Историските предизвици бараат историска одговорност, а не кавги

Преминувајќи преку сите овие преседани, ЕУ со својата анемичност и слепило дозволува земјите од регионот трајно да се оддалечат од неа, а залажувањето со некакви политички заедници, всушност, само покажува дека на Брисел му е важно само да добие „резерват“ каде што ќе може да „лови“ работна сила, умови, енергетски ресурси и инфраструктура, кои ќе може неограничено да ги користи, без да има обврска нешто и да даде

Европските претставници од сите групи на ЕУ ги повикаа Бугарија и Македонија да најдат решение за билатералните разлики, со што би се отворил патот за почеток на пристапните преговори на земјава со Унијата.
Тоа неодамна со јасни рокови го соопшти и еврокомесарот за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, кој рече дека јуни е краен рок до кога треба да се надминат разликите меѓу двете земји.
Ако малку подобро се анализираат пораките што доаѓаат од Брисел, тогаш јасно може да се заклучи дека Европската Унија едноставно не знае (или можеби воопшто и не е заинтересирана) како да го затвори овој ирационален проблем наметнат од нејзина земја-членка.
Наместо да ја притиснат Бугарија и да го применат истиот принцип што сега се заговара за приемот на Шведска и на Финска во НАТО, принцип, според кој, билатералните прашања не треба да бидат пречка за интегративните процеси, туку да се решаваат подоцна, европските бирократи излегуваат со разни други иницијативи само за да ја избегнат личната одговорност за неуспехот да ги започнат пристапните преговори со Македонија.
Во таа насока е идејата на францускиот претседател Макрон за европска политичка заедница, која сега дополнително ја афирмира и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој предлага формирање, како што тој ја нарекува, „европска геополитичка заедница“. Ако на ова се придодадат и обидите во Европскиот парламент да се изгласаат амандмани што ќе овозможат бугарските уцени да се вклучат во преговарачката рамка на Македонија, тогаш е повеќе од јасно дека ЕУ уште еднаш ќе ја изигра земјава, што е уште еден преседан во низата преседани што Брисел ни ги приреди сите овие години.

Сето ова говори дека ЕУ ништо не научи од војната во Украина, па си игра со оган и на Балканот без да биде свесна дека ако пламне балканското буре барут, ќе изгори и остатокот од Европа.
Затоа е зачудувачки зошто Европа молчи на сето ова што го прави Бугарија и со тој молк буквално одобрува повици за геноцидни политики, како оној на бугарскиот претседател Радев за уништување на „македонизмот“.
Со таквиот однос, ЕУ самата си ги поткопува темелите на кои и самата почива, но и своите позиции во Македонија, а тоа го потврдуваат и последните анкети, кои покажуваат драстичен пад на расположението на македонските граѓани за Европа и вредностите што таа ги прокламира.
Преминувајќи преку сите овие преседани, ЕУ со својата анемичност и слепило дозволува земјите од регионот трајно да се оддалечат од неа, а залажувањето со некакви политички заедници, всушност, само покажува дека на Брисел му е важно само да добие „резерват“ каде што ќе може да „лови“ работна сила, умови, енергетски ресурси, инфраструктура, кои ќе може неограничено да ги користи, без да има обврска нешто и да даде.
Изјавите од типот дека оваа нова „политичка заедница“ не се однесува на земјите-кандидати се само празни флоскули, кога на сите им е јасно дека бугарското вето ќе остане и овој јуни и следниот декември и така во недоглед, сè додека Македонците едно утро не се разбудат како освестени Бугари. Токму на такво „будење“ работи Софија, Брисел молкум го одобрува тоа, а Македонија изгледа како „изгубен Германец“ и се добива впечаток дека не знае што да прави.
И додека Македонија буквално е исправена пред историски предизвици за какви само сме читале во учебниците по историја, очигледно настаните се повторуваат, а домашната политичка сцена наместо да бара решенија, западната е во целосна апатија и анемичност.

Собранието повеќе не работи одошто работи, нервозниот спикер се пресметува со пцости со собраниските службеници, пратениците се натегаат со денови околу дневните редови, премиерот и лидерот на опозицијата не можат да најдат заеднички јазик за ништо, претседателот на државата тера некоја своја политика, а политичките партии се расправаат дали треба или не треба да има предвремени избори, дали блокадите се успешни или неуспешни и така во недоглед, прес-конференција, по прес-конференција, соопштение по соопштение.
Сето ова говори дека политички чинители во земјава како да не се дораснати на улогата што треба да ја одиграат во овие историски моменти. Додека опстојувањето на државата и на македонскиот народ се на удар, тие се занимаваат со обични политички интриги, кои и онака можат подоцна да ги решаваат преку меѓусебна комуникација.
Никој од нив како да не забележува дека ЕУ за многу кратко време ќе нè смести во некоја „политичка заедница“, која не е никакво предворје на Унијата, туку обична помошна просторија, да не кажеме визба. Уште полошо доколку Европскиот парламент изгласа некаква резолуција во која би ги вметнал и уцените од Бугарија и со тоа би ни пресудиле. На сето ова има само молк и штама. Нема никаква институционална реакција, ниту од власта ниту од опозицијата.
Факт е дека државата е влезена во фаза на целосно обезличување и ако на нашите политичари тој факт не им е јасен и не им е доволна причина да преземат заедничка акција за да го спречат тоа, тогаш дефинитивно борбата за власт и привилегии им е посвета од државата и народот пред кои се заколнале дека ќе служат.
Затоа сега се повеќе од потребни будност и одговорност на сите политички чинители, да се види каде сме и каде одиме, но и што треба да се направи за да се спречи евентуална штета по државните интереси.

Треба и политичките партии да ја зголемат меѓусебната комуникација и координација за работи што се од државен интерес, да ја насочат сета енергија во лобирање кај сестринските партии и европратениците од нивните редови да спречуваат секакви штетни амандмани што во ЕП континуирано се обидуваат да ги протуркаат бугарските европратеници. Тука и Собранието може да одигра клучна улога, да испрати документ до сите европски парламенти, до Советот на Европа, до ОБСЕ и да ја објасни македонската резолуција усвоена од сите партии со консензус, јасно ставајќи до знаење дека никогаш нема да се прифатат никакви амандмани изгласани во ЕП со кои се негираат македонскиот идентитет, јазик и историја, а уште помалку да се прифати бугарските уцени да станат дел од преговарачката рамка на ЕУ. Таква преговарачка рамка не ни е потребна, бидејќи чуму ни е членството во Унијата, ако таму влеземе само како граѓани на држава со географска одредница, без свој идентитет и јазик, ако исчезнеме како Македонци.
Едно треба да биде јасно, а таа порака треба да ѝ се испрати и на Европа. Македонија сака да има добри односи со сите свои соседи, вклучувајќи и со Бугарија. Во таа насока треба да се работи на сите можни полиња на соработка, но врз основа на заемно почитување.
Во овие 30 години, политичките елити во земјава буквално ги преспаа сите клучни моменти, можеби од незнаење, можеби затоа што некој од страна им рекол дека мора да биде така ако сакаат да си ја задржат власта и привилегиите. Па затоа дојдовме и до оваа ситуација во која сме денес.
И повторно историјата ни се повторува, а политичарите продолжуваат да спијат без да научат да ги пресретнуваат предизвиците со кои се соочува државата.

Попусто подоцна ќе го гаснеме пожарот, кога куќата целосно ќе изгори. Така е и сега. Додека партиите се расправаат, дозволуваат пред нос да им се случуваат разни подметнувања од страна, кои се на штета на државата.
Добро е што гласот го кренаа невладините организации, а гласот го крева и народот, но крајно време е сите политички чинители и државни институции да се освестат и да почнат да работат во интерес на државата, да спречуваат секакви обиди за подметнувања од страна, да изразуваат јасен став за позициите и курсот по кој чекори државата, а тој курс не може да го наруши ниту еден европски политичар, без оглед какви и да се неговите апетити.
Македонија е една и единствена, затоа и борбата за неа треба да биде една и единствена, без оглед на сите внатрешни разлики што ги има. Македонија е нашата нишка што нè обединува, ако ја загубиме неа, ќе се загубиме и самите.