Инвазија од разочарувања

Случувањата и воените дејства во Украина се пораз за целиот свет, за демократијата и големо разочарување за човештвото. Тоа е само уште една потврда дека актуелниот светски и европски поредок целосно потфрли. Се лизна и падна на сопствените грешки и пропусти. Несомнено негова најголема грешка е што беше премногу толерантен кон многубројните погазувања на меѓународното право

Воените барабани повторно одекнуваат. Светот е во шок и неверување. Оружјето, тенковите, бомбите, ракетите… пак го имаат последниот збор. Лекциите од минатото како да не се научени. Во 21 век се пука и гине за територии, превласт, ресурси, за остварување нечии хегемонистички или други цели. А мислевме дека сето тоа е зад нас.
Претходно беа Ирак, Авганистан, Сирија, Либија, Косово. Сега е Украина.
Што ли е следно? Воените стратези никогаш не спијат. Од фиока се вадат стари тајни планови, а постојано се кројат и нови. Воената инвазија и најновите случувања околу Украина ги разбудија сеништата на минатото.
Не толку одамна се појавуваа нонпејпери и тајни документи за прекројување на Балканот. Или поточно за дозавршување на распадот на поранешна Југославија. Како ново можно кризно жариште се споменуваат Босна и Херцеговина и Косово. Во меѓувреме, воинствените пораки што деновиве доаѓаат од сите страни и се поврзани со случувањата во Украина се навистина застрашувачки и крајно загрижувачки. Зарем е можно светот и човештвото, кое сѐ уште се бори да излезе накрај со вирусната пандемија, да влезе во нова уште поопасна воена пандемија. Како е можно во 21 век со војни, оружје и уцени да се решаваат меѓусебните спорови и недоразбирања. Како стигнавме дотаму и зошто навреме не се спречи?! Човечките жртви и страдања немаат цена и со никаква политика не може да се покријат и оправдаат.
Затоа случувањата и воените дејства во Украина се пораз за целиот свет, за демократијата и големо разочарување за човештвото. Тоа е само уште една потврда дека актуелниот светски поредок целосно потфрли. Се лизна и падна на сопствените грешки и пропусти. Несомнено негова најголема грешка е што беше премногу толерантен кон многубројните погазувања на меѓународното право.

Впрочем моќните и големите држави и сојузи беа повеќе промотори на кршење на меѓународното право отколку негови заштитници. Ова се однесува еднакво за сите, како и за Европската Унија. Сите тие одвреме-навреме замижуваа на едното око, премолчуваа и дозволуваа ширење хегемонизам, национализам и најмногу од сѐ се правеа слепи пред газењето на меѓународното право. Токму тоа доведе и до ова што се случува сега. По инвазијата врз Украина, Западот ја посочува и ословува Русија како агресор. Но кој е агресорот кога оваа улога наизменично ја играле и сѐ уште ја играат и редица други држави во светот. Нели е денес и Бугарија исто така опасен агресор со својата уценувачка и негаторска политика кон Македонија. Што е тоа ако не отворена надворешна агресија врз една самостојна и суверена држава како Македонија, но и врз целата ЕУ. И тоа на очиглед на целокупната меѓународна заедница.
Затоа во следниот период се потребни редефинирање, реструктурирање и можеби изградба на нов светски и европски поредок. Поредок што ќе биде многу поправеден и ќе почива на почитувањето закони, стандарди и општоприфатливи и дефинирани критериуми, наместо на уцени и на сила како досега. Поредок со кој ќе се превенираат и избегнат нови страдања и разочарувања.
Инаку, кога говориме за разочарувањата во Македонија тие и не се некоја новина, туку константа што трае со години. Би рекол од независноста до сега. На некој начин разочарувањата како да станаа наша судбина.
На добар дел од разочарувањата со кои се соочивме не можевме директно да влијаеме, ниту да ги спречиме. Но на голем дел и самите им кумувавме, ги поттикнавме и поддржавме, несвесни какви сѐ проблеми тоа понатаму ќе донесе за државата и за граѓаните.

Има една изрека што вели – ако се фокусирате само на проблемите, ќе имате уште повеќе проблеми, но ако се фокусирате на можностите ќе изнајдете и повеќе можности. Од таа гледна страна на разочарувањата може да се гледа и како на можност за ресетирање и отрезнување. Затоа во продолжение и за двата аспекта. За разочарувањата и проблемите, но и за можностите. Но најпрво за одредени најнови факти и сондажите како своевидна поткрепа и повод за анализа и размислување.
Најновите истражувања на институтот за демократија „Социетас цивилис“ и на фондацијата „Конрад Аденауер“ покажуваат драматичен пад кај македонските граѓани во довербата и влијанието на Европската Унија. Со други зборови, македонските граѓани се длабоко разочарани од односот на ЕУ кон нашата држава, но и генерално.
Истата анализа посочува и дека мнозинството граѓани на Македонија сметаат дека не треба да се отстапи пред бугарските барања поврзани со ревизија на историјата, уцените за јазикот и барања во однос на положбата на бугарското малцинство Македонија.
Токму ваквите јасни укажувања и мислења на граѓаните мора да ги слушнат надлежните институции и органи и да ги уважат при градењето на идните позиции и преговори со Бугарија. Тоа е тоа ресетирање и премин од моментално разочарување до можно себевоздигање и гордеење. Доколку се примени и уважи оваа сѐ помасовна граѓанска поддршка и отпор против бугарските уцени и притисоци тогаш разочарувањето ќе се претвори во силна самодоверба и верба во институциите. Македонија испушти една таква голема шанса пред неколку години и наместо гордост, доживеавме разочарување.

Затоа во следниот период се потребни редефинирање, реструктурирање и можеби изградба на нов светски и европски поредок. Поредок што ќе биде многу поправеден и ќе почива на почитувањето закони, стандарди и општоприфатливи и дефинирани
критериуми, наместо на уцени и на сила како досега. Поредок со кој ќе се превенираат и избегнат нови страдања и разочарувања

Да се потсетиме. Обидот за промена на уставното име на државата по пат на референдум заврши неуспешно во 2018 година. Референдумот пропадна поради бојкот и недоволен одзив на граѓаните. Тоа беше силна и јасна порака на граѓаните, која политичарите не ја послушаа. Една година потоа, на „балкански начин“ што би рекол тогашниот еврокомесар Јоханес Хан, со носење пратеници од затвор за да гласаат, беше сменето уставното име на државата. Последиците од тие одлуки и времиња ги чувствуваме и денес. Европската реалност за Македонија остана само кошмарен сон. Затоа и не треба да нѐ чудат сега рекордно ниската доверба и огромната разочараност на македонските граѓани во ЕУ. Тоа е затоа што Брисел не стори ништо да ја спречи инвазијата на уцени и притисоци врз Македонија, туку уште повеќе ја поттикнуваше.
Но да се вратиме пак на можностите. Ние не можеме да управуваме со ветерот, но можеме да ги нагодиме и приспособиме едрата, рекол Томас С. Мансон.
И Македонија мора да ги нагоди едрата според ветерот и насоките, кои доаѓаат пред сѐ од сопствените граѓани. Да ги искористи сите можности од дома и од надвор и, секако, да не отстапи од своите национални интереси.
Токму изминативе денови имаше редица такви јасни и гласни пораки што се однесуваат на искористување на можностите за државата и чекорите што треба да се преземат во иднина.
Голем дел од тие пораки на истакнати личности и институции како МАНУ или Институтот за македонски јазик ги пренесе и нашиот весник. Сѐ се тоа пораки што се однесуваат на одбрана и зачувување на македонскиот јазик, македонскиот идентитет, историјата, култура итн.
Сосема за крај и една порака до македонските политичари од власта и од опозицијата. Наместо да заземате страна во туѓи војни и туѓи спорови, многу е подобро здружено да ги браните интересите на сопствената држава. И да застанете на единствената исправна страна. На страната на народот.

[email protected]