Кој е најбрзиот пат до ЕУ?

Иронично, дури и цинично е што Бугарија како предводничка на иницијативата за брз прием на Украина во ЕУ моментално е главниот опструктор на македонската европерспектива, која испорачува уцени за Македонија целосно спротивни на европските принципи. Досега ЕУ, и покрај трите ефектуирани вета на Бугарија, насочуваше на билатерално решавање на спорот, иако бугарските уцени ги имаат сите елементи на национално-политичка агресија врз Македонија. Во услови на голема геополитичка битка, можеби изгледа дека антагонизмите во малото „буре барут“, како што ЕУ пејоративно го нарекува Западен Балкан, се превенирани со залажување за неодредена европска иднина и страв од поголема светска опасност

Веќе помина една седмица откако започна она што Русија го нарекува „воена операција“, а Западот го квалификува како „воена инвазија, агресија, окупација“, што не го менува фактот дека теренот на реалното спроведување на оружените дејства е Украина, која, и покрај вербалната поддршка и најави за помош во вооружување и логистика, сепак и понатаму сама се справува со нападите. Навидум во втор план на реакциите за осуда на агресијата во смисла на последиците врз човечката димензија на судирот, во политичките анализи доминира ставот дека овој руско-украински судир на некој начин е пресудната битка што ќе ја одреди геополитичка доминација на големите центри на моќ. Таквиот високотензичен и сѐ поостро поларизиран геополитички амбиент создава привид дека сите други антагонизми, тензии, аспирации, интереси во светот веќе немаат толкаво значење, оставени се настрана и сета енергија, ресурси и идеи треба да се насочат во барање решение (или дури и во навивање) за битката во која се одлучува за иднината на светот.
Едно од решенијата што ги понуди Европската Унија за поддршка на Украина во време кога на нејзина територија се изведуваат воени дејства и реално нема контрола на голем дел од својата територија – е да ѝ понуди европска перспектива со брз прием во ЕУ. Претседателите на осум членки на ЕУ, од Централна и Источна Европа (меѓу кои и Бугарија, покрај Чешка. Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Словачка и Словенија), побараа итни разговори за членство на Украина, изразувајќи уверување дека заслужува да добие итна перспектива за пристап во ЕУ… Европскиот парламент препорачува Украина да добие статус на кандидат за членство во ЕУ. Брзо по писмото на осумте претседатели на земјите-членки на ЕУ, Европскиот парламент изгласа резолуција со која препорачува Украина да добие статус на кандидат за членство во ЕУ. Одлуката следува по говорот на украинскиот претседател Владимир Зеленски во парламентот, каде што тој ја повика ЕУ да „докаже“ дека Унијата е со Украина. Со резолуцијата на ЕУ се бара и Русија да ги повлече сите свои војници од украинска територија. За резолуцијата гласаа 637 европратеници, со која остро се осудува „незаконската, неиспровоцирана и неоправдана воена агресија и инвазија на Руската Федерација против Украина“, додека 13 гласаа против, а 26 беа воздржани.

И покрај возбудата за кандидатскиот статус на Украина, како израз на поддршка од ЕУ, шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, сепак, брзо ги „приземји“ очекувањата со изјавата дека „влезот на Украина во Европската Унија би бил политички чин, но тоа не може да се направи прекуноќ“.
Сепак, фактичката состојба е дека сега Украина има ист кандидатски статус како Македонија за членство во ЕУ, иако нашата земја има поголема колекција на препораки, како од Европскиот парламент, позитивни извештаи од Европската комисија за спроведени реформи, поголема усогласеност на правниот систем со оној на ЕУ и со исполнети Копенхашки критериуми, кои Унијата секогаш ги наведува како принципиелен услов за почеток на преговори со кандидатите за нови членки. Сакајќи да даде поддршка за воено загрозената Украина, ЕУ всушност уште еднаш ја покажа својата непринципиелност спрема Македонија, но и другите земји на Западниот Балкан, кои се во различни фази во процесот на пристапување во Унијата, но, секако, со поголем вложен труд и постигнати резултати од Украина. Пред отвореното избувнување на руско-украинскиот конфликт, ЕУ веќе со години манифестира резервираност во однос на проширувањето, и покрај ветената европерспектива на земјите од Западен Балкан. На земјите-кандидати им поставува услови што се надвор од Копенхашките критериуми, поради што Македонија додаде географска одредница во своето поранешно уставно име, со што остави отворен ризик за оспорување и понатамошно уценување со националниот идентитет, историја, јазик и право за интерес за малцинствата надвор од нејзините граници, на територија на земји-членки на Унијата. Иронично, дури и цинично е што Бугарија како предводничка на иницијативата за брз прием на Украина во ЕУ моментално е главниот опструктор на македонската европерспектива, која испорачува уцени за Македонија целосно спротивни на европските принципи. Досега ЕУ, и покрај трите ефектуирани вета на Бугарија, насочуваше на билатерално решавање на спорот, иако бугарските уцени ги имаат сите елементи на национално-политичка агресија врз Македонија.

Ако сака да демонстрира вистински вредности и фер однос, Брисел треба уште веднаш да ја отвори портата и за Македонија. Тоа е веројатно единствената исправна одлука во моментов, која ќе прати јасен и силен сигнал за силината и единството на Унијата пред какви било идни предизвици

Во услови на голема геополитичка битка, можеби изгледа дека антагонизмите во малото „буре барут“, како што ЕУ пејоративно го нарекува Западен Балкан, се превенирани со залажување за неодредена европска иднина и страв од поголема светска опасност. Или под опасност од изразено латентна нуклеарна закана при покажувањето на мускулите на големите сили, „искричењата од балканското буре барут“ изгледаат како мал огномет, кој нема да ја допре ЕУ. Од друга страна, постојат и надежи дека украинскиот случај ќе ја забрза и интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ. Европската Унија и меѓународната заедница досега веројатно научија дека секое тлеечко жариште има потенцијал да го запали светот. Секој (дури и добро спинуван) сепаратизам и непринципиелност дава аргументи за сите други сепаратистички и непринципиелни тенденции. ЕУ не смее да ги заборави ветувањата за Западен Балкан, со алиби за загриженост за поголемите геополитички предизвици. Гаснејќи потенцијална нуклеарна опасност со случувањата околу Украина и пошироко, сепак, остава голем ризик да го потпали токму балканското буре барут.

Зарем и на Балканот треба да се случи војна за конечно да му текне на Брисел да ја отвори портата и за Македонија и за другите што ги исполнуваат условите за влез во Унијата. Со секое понатамошно одложување и премижување пред бугарските опструкции кон Македонија, ЕУ си пука самата себеси во колено, ги руши и поткопува своите вредности. Затоа, сега веќе не е време за дволичност и лицемерство. Ако сака да демонстрира вистински вредности и фер однос, Брисел треба уште веднаш да ја отвори портата и за Македонија. Тоа е веројатно единствената исправна одлука во моментов, која ќе прати јасен и силен сигнал за силината и единството на Унијата пред какви било идни предизвици.