Македонска фудбалска пролет

Деновиве по победата над Италија социјалните мрежи беа преплавени од објави на политичари, амбасадори и слично, кои им честитаат на фудбалерите со по неколку збора и го ставаат македонското знаме на крајот на нивната објава. Сето тоа е добро, но не и доволно. Во ваквите објави на политичарите има една голема фалинка. А тоа е што тие, намерно или случајно, во нивните честитки забораваат да го споменат името на државата. Да кажат дека Македонија победила. Веројатно мислат дека е доволно да се стави само знамето?! Но знамето не може да биде замена за името. Токму името е идентитетот на државата и никој не треба да стравува да го спомене, јасно и гласно

Македонија е европски, па и светски фудбалски „хит“, по елиминацијата на „големата“ Италија, актуелниот европски првак, во плејофот за настап на Светското првенство (СП) во Катар годинава. Без разлика на исходот од мечот против Португалија вечерва, Македонија е победникот во квалификациската и во плејоф-кампањата за Светското првенство. Јасно, настапот во завршницата на турнирот би бил „дијамантот на круната“, реализација на сонот на сите вљубеници на фудбалот и воопшто на спортот во Македонија, но и за ова што досега е направено „капата долу“.
Македонија „убиецот на гиганти“, „Македонија го приреди најпријатното изненадување на сите времиња“ беа некои од насловите во спортските медиуми низ светот. Беа победени „азурите“, актуелните двократни европски и четирикратни светски прваци, претходно во квалификациите беше совладан уште еден фудбалски гигант, Германија, исто така, четирикратен светски и трикратен европски првак. Според некои статистики, Македонија е единствената репрезентација што ги победила Италија (1-0) и Германија (2-1) на гости на официјален натпревар. На ова треба да се додаде и дека во баражот за Европското првенство (ЕП) лани беше совладана Грузија (1-0), исто така, на гости.
Тоа многу кажува за квалитетите на сегашната генерација македонски фудбалери, но и за нивната ментална цврстина, што е неопходен зачин во секој голем успех. Патот кон нов настап во завршница на ЕП 2024 во Германија е трасиран, тоа е една од целите на оваа генерација фудбалери, како што повеќепати најави селекторот Благоја Милевски. Попатно е играњето во Лигата на нациите (ЛН) годинава, во третата квалитетна група, со амбиции за пласман во повисок ранг. Натаму размислувањата одат во насока за настап на следното СП во 2026 година во САД, Канада и во Мексико, што не е нереално со оглед дека ќе биде проширено, од сегашните 32 на 48 репрезентации во завршницата.
Досегашните успеси на Македонија стануваат уште поголеми ако се направат некои споредби со поголемите фудбалски нации во некои сегменти и ако се има предвид дека од 15-те играчи што настапија против Италија, само двајца играат во петте најдобри европски лиги. Победија инспирацијата и големата желба на македонските фудбалери да покажат дека можат да бидат на исто рамниште, понекогаш и подобри од најдобрите.

Добрите резултати во последно време не се случајност туку плод на повеќегодишна, макотрпна работа, пред сѐ, со помладите категории фудбалери. Чекор по чекор, од натпревар до натпревар се редеа успесите. „Мразот го проби“ селекцијата до 21 година со настапот на финалниот турнир на ЕП 2017 во Полска. Македонска фудбалска репрезентација првпат играше во завршница на голем европски турнир. Во селекторска улога тогаш беше Благоја Милевски, а во тој тим, меѓу другите беа Дарко Велковски, Енис Барди, Бобан Николов, Тихомир Костадинов, Висар Муслиу, Елиф Елмас, кои се стандардни и во сегашниот сениорски состав. Тоа покажува дека за сѐ треба континуитет и дека до добри резултати не се стигнува прекуноќ. Милевски како предводник на оваа гарнитура фудбалери е најекспониран, но не смеат да се заборават и неговите претходници, пред сите, Игор Ангеловски, кој ја одведе Македонија лани на ЕП. Македонската репрезентативна историја почна пред триесетина години, во 1993-та, со првата победа над Словенија (4-1) и тогаш на гости, под водство на првиот селектор, легендарниот Андон Дончевски, кој и ден-денес од далечната Австралија будно ги следи сите настани во Македонија, преку Ѓоко Хаџиевски, Драги Канатларовски, Никола Илиевски, Ѓоре Јовановски и други, кои секој на свој начин имаа удел во ова што во моментов ѝ се случува на фудбалска Македонија.
Фудбалот во Македонија сега е „топ тема“, политичарите „милуваат“ да се фотографираат со играчите, да им ветуваат големи парични награди, дури и да им делат дипломатски пасоши небаре се извиднички книшки. А имаат толку други работи и проблеми за решавање и не е лошо да ги остават спортот и фудбалот настрана. Зашто секое мешање на политиката во спортот може повеќе да наштети отколку да помогне. Деновиве по победата над Италија социјалните мрежи беа преплавени од објави на политичари, амбасадори и слично, кои им честитаат на фудбалерите со по неколку збора и го ставаат македонското знаме на крајот на нивната објава. Сето тоа е добро, но не и доволно. Во ваквите објави на политичарите има една голема фалинка. А тоа е што тие, намерно или случајно, во нивните честитки забораваат да го споменат името на државата. Да кажат дека Македонија победила. Веројатно мислат дека е доволно да се стави само знамето?! Но знамето не може да биде замена за името. Токму името е идентитетот на државата и никој не треба да стравува да го спомене, јасно и гласно. Победија македонските фудбалери и победи Македонија. Зашто играчите не играа за себе туку за својата државата. Ги бранеа боите и достоинството на Македонија. Пред натпреварот со Португалија некои општини организираат и групно следење на натпреварот на поголемите плоштади. Тоа, секако, е за поздравување. Зашто граѓаните најдобро знаат како се сака и како се навива за својата држава и својата репрезентација. Со сите можни реквизити што одат за таа пригода, дресови, знамиња и, секако, бодрење и навивање со изговарање на зборот Македонија. Само напред Македонија.

Пред натпреварот со Португалија некои општини организираат и групно следење на натпреварот на поголемите плоштади. Тоа, секако, е за поздравување. Зашто граѓаните најдобро знаат како се сака и како се навива за својата држава и својата репрезентација. Со сите можни реквизити што одат за таа пригода, дресови, знамиња и, секако, бодрење и навивање со изговарање на зборот Македонија. Само напред Македонија

Да ја минеме и оваа пречка, па потоа ќе размислуваме за понатаму. Зашто моменталните блескави мигови и успеси на репрезентацијата не можат да ги покријат другите проблеми во македонскиот фудбал, кои ќе треба да се решаваат. Меѓу најакутните за решавање е фудбалската инфраструктура, која е многу лоша, од терените што повеќе наликуваат на ливади, па до повеќето стадиони што „плачат“ за реконструкција. Нејасната сопственичка структура во повеќето клубови исто така е горлив проблем што услови дури и „националната фудбалска гордост“ Вардар да го допре дното. Уште еден македонски фудбалски гигант, битолски Пелистер, и други, исто така, мака мачат со слични проблеми.
Од друга страна, досегашните успеси на репрезентацијата и посебно нејзините настапи во баражот и елиминацијата на Италија треба да бидат мотивирачки за да се продолжи во истиот тренд и да се оди напред. Македонија веќе си обезбеди видно место на европската фудбалска мапа, не е повеќе аутсајдер и во дуелите со најреномираните ривали. Во Македонија има многу млади таленти со кои треба да се работи, да се надградуваат и да ја продолжат низата успеси на генерацијата предводена од Горан Пандев, но и на минатите генерации играчи, кои имаат видно место во македонската фудбалска историја.
[email protected]