Нема магија, туку само едноставна формула

Сѐ повеќе станува очигледно дека административните интервенции за решавање на повеќеслојната криза не се доволни. Можеби тие се некое преодно ад хок решение, но таквите мерки се далеку од долгорочно ефективни. Суштинската формула за одржлив развој „спие“ на сосема друга адреса. Со таа (суштинска) формула не само што би се амортизирале последиците туку би се дејствувало и на причините на проблемот со храна и прехрана. Е, сега, прашањето е која е формулата

Ако пандемијата досега не нѐ освести, можеби тоа ќе го направи војната во Укрaина. Новата криза што се наметна со почетокот на воениот конфликт веќе се прелева на повеќе фронтови, односно уште посликовито кажано „се разлева во повеќе различни стопански сектори“. Еден од нив уште сега се покажува како клучно загрозен: земјоделско-прехранбениот сектор. Засега, манифестациската форма на кризниот импакт (и врвот на „ледената санта“) што сѐ повеќе се чувствува е – нагорниот тренд на цените на основните прехранбени продукти!
Новата форма на кризната метастаза, само надополнета и надградена, на површина ги извади недостатоците на примарните гранки на стопанството, односно земјоделството, производството на храна и прехранбената индустрија. Сепак, и понатаму останува дилемата дали овој пат навистина ќе се освестиме и ќе ги преземеме неопходните чекори за да обезбедиме барем доволно храна за нашето население?!
Изминатиов период сите забележуваме недостиг и постојан раст на цените на основните прехранбени продукти, иако тие беа заштитени (читај смрзнати), а сега само ослободени од даночно оптоварување. Очигледно, административните интервенции не се доволни. Можеби тие се некое преодно ад хок решение, но таквите мерки се далеку од долгорочно ефективни. Суштинската формула за одржлив развој е сосема на друга адреса. Со таа (суштинска) формула не само што би се амортизирале последиците туку би се дејствувало и на причините на проблемот со храна и прехрана. Е, сега, прашањето е која е формулата.
Имено, во Македонија, низ годините наназад, од нејзиното осамостојување постојано се намалуваат површините на кои се садат разни житни култури, некои дури веќе воопшто не се садат. Недостатоците и потребите за брашно ги дополнуваме со увоз, најчесто од соседството.

Нашиот северен сосед, од друга страна, има доволно и за себе и за нас, но и за многу други земји. И иако ќе речеме ем се поголeми како земја, ем можеби имаат подобри временски услови, сепак, тоа не е оправдување што како земја не произведуваме доволно количество пченица и пченка за да ги задоволиме домашните потреби од овие култури.
Во Србија има значително поголеми површини засадени со пченица, но она што особено отскокнува се приносите по хектар. Кај нив приносите се дури дупли, околу шест илјади килограми пченица по хектар, кај нас околу три и пол илјади килограми. Во соседна Србија со пченица се засадени дури шестотини илјади хектари, а кај нас само осумдесет илјади хектари.
Што може и што треба да се преземе во вакви ситуации и како да се поттикне производството на сите житни култури во земјава? Повеќе од јасно, да се засадат потребните култури на поголеми површини, но и да се најдат начини да се зголемат приносите по хектар.
Добра и паметна стратегија изработена од стручњаци треба да ги даде насоките за развој на земјоделството и поттикнување на домашното производство. Со паметни мерки, кои ќе овозможат зголемен интерес кај земјоделците и кај граѓаните за обработка на земјоделското земјиште, мора да го вратиме домашното производство, за да не бидеме страдалници во непредвидливи ситуации како денешната, но и за да обезбедиме доволно за сопствените потреби, па дури и за извоз.
Сѐ се може ако се сака. Прво треба да го зголемиме интересот за работа, наместо да чекаме „државна“ работа или државна помош. За жал, главна одлика за нашето земјоделство се повозрасни граѓани, па дури и во поодминати години, или на некој начин само оние што немаат друг избор, па се занимаваат со земјоделство. Младината не сака да работи напорна и физички исцрпувачка полјоделска работа, а ниту пак се создава или поттикнува љубов кон оваа дејност. Напротив, многумина велат учи за да не работиш физичка работа, учи за да не си како мама и тато со мотиката во рака. А за волја на вистината, ниту земјоделските стопанства веќе не произведуваат како порано, а ги има и сѐ помалку.
Доколку се најдат мерки да се искористат знаењето и советите од експертите, сигурно може да се подобрат резултатите во земјоделството и да се зголемат количествата на домашното производство на основните прехранбени продукти. Експерти има, само треба да се овозможи да го пренесат знаењето до оние што сакаат да работат.
Но, истовремено, треба да се вреднува трудот на земјоделците и да се таргетираат соодветно помошта и поддршката за оние што работат земја, за да им стане производството поисплатливо.

Со подобрувањето на перформансите на домашните производители или, поедноставно, со зголемување на количествата што нашите земјоделци ќе ги произведуваат, како и со подобрување на квалитетот, ќе се зголеми нивната заработка, а таа ќе ги мотивира следната сезона да засадат поголеми површини. Зголемените количества ќе овозможат повеќе храна за домашните потреби, па од увозници можеме да станеме и извозници, а притоа не само на основните земјоделски продукти туку и на нивни преработки, кои ќе им ги зголемат и трајноста и вредноста на плодовите добиени од нива. Во секој случај, треба да се почне од некаде. За почеток, може ли државата, односно надлежните институции да направат стратегиски план за развој на земјоделскиот сектор (и со интензивниот и со екстензивниот модел) врз основа на долгоочекуваните релевантни податоци од најголемата статистичка операција, кои треба да се објават за некој ден? Или податоците од пописот ќе бидат политички памфлет, без употребна вредност?! Земјоделството и потенцијалите за производство на храна се во очекување! На потег сме ние, човечките ресурси, во пакет со нашите планови и програми!