Ново сонце на слободата

Без оглед што и да се случува во соседна Бугарија во следниот период, треба да е јасно дека Декларацијата во бугарското собрание ќе остане „Свето писмо“ за сите сегашни и идни бугарски политичари, за век и навек. Крајно време е и овдешната
јавност да престане да се занимава со случувањата на бугарската политичка сцена, да почне да ги притиска домашните политичари да работат на подобрување на
состојбите дома, наместо да ја ставаат земјата во подредена положба во однос на Бугарија заради некаква неизвесна условена европска иднина. Чесно е да се каже дека Бугарија е завршена приказна, Македонија ѝ подаде рака, Софија врати со непријателство и со навреди. Ако ЕУ е друштво во кое зачленувањето зависи од бугарските наместо од европските критериуми, влез во таква Унија не ни е потребен. Таа Унија е повеќе бугарска отколку европска

Ниту по 15 години членство во Европската Унија, Бугарија не успеа да се европеизира и да покаже лидерство во евроинтегративните процеси меѓу земјите од Западен Балкан, туку, напротив, покажа дека е новиот лидер во ретроградните процеси, започнати уште во втората половина на 19 век. Однесувањето на Бугарија е резултат на погрешниот европски пристап кога во членство се примаа држави само заради геостратегиски причини, а не поради исполнети критериуми, па затоа таквите европски недозреани членки сега го покажуваат сиот гниеж од кој се зафатени одвнатре и, згора на тоа, се обидуваат сопствената гнилост да ја претстават како нешто здраво и добро.
Тоа е таа лицемерна Бугарија, земја-членка на Европската Унија, која со години држи во заложништво еден цел народ, забранувајќи му сопствен идентитет, јазик и историја, нешта што не соодветствуваат со европските вредности на кои Бугарија се обврзала кога го потпишувала Договорот за пристапување во ЕУ.
Последниве денови македонската јавност е сведок на „театарот“ што се одвива на бугарската политичка сцена и драмолетките на шоуменот Трифонов, на патриотските изблици на Борисов, на продавањето институционална магла од страна на Петков, сето тоа дополнето со повремена појава на понекој бугарски европратеник, за кого најголемо национално предавство е отстранувањето на ветото за Македонија, а не децениското ограбување на бугарскиот народ.
Сето ова наведува на една работа, дека што и да се случувало во Бугарија, во минатото, сега, но и во иднина, една работа останува константа – нивната опседнатост со Македонија.
Кога пред неколку месеци дел од овдешната јавност во новиот бугарски премиер Кирил Петков виде прозападно ориентиран политичар, школуван на престижниот Харвард, се создаде впечаток дека можеби тој конечно ќе се оттргне од шинелот на Живков и ќе почне да ја гледа големата слика, за една европска Бугарија, која ќе ги турка соседните земји во прегратките на Европа, ќе гради искрени и пријателски односи, ќе ги развива економијата, инфраструктурата, културата и сета можна друга соработка со нив.

Но се покажа дека тој бугарски шинел уште мириса на Сан Стефано и продолжува да ги опива сите бугарски политичари, без оглед дали биле школувани на Харвард, Оксфорд, Беркли и каде уште не.
Па, така, Петков многу брзо прозападниот и европски наратив го замени со старата плоча, дека нема македонски народ пред 1944 година, дека македонскиот јазик е бугарски дијалект, а историјата треба да биде онаква каква што ја посакуваат бугарските историчари.
Во таа насока може да се протолкува и неодамнешната одлука на Бугарската православна црква, која наместо да покаже православна големина и да ја прифати МПЦ-ОА во канонско единство во духот на христијанството, си даде слобода да биде „кума“ на Македонската православна црква.
– Светиот синод ги разгледа писмата на вселенскиот патријарх Вартоломеј и српскиот патријарх Порфириј во врска со каноничниот статус на Православната црква на С. Македонија и, по спроведеното гласање, одлучи: Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија со благодарност кон Бога и духовна радост ги прифаќа решенијата за подигање на шизмата и влегува во канонско и евхаристичко општење со Православната црква на С. Македонија. Прашањето за името на Православната црква на С. Македонија треба да биде дополнително разгледано – наведоа од БПЦ.
Очигледно она „Македонска“ и „Охридска архиепископија“ им се трн во окото на Бугарите, кои очигледно „спорните“ термини си ги резервираат за нивните романтични соништа од минатото.
Повеќе од јасно е дека никој во Македонија не треба да се залажува дека некогаш работите во Бугарија ќе се променат и дека ќе почнат да дуваат некакви демократски ветришта таму. Сега се најавуваат можни избори за септември, но кој и да дојде на власт ќе свири по истите ноти што ги диригира Радев, а кои ги напишал некој уште во Сан Стефано и кои и натаму гласно одѕвонуваат во ушите на секој бугарски политичар. Едноставно, бугарската позиција во однос на Македонија е зацементирана уште пред повеќе од 100 години и нема човек во Бугарија што ќе има храброст да го промени тоа. Уште полошо е што ниту има желба за такво нешто.

Моменталната политичка криза е само добро исценирана претстава, преку која Софија сака да покаже кооперативност пред европските партнери, но во суштина само купува време да ја остави Македонија што подолго надвор од секакви европски процеси и буквално да ја доведе во ситуација на европска бесперспективност и економско осиромашување. Тоа е тајното сценарио на Софија, да ја исцрпи, малакса и потоа полесно да ја приграби земјава под свој „патронат“, слично како „администрирањето“ за време на Втората светска војна.
За сето тоа придонесе и анемичноста на ЕУ, која дозволи нејзина членка да се однесува хегемонистички и неевропски кон земја кандидат. Флоскулите од типот дека крајно време е да се промени начинот на консензуално одлучување се повторуваат од еден на друг европски самит, но во суштина никој не повлекува чекор во таа насока.
Затоа, без оглед што и да се случува во соседна Бугарија во следниот период, треба да е јасно дека декларацијата во бугарското собрание ќе остане „Свето писмо“ за сите сегашни и идни бугарски политичари, за век и навек. Крајно време е и овдешната јавност да престане да се занимава со случувањата на бугарската политичка сцена, да почне да ги притиска домашните политичари да работат на подобрување на состојбите дома, наместо да ја ставаат земјата во подредена положба во однос на Бугарија заради некаква неизвесна условена европска иднина.

Чесно е да се каже дека Бугарија е завршена приказна, Македонија ѝ подаде рака, Софија врати со непријателство и со навреди. Ако ЕУ е друштво во кое зачленувањето зависи од бугарските наместо од европските критериуми, влез во таква Унија не ни е потребен. Таа Унија е повеќе бугарска отколку европска. Не ни е потребна и домашната патетика од типот дека ако останеме без европска перспектива, тоа е лошо за земјата. И без ЕУ-перспективата, повторно утре ќе огрее сонцето, само што тоа ќе биде „ново сонце на слободата“. Конечна слобода од сите бугарски уцени, конечна слобода од европското лицемерство и патетични изјави, конечна слобода од илузиите (ако некој воопшто ги имал) дека Бугарија некогаш ќе ѝ стане вистински искрен пријател на земјава.
Македонизмот опстојал низ многу историски премрежиња, па, така, ќе опстои и сега. Наше е да покажеме дека Македонија е вистинска европска држава, пред сѐ заради своите граѓани тука. Ниту за Софија, ниту за Брисел. Тие го загубија својот кредибилитет. Тие го погазија наследството на Шуман.