеле со брзина поголема од дозволената. За споредба, пак, со годината што измина, Министерството за внатрешни работи во текот на 2021-та изрекло 240.871 санкција за непочитување на сообраќајните правила, што е за четири пати повеќе споредено со 2020 година, кога биле изречени 55.444 санкции. Од овие 240.871 санкција, најголем дел е за пребрзо возење – 104.703, прекршок што според сите анализи е најчеста причина за сообраќајни несреќи со тешки последици. Покрај тоа, дополнително се санкционирани 24.053 лица за управување без возачка дозвола, 10.360 возачи што возеле под дејство на алкохол итн. Сите овие бројки се доволен показател дека треба уште многу да се работи за да се подобри статистиката и да се издигне нивото на сообраќајна култура. И тоа да се работи на сите полиња.
Попусто надлежните смируваат со изјави од типот „грижата за безбедноста на патниците е на највисоко ниво“, кога во реалност, нашата сообраќајна културата е на многу ниско ниво. Можеме да сонуваме за сообраќај и сообраќајна култура како во Швајцарија, Австрија или во Германија, бидејќи ниту патиштата ни се како таму, ниту, пак, културата кај возачите е на потребното високо ниво, за што доволно говори секојдневието, не само во метрополата туку и воопшто во земјава. Малолетници управуваат возила, возачи се однесуваат како камикаѕи, возејќи над дозволеното, не се почитува сообраќајната сигнализација, се вози под дејство на алкохол или други супстанции што дејствуваат на психофизичката состојба, се фаќаат врски за полагање итн.
Понекогаш доволно е само да се прочитаат билтените на полицијата и ќе се утврди дека буквално нема ден а да нема барем едно превртено возило по автопатиштата и регионалните патишта. Веројатно друг проблем се и големиот број стари и неисправни возила што се движат по патиштата. Овие возила се присутни во сообраќајот само затоа што во некои станици за технички преглед не се вршат детални контроли на нивната исправноста, туку клиентите се привлекуваат со гаранција дека бргу ќе се поминат тестот и контролата. Состојбите на оваа тематика се уште повознемирувачки ако се знае дека со години во јавноста се шпекулира дека комисиите од испитниот центар при полагањето возачки испити често се договараат колку кандидати да положат, а на социјалните мрежи и во медиумите се појавуваат и сведоштва за барање или давање мито и поткуп за да се положи возачки испит. Ваквите состојби мора да престанат, но и да се откријат и остро да се санкционираат, доколку се потврдат и докажат. Зашто секој незрел и неподготвен учесник во сообраќајот од кој било аспект е потенцијална бомба за сите други учесници. Тој е закана и за сопствениот живот, но и за животите на преостанатите учесници.

Дополнително, сообраќајната некултура се вградува во менталитетот на луѓето од најмали години, па во пресрет на второто полугодие, не е лоша ни замислата токму поради последните случувања на децата да им се интензивираат часовите каде што ќе се учат учениците од најмали години како да се однесуваат на улиците кога ги преминуваат.
Сообраќајот е комплексна дејност, која ги вклучува речиси сите аспекти на човековото живеење – од голем број различни институции до секој поединец, од водење осмислена политика на национално ниво, па до сообраќајна едукација на секое дете и секој возрасен. Оттука, на прашањето за ниската безбедност во сообраќајот во земјата и можните начини за подобрување на безбедноста, единствено може ефективно да се одговори со градење долгорочна добро осмислена политика, во која со поддршка на граѓаните ќе изградиме јасно дефинирани цели и мерки за поголема сигурност на патиштата.
Институциите треба сериозно да поработат на меѓусебна соработка и да ги превенираат, спречат или максимално да ги намалат последиците од несреќите на патиштата во државава.

[email protected]