Интересите на Македонија и граѓаните во преден план

Македонија во следниот период е исправена пред редица сериозни искушенија и предизвици, како на домашен така и на меѓународен план. Тоа само по себе бара максимална посветеност и одговорност на сите политички чинители, како и функционирање на сите институции со полн капацитет. Во таа насока, одржувањето на меѓупартискиот дијалог во форматот на „лидерски средби“ нема никаква политичка тежина, освен што служи за одвлекувањето на вниманието на граѓаните од хроничните проблеми во македонското општество, како и за билдање на личните рејтинзи на партиските лидери

Во последната недела од првиот месец во годинава ни претстои првата епизода од два одвоени процеса, од кои ќе произлезат и првичните прогнози за претстојната внатрешнополитичката клима во земјава. Едниот процес се однесува на возобновениот дијалог меѓу Македонија и Бугарија, што започна со посетата на новоизбраниот бугарски премиер Кирил Петков, еден ден по изгласувањето на новата македонска влада предводена од Димитар Ковачевски. Вториот, не помалку важен по својата суштина, е обидот за воспоставување на поинаков начин на комуникација меѓу власта и опозицијата во Македонија, преку најавите за одржување средба меѓу главните политички претставници на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. Какви ќе бидат текот и развојот и на двата процеса, засега е неизвесно, но сосема е јасно дека создавањето поповолна клима ќе зависи од подготвеноста на сите актери да изнајдат решенија за надминување на проблемите што ги засегаат македонските граѓани и за подобрување на внатрешните економски и политички услови.
Во однос со настаните поврзани со односите со Бугарија, во делот од медиумското известување, се забележува (пре)нагласениот оптимизам. И самиот бугарски премиер Петков, во пресрет на утрешната заедничка седница на двете влади во Софија, коментира „дека постои можност да биде направено нешто што не се случило во последните 30 години“! Повторно по три децении независност на Македонија се враќаат во игра старите планови за воспоставување на железничката линија помеѓу двата главни града во најкраток можен рок, како и за патувањето побрзо со автомобил или за остварувањето на авионската линија. Тука е и планот за културното поврзување на двата народа и низа други образовни програми. Значи, тоа што не било направено за последните децении, треба да се реализира во овие шест месеци, колку што трае француското претседавање со Европската Унија, а во кои треба да биде подигнато бугарското ембарго!? За сериозноста за реализација на ваква амбициозна програма за добрососедство, од македонска страна веќе се и формирани и четири работни групи за преговори со Бугарија.

За да бидеме докрај искрени, треба да споменеме дека претходните премиери на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, одржаа заедничка седница на двете влади, во ноември 2017 година, во Струмица. Двајцата тогашни премиери најавуваа „нова ера“ во односите меѓу Бугарија и Македонија, за по неколку години, тие да бидат доведени на најниското ниво, поради големобугарските соништа и негирањето на македонскиот идентитет и јазик. Оттаму најавата за нова заедничка седница на двете влади не мора да значи ништо, доколку Софија не ги смени својата политика и уценувачкиот однос кон Македонија. Сите обиди за зголемување на економската соработка и инфраструктуроно поврзување меѓу двете земји се за поздравување и на тоа треба да се работи со полна пареа. Но истовремено, Македонија не смее да отстапи ниту милиметар од зацртаните позиции во резолуцијата што ја усвои македонското собрание, а која се однесува на одбрана и заштита на македонската посебност, македонскиот јазик, идентитет, историја итн.
На домашниот терен меѓупартиските релации се и понатаму замрсени, без да постои и мал оптимизам дека работите ќе се поместат од почетната точка. Со формирањето на новото парламентарно мнозинство, владината криза е надмината, но остануваат длабоките разлики меѓу главните политички партии.
Главната точка на разидување е одржувањето на предвремените парламентарни избори за што се залага опозицијата, а тоа го поставува и како услов за одржување на средбата меѓу Христијан Мицковски и Димитар Ковачевски. Од новиот премиер стигна одговорот дека не прифаќа никакви уцени, повикувајќи го лидерот на опозицијата да разговараат за постигнување договор за побрзо излегување од економската, здравствената и енергетската криза. Дополнителна тема се појавува и со настојувањето на помалите парламентарни партии за измена на изборните закони и за воведување една изборна единица, но без воведување изборен праг.
Ова само покажува дека наредните месеци за Македонија и за граѓаните продолжува неизвесната политичка состојба. Наместо да се насочат на решавање на многубројните проблеми на централно и на локално ниво, политичките партии се преокупирани со остварување ситни политички поени, на сметка на влошување на економскиот стандард на граѓаните и неизвесната бизнис-клима во земјата.

Податокот дека Македонија во минатата година имала најмалку странски инвестиции од земјите во регионот, во најголем дел и поради предолгото траење на изборниот процес на локалните избори и предолгите и мачни парламентарни и владини комбинаторики, треба сериозно да ги загрижи политичарите и од власта и од опозицијата. Одржувањето на меѓупартискиот дијалог во форматот на „лидерски средби“ нема никаква политичка тежина, освен што служи за одвлекувањето на вниманието на граѓаните од хроничните проблеми во македонското општество, како и за „билдање“ на личните рејтинзи на партиските лидери. Тоа што е потребно во периодот на најголемата економска криза е функционирање на сите институции во полн капацитет и со еднакво преземање на одговорноста од носителите на јавни функции во државната и локалната власт.