Како против инфлацијата

849

Инфлацијата е резултат на случувањата во економијата генерално. Она што можеме да го направиме на домашен план е внимателност во водењето на политиките, особено фискалната политика да дејствува таргетирано, кон оние на кои им е потребна помош, наместо широкопојасно. Владата мора да преземе и мерки за надминување на увозната зависност кај храната и енергијата. Македонија има потенцијал и за едното и за другото

Македонија зачекори во ера на двоцифрена инфлација, што покажува дека стандардот на граѓаните вртоглаво паѓа.
Целиот свет се соочува со инфлација последниве месеци, а тоа е последица пред сѐ на повисоките глобални цени на енергијата и храната, кои минатата година растеа поради олабавувањето на пандемијата, а последниве месеци растат поради војната во Украина.
Прогнозите за инфлацијата во нашата држава не се смирувачки. И Народната банка потврди дека претстои период на нагорни притисоци за цените. А од Агенцијата за храна на Обединетите нации оценуваат дека овие се највисоки цени во последните децении, но предупредија и на понатамошен раст.
Државниот завод за статистика регистрира двоцифрена стапка на инфлација во април, трошоците за живот во претходниот месец споредено со април лани пораснале за 10,5 отсто. И индициите за раст на инфлацијата во иднина стануваат сѐ пореални.
Но, сепак, инфлацијата не е секаде иста, а разликите помеѓу различните држави главно се должат на различните мерки што ги преземаа владите во текот на кризите овие две години, како и на стратегиите што ги направија во минатото за развој на економиите.
Во Македонија, за жал, инфлацијата е меѓу највисоките во регионот. Проекциите не се оптимистички, а и многу ќе зависи од тоа како ќе се одвива и војната во Украина. Ако има брзо стабилизирање на состојбата, цените веројатно ќе се нормализираат во втората половина на годината. Но ако војната продолжи, што е поверојатно сценарио во моментов, цените ќе продолжат да растат. Но состојбата со економијата во нашата држава одамна е речиси лоша и не е проблем само војната, со години влијаеше и неинвестирањето во домашно производство на енергија, како и континуирано лошите аграрни политики, кои ја зголемија увозната зависност на земјава.
Инфлацијата е резултат на случувањата во економијата. Зголемените малопродажни цени не се резултат само на војната во Украина и кинењето на синџирите на снабдување што го предизвика таа. Свесни сме дека сите влади потрошија огромни средства од буџетите за време на ковид-пандемијата за да ги намалат негативните последици по растот на економијата. Но исто така сме свесни дека со овие потрошени средства само ја одржаа потрошувачката на одредено ниво, но не и производството и понудата на производот.

Ефектите од растечките цени на енергентите и примарните производи се пренесоа и врз пошироката потрошувачка кошница и поинтензивно се вградија врз инфлациските очекувања. Државата мора да води сметка за луѓето со најниски примања и да ги заштити од високата инфлација, бидејќи трошоците за енергенти и за храна растат со највисока стапка, а тие зафаќаат огромен дел од потрошувачката на овие семејства.
Неопходно е фокусот да се сврти кон таргетирани мерки за помагање на домаќинствата што се ранливи на ваков тип шокови. Непосредно по руската инвазија врз Украина, Владата презеде редица мерки за помош на граѓаните во контекст на ценовниот шок, за да се стабилизира животниот стандард, намалувајќи ги даночните и царинските давачки кај производите најизложени на ценовните промени. Тој стимул ќе влијае во насока на намалување на негативните ефекти од шокот врз доходот на граѓаните, но ризикува да го зголеми инфлацискиот притисок.
Она што можеме да го направиме на домашен план е внимателност во водењето на политиките, особено фискалната политика да дејствува таргетирано, кон оние на кои им е потребна помош, наместо широкопојасно. Исто така брз раст на основната каматна стапка може да влијае врз дополнително забавување на економската активност и зголемување на трошокот на задолжувањето, па неопходно е чекорите да останат одмерени.

Останува клучно однесувањето на фискалната политика, чија улога е, се разбира, да го заштити животниот стандард на граѓаните, особено на најранливите, во услови на растечки цени, но истовремено да не го влоши проблемот преку прекумерни тековни и непродуктивни трошења.
Владата мора да преземе и мерки за надминување на увозната зависност кај храната и енергијата. Македонија има потенцијал и за едното и за другото, и Владата мора да почне да инвестира во производство на обновлива енергија и да преземе мерки за поголемо домашно производство на дефицитарните прехранбени производи.
Паралелно со мерките за стабилизирање на цените, мора да се преземат мерки и за зголемување на примањата на граѓаните. Мора да се зголемат платите и пензиите, без тоа луѓето дополнително ќе осиромашат, а и економската активност ќе забави.