Не се гои прасе пред Божиќ

Кога се зборува за енергетиката, мора да се напомене дека тоа е стожерот на една држава и секогаш треба да се има јасно дефинирана долгорочна стратегија. Прогнозите се дека во делот на енергетиката најтешкото допрва доаѓа и најмногу ќе се почувствува со почетокот на зимата. Токму затоа сега е вистинското време за барање и наоѓање решенија за сите енергетски предизвици, зашто, како што вели нашиот народ, потоа ќе биде доцна. Секој изгубен ден во празни полемики, исчекувања и тактизирања, наместо обмислување и градење различни излезни стратегии, може потоа многу скапо да нѐ чини. И тоа сите, без исклучок

Македонија нема извори на гас, ниту складишта, нема ниту нафта, ниту, пак, сама си ги задоволува потребите за струја, а не се доволно искористени ниту алтернативните извори, како фотоволтаици, ветерници, мали хидроцентрали.
Цената на енергентите вртоглаво порасна во последните неколку месеци. Допрва нѐ очекува тешка енергетска криза. Прогнозите се дека најтешкото допрва доаѓа и најмногу ќе се почувствува со почетокот на зимата.
Македонската влада крои мерки за ублажување на енергетскиот удар, но прашањето е колку можеме да очекуваме намалување на ударот и дали Македонија има доволно количества енергија за претстојната зима, но и со какви цени. Она што загрижува е што ние немаме речиси никаква алтернатива за снабдувањето со гас, 100 отсто сме зависни од набавка на природен гас од Русија. Предвидувањето од енергетичарите е дека најлошото допрва доаѓа.
Поради состојбите во кои се наоѓаме, конфликтот помеѓу Русија и Украина и мерките против Русија предложени од Европската комисија, кои вклучуваат стопирање на руската нафта, на Македонија ѝ претстои тешка зима во енергетскиот сектор. Во актуелната ситуација, особено со новиот пакет мерки против Русија предложени од Европската комисија, кои вклучуваат стопирање на увозот на руска нафта, недостигот од нафтени деривати низ Европа може да биде сѐ поочигледен и понепријатен. Клучното прашање е што може да се стори за состојбата да се направи колку-толку поподнослива, како да се превенира за да не се доведеме до ситуација на рестрикции и товарот со високите цени да не падне на грбот на граѓаните и бизнис-секторот. Токму сега е вистинското време за барање и наоѓање решенија за сите енергетски предизвици, зашто, како што вели нашиот народ, потоа ќе биде доцна, односно не се гои прасе пред Божиќ.

Секој изгубен ден во празни полемики, исчекувања и тактизирања, наместо обмислиување и градење различни излезни стратегии, може потоа многу скапо да нѐ чини. И тоа сите, без исклучок.
Според енергетичарите, Владата може да ги намали многубројните непродуктивни трошоци и да преземе одредени мерки за ублажување на состојбата, за да им се помогне на стопанството и на граѓаните. Меѓутоа, битно е мерките да бидат добро осмислени, а не да бидат исклучиво од популистичка природа.
Единствениот гас што се користи во земјава доаѓа од Русија. Алтернативите засега се на хартија. Се планираат гасоводно поврзување со Грција и инвестиции во гасна централа и постројка за гасификација на течен природен гас во Александрополис, во кои Македонија треба да има удел.
Алтернативата за која сега најмногу се разговара е американски течен гас, но ќе биде бавна постапка и ќе биде поскап од рускиот гас и значително ќе ја дигне цената на гасификацијата во државата. Така како што се одвиваат работите, сигурно е дека времето на евтина енергија е минато. И ќе биде потребно да се навикнеме на таквата реалност – дека сметките за енергија ќе ни бидат повисоки, а во цените на производите и услугите ќе мора да се вградат поголеми трошоци за енергија. Дури и под оптимистичка претпоставка, како што велат енергетичарите, дека набргу ќе дојде до завршување на воените дејства во Украина, па и да започне обновување на нарушените релации помеѓу западните земји и Русија, цените на енергентите нема значително да се намалат и ќе бидат на ниво повисоко од тоа пред последните тектонски нарушувања.
Најбитната работа е дека државата мора сериозно да преземе мерки и дека доколку тоа не го направи веднаш и брзо може да се случи граѓаните следната зима да останат без греење.
Повеќегодишното недоволно инвестирање за одржување на енергетските објекти и неинвестирање за изградба на нови доаѓа на наплата и се манифестира со намалено домашно производство на електрична енергија. Тоа, пак, резултира со исклучително голема чувствителност и зависност на енергетскиот сектор во земјата од турбуленциите во енергетиката во меѓународни рамки. А, наедно, немаме разработени алтернативи и резервни решенија.

Кога се зборува за енергетика, мора да се напомене дека тоа е стожерот на една држава и секогаш треба да се има јасно дефинирана долгорочна стратегија. Моменталната состојба е резултат на повеќе фактори што влијаат, меѓу кои најважни се производствените капацитети и планирањето производство на електричната енергија.
Факт е дека доколку настанат какви било несакани активности во однос на снабдувањето со природен гас од Русија, Македонија ќе биде соочена со сериозни проблеми, бидејќи некои од компаниите што го користат природниот гас нема да можат да употребат друго алтернативно гориво, иако има и компании што природниот гас можат да го заменат со мазут. Иако мазутот е многу понеприфатливо гориво од аспект на влијание врз животната средина, можеби одреден период ќе мора да се преживее и со тоа.
Затоа во делот на енергетскиот сектор ние треба сериозно да поработиме на повеќе прашања за кои и не мораше да се чека да настапат вакви кризни ситуации. Потребно е подобро одржување на базните објекти за генерирање електрична енергија и подобрување на условите за нивна работа, работа на изградба на нови (термо- и хидро-) енергетски објекти, перманентно вложување за подобрување на енергетската ефикасност во сите сектори, со што ќе се намалат потребите за енергија за исто производство, услуга или комфор, мудро поголемо вклучување обновливи извори на енергија во системот, преку методи со кои ефектите би ги почувствувал најголем дел од населението, а не само повластени поединци, подобрување на електродистрибутивната мрежа за да биде во состојба да одговори на новите предизвици и очекувања, подобро поврзување со соседните електроенергетски системи итн.

И што е најважно, треба да се одржуваат домашните енергетски објекти, а не да се избрзува со нивно затворање. Секако, во игра се и уште редица други енергетски сценарија, кои треба добро да се изанализираат и разработат. Притоа, клучно е однапред стратегиско планирање и предвидување на сите можни ризици, наместо постфестум-реакции и гасење кризни состојби. Затоа, за мирна и топла зима треба да се размислува и дејствува уште сега. Не случајно и граѓаните со огрев се обезбедуваат напролет и налето, кога е топло, а не кога ќе дојде зимата. На потег се државата и институциите.