Како против стагфлацијата

Стагфлација е состојба на економијата што се карактеризира со општ скок на цените (инфлација), проследен со пад на производството. Во економијата, во услови на стагфлација, се забележуваат висока невработеност, бавен економски раст и висока инфлација. Штом економијата стагнира, тоа значи дека бруто-домашниот производ се намалува или расте по исклучително ниска годишна стапка. Кои мерки се потребни за побрзо и полесно да се пребродат ваквите состојби и да се влезе во фаза на подинамичен економски раст и развој

Штотуку почна да заздравува економијата во светот од двегодишната исцрпувачка пандемија проследена со рестриктивни мерки, сега економијата е погодена од нов шок, од кој веќе нема дилеми дека ќе има сериозни последици. Две работи се клучни последици од новата ситуација во која се најде светот и особено Европа – забавување на економскиот раст и повисоки цени од оние што дојдоа постковид.
А двата аспекта, забавувањето на економската активност и зголемената инфлација, ја туркаат глобалната економија во фаза на стагфлација. Руската инвазија врз Украина донесе долга и неизвесна состојба во светската, пред сѐ европската, а со тоа и во македонската економија. Економистите предупредуваат дека во глобални рамки земјите се соочуваат со период на економска стагнација проследена со висока инфлација, таканаречена стагфлација, предупредуваат дури и дека економијата се движи на работ на рецесија. Во овој вител е и нашата земја.
Стагфлација е состојба на економијата што се карактеризира со општ скок на цените (инфлација), проследен со пад на производството. Во економијата, во услови на стагфлација, се забележуваат висока невработеност, бавен економски раст и висока инфлација. Штом економијата стагнира, тоа значи дека бруто-домашниот производ се намалува или расте по исклучително ниска годишна стапка. На сметка на тоа се зголемува и невработеноста, бидејќи компаниите отпуштаат вработени за да ги намалат трошоците. Сето тоа влијае на намалување на куповната моќ на потрошувачите, што дополнително ќе го забави економскиот раст.

Во јануари, Во Македонија инфлацијата достигна стапка на раст од 6,7 отсто, според Народната банка, оценувајќи дека забрзувањето на годишната инфлација е одраз на порастот на цените на енергентите, како и на растот на прехранбените производи што имаат променлива динамика.
Војната во Украина, растот на цените на енергентите и на храната и сѐ уште актуелната пандемија на почетокот од годинава, ја забрзаа спиралата на инфлацијата во Македонија. Предвидувањата на економистите не се оптимистички во поглед на инфлацијата и растот на економијата. Експертите велат дека е реално домашната економија да влезе во стагфлација со инфлација, како последица на кризата што е предизвикана од војната во Украина. А бизнисот веќе почнува да ги чувствува ударите.
Инфлацијата периодов веќе надмина 7 отсто, меѓутоа има дилеми и околу растот на економијата, кој за годинава е планирано да изнесува над 4,6 отсто. Изгледите за растот на БДП се изразено надолни, односно претходната проекција станува нереална во новите околности, бидејќи се соочуваме со длабока енергетска криза и закана од инфлација, како и многу други земји во регионот.
Ценовните притисоци и натаму главно произлегуваат од фактори на страната на понудата, поврзани со промените на цените на глобалните пазари и влијанието на војната во Украина, односно геополитичките случувања. Сето тоа влијае на намалување на потрошувачката во економиите на земјите каде што се извезуваат нашите производи, а како резултат на тоа ќе се намали производството на нашите компании. Според тоа, тешко дека економијата ќе го постигне планираниот раст и реално е да се очекува таа да се најде во стагфлација, односно стагнација на растот со инфлација.

Владините антикризни мерки се позитивни, но нема да влијаат многу на зауздување на инфлацијата, со оглед дека високите цени на енергентите и цената на храната и металите се увезени. Мерките што ги донесе Владата се главно фискални и немаат доволно капацитет да го намалат ударот на инфлацијата. Некои од проблемите се увезени и тешко може да се влијае на нив.
Можеби излезот од ситуацијата треба да се бара во поголема продуктивност на економијата и наоѓање нови пазари. Економијата треба да ја подобри продуктивноста преку високотехнолошки вложувања. А Владата и стопанството е потребно заедно да побараат алтернативни пазари за да се надмине зависноста од сегашните пазари, за да можат компаниите да го одржат производството.
Исто така потребно е нашите напори да ги насочиме кон реформи во целокупната економија и стимулирање мали производствени компании со повисока додадена вредност и со развој на услугите.
Поттикнувањето на продуктивноста и зајакнувањето на отпорноста на економијата се одговорот за побрзо надминување на последиците од која било криза што се нанесени врз економијата.