Македонија – издигнување 2022

Помина и оваа 2021 година, полна со предизвици надежи и очекувања, но и порази, несреќи и разочарувања. Сето тоа е една бескрајна приказна што се нарекува живот и која со себе ги носи сите подеми и падови. Едно е важно, по секое паѓање човек повторно да стане и да се продолжи натаму. Таква е приказната на оваа наша Македонија, падни-стани и продолжи понатаму.
Пред нас е една цела година, 365 дена. Некој ќе рече година како година, ќе дојде и ќе си помине. Сепак, овој пат да направиме да не биде така, да направиме 2022 да биде годината на нов почеток на Македонија. Убава бројка, три двојки, да не дозволиме само незабележително да си помине, а ние и понатаму да останеме заглавени во калта, која станува сѐ подлабока и во која продолжуваме да тонеме. Нека биде ова година на издигнување на Македонија, земјата со големо име, кое и ден-денес некој сака да ни го земе.
По сета оваа мотивирачка беседа на почетокот, логично се поставува прашањето дали воопшто е можно оваа, ваква Македонија да се издигне. Одговорот е ДА, исто онака како што паѓала и се издигала од библиски времиња до денес. Што е она што треба да направиме, логично ќе се наметне второто прашање. Неколку работи се во прашање и сите тие зависат исклучиво од нас ако сакаме да ја запаметиме 2022 како годината на македонското издигнување.

Прва работа, уште на почетокот да започне процес на внатрешно обединување по сите основи, да престанат секакви поделби по политичка, етничка, верска или каква било друга основа. Сите се рамноправни граѓани на оваа држава и сите треба да работат во нејзин интерес. Политиката да стане поле на натпревар со идеи, концепти, проекти, а не алатка како досега за плукање по политичкиот опонент и труење на народот. Тоа треба да запре оти по 30 години плурализам, редно е да почне да се применува некаква основна политичка култура, која, за жал, во моментот ја нема. Политичарите треба да го обединат општеството.
Ова внатрешно обединување е клучно за вториот чекор што треба да го направиме заедно – борбата со корупцијата. Секому му е јасно дека таа требаше да започне уште вчера, ама еве да ѝ дадеме шанса да почне во оваа 2022 година. Еднаш барем вистински да почне, а не да биде борба само во најава.
Што треба да се направи за оваа борба да успее?
Прво, граѓаните да сфатат дека државата е нивен сервис и треба да работи во нивен интерес, а не тие да им коленичат на разните државни апаратчици што се нашле на одредена позиција само затоа што биле партиски послушници. Тоа подразбира засекогаш да заборават на стоте грама кафе, бонбониерите, шишињата виски, штеките цигари подарени на овој или оној шалтерски работник, доктор, функционер за да им ја завршат работата за која впрочем се платени од државата… Овие досегашни практики треба да запрат долу, во базата, или народски кажано, да се исечат во корен. Е сега кога обичниот човек ќе престане со ваквата пракса на ситна корупција и ќе почне да ја пријавува, редно ќе биде и институциите да почнат да работат и да ги казнуваат прекршителите, еднаш, двапати со дебела парична казна, а третиот пат и со отказ. Тоа е наједноставниот рецепт како да се спречи ситната корупција, значи промена на граѓанскиот ментален склоп и брза реакција на институциите.
Кога оваа општествена аномалија ќе се реши на пониско ниво, доаѓа малку покомплексната задача, справување со високата корупција, која овие три децении е толку широко распространета, што веќе стана модел на владеење на секоја политичка гарнитура. Овде работата нема да заврши со стопирање на бонбониерите и кафињата, туку ќе треба решителна пресметка со политичарите на кои помили им се тендерите во четири очи и провизиите отколку интересот на државата и на граѓаните.

Ова ќе биде исклучително тешка борба оти политичките субјекти во земјава нема лесно да се откажат од главната привилегија што им ја носи власта – парите. Впрочем, зошто инаку толку жестоко сите би се бореле да дојдат на власт? Па видовме во сите овие 30 години дека ниту една власт не работеше во интерес на државата и граѓаните, туку се гледаше само партискиот и личниот интерес. Затоа народот живее само полошо, а партиите стануваат сè побогати додека државата тоне. Тоа треба да се пресече. Ако не сакаш да владееш за да му направиш подобра иднина на својот народ, тогаш нема потреба воопшто и да постоиш на политичката сцена.
Трет сегмент е судството и во нашиот случај владеењето на (не)правото. Наместо столб на правната држава, ова наше судство е крајно политизирано и наклонето на оваа или онаа власт. Сè додека судиите не постапуваат според словото на законот, а не по директива од „горе“, ќе владее неправда. Политичарите ќе си останат заштитени како бели мечки, парајлиите ќе поминуваат со помали казни, а обичниот човек ќе ја плаќа цената за сите овие состојби. Крајно време е и во судството да почне неселективна примена на правдата, од обичниот човек, до првиот функционер во државата ако се утврди дека го прекршиле законот. Нема милост, нема олеснителни околности, ред, работа и дисциплина.
Издигнувањето на Македонија може да се случи ако во оваа 2022 година почнеме и со реформи во образованието, кое несомнено го допре дното. Децата се неписмени, материјалите од кои треба да учат се конфузни и несоодветни, а и оние што треба да им го пренесуваат тоа знаење не секогаш го прават тоа на најсоодветен начин. И тие се уморни од постојаните промени на наставниот материјал и веќе ниту самите не знаат што предаваат. Реформата на образованието, ама суштинска реформа, е повеќе од потребна ако сакаме да излезат добри генерации, кои утре ќе може со своето знаење и идеи да помогнат оваа држава да чекори напред.

Исклучително важно е оваа година да почне да се работи и на нови енергетски капацитети. Да се вклучат сите енергетски умови што ги има во земјава, а ги има, да се разработи добар план како да се изградат постројки што ќе ја направат земјава енергетски независна, барем во оној дел да може во секој момент да ги покрива сопствените потреби за електрична енергија. Потоа, потребно е стимулирање на економијата, мобилизација на сите расположливи сили за привлекување странски инвестиции, забрзување на изградбата на инфраструктурни проекти, патишта, гасоводи, водоводи, канализации, болници, училишта…
Некој ќе забележи дека не се спомнати ЕУ и нашиот пат натаму. Па, впрочем, целиот текст досега е за ЕУ. Ако Македонија во оваа 2022 година внатрешно се обедини, ако почне решителна борба со корупцијата, ако го деполитизира судството, ја реформира администрацијата, ако ги подобри енергетиката, економијата, образованието, медицината, екологијата, па таа веќе де факто станува полноправна членка на ЕУ и без формално признание од Брисел. Никој тука внатре не може да ни става вето за она што сакаме да го сработиме. Никој нема да ни ги загрози ниту идентитетот, ниту јазикот, ниту историјата. Ќе си бидеме она што отсекогаш сме биле, свои на своето, народ со достоинство и сила да ги придвижи работите напред. Спорот со Бугарија? Нема потреба да си го расипуваме празничното расположение. Здравје, среќа и многу љубов од Македонија кон сите.

П.С. Не е споменат ниту ковид-19, мислам дека крајно време е да го заборавиме.