И Македонија има право на меѓународното право

Гледано од македонска перспектива, не може да се пренебрегне чувството за неправеден третман на Македонија од меѓународната заедница од аспект на меѓународното право. Од почетоците на нејзината независност, од 1991 година, па сѐ досега се чини дека за Македонија повеќе се применува опачината на меѓународното право. Подолг е списокот на „гревовите“ од меѓународната заедница спрема Македонија со примената на двојните стандарди, кога станува збор за почитување на меѓународното право

Ниту „почетниците“ во политиката не се воопшто наивни да веруваат дека едностраното придржување до утврдените принципи на политичко дејствување само по себе ќе ги одведе до реализација и почитување на нивните права. Исто така, на „малите играчи“ во геополитиката им е јасно дека нивните интереси, секако, го немаат приматот пред оние што се мапирани како центри на светската моќ, иако основните принципи на меѓународните организации се засновани на еднаквост, рамноправност и сувереност, како на малите така и на големите политички субјекти. Позната е и реалноста дека големите судири за превласт во геополитиката дополнително го потиснуваат интересот за и така потиснатите права на малите држави и нации, но тоа сепак не смее да се прифати како „релевантно оправдување“ на меѓународната заедница за легитимирање на двојните стандарди со примената, почитувањето, но и прекршувањето на меѓународното право.
Почетокот на воената операција на Русија врз соседната Украина, на 24 февруари, годинава, од меѓународната заедница предизвика инстант реакција за грубо кршење на меѓународното право. Во принцип, секоја агресија во меѓународните односи, а особено со воено-вооружени средства, претставува директна спротивност на гаранциите во меѓународното право за еднаква сувереност. И секоја агресија заслужува осуда, како што е природна реакцијата на сочувство за жртвите и поддршка на сите оние што се принудени да се справуваат со вознемиреноста и неволјите што ги предизвикуваат конфликтите!

Гледано од македонска перспектива, повикувањето на меѓународното право од страна на земјите што ја претставуваат западната демократија, (со кои сме и сојузници во НАТО и не се откажуваме од идејата да бидеме заедно и во ЕУ…) за руско-украинскиот конфликт, не може да се пренебрегне чувството за неправеден третман на Македонија од истата таа меѓународна заедница, во однос на нејзините децениски предизвици токму со она што ѝ припаѓа според истите утврдени цивилизациски принципи. Од почетоците на нејзината независност, од 1991 година, се чини дека за Македонија повеќе се применува опачината на меѓународното право. Кога станува збор за афирмацијата на Македонија во меѓународните односи, се чини дека основните принципи на меѓународното право за рамноправност, самоопределување, себеименување, еднаква сувереност… пропаѓаат и се губат низ скинатата постава на демократската „наметка“ од која сите би требало да имаат право на заштита од неправди. Не само што замижувала и не реагира(ла) меѓународната заедница кога, од страна на соседите, Македонија е (била) негирана, уценувана со барања што се во директна спротивност со принципите на меѓународното право туку често не ги почитува и ги „поттурнува под черга“ одлуките на своите авторитетни институции. Игнорирајќи ја пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, орган на ОН, за прекршување на Привремената спогодба од страна на Грција за да не ја попречува Македонија во зачленување во меѓународни организации, меѓународната заедница си го одзема адутот за принципиелност во повикувањето на меѓународното право, како и кредибилноста при осуда на други државни субјекти кога ги дерогираат неговите принципи.

Подолг е списокот на „гревовите“ од меѓународната заедница спрема Македонија со примената на двојните стандарди, кога станува збор за почитување на меѓународното право. Почесто беа применувани методите на манипулација и искривување на принципите, само во интерес на остварување одредени (наводно повисоки) геополитички цели и интереси, секогаш на штета на Македонија. Менувањето на уставното име на Македонија, со спогодба што сериозно ги загрозува македонскиот национален идентитет, просторно и временски се ограничува неговото постоење, се игнорираа малцинските права на Македонците што живеат надвор од границите на државата…, за меѓународната заедница денес претставува успешен проект, со кој е надминат деценискиот спор со Грција и се создадени услови за прием на земјата во НАТО. Сепак, реалноста ја демантира перцепцијата што сака да се наметне за успешноста на меѓународната заедница во решавањето спорови, во интерес на поголеми геополитички цели, па макар и по цена на игнорирање и прекршување на меѓународното право.

Решението со Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција и газењето на принципите на меѓународното право ги отворија асимилаторските апетити на другиот македонски сосед – Бугарија, која ја презеде грчката уценувачка тактика со вета, овој пат за почеток на македонските преговори за членство во ЕУ. Процесот на бугарски уцени спрема Македонија е во тек, а ЕУ (т.е. меѓународната заедница), повторно игра на картата на двојните стандарди во примената на меѓународното право, кога се работи за македонскиот случај.
Колку и да изгледаат неважно интересите и судбините на малите народи, т.н. „мали играчи“ во големата геополитика, кршењето на нивните права, кога-тогаш им се удира од глава на „големите играчи“. Геополитичките интереси во руско-украинскиот конфликт не смеат да бидат оправдување за игнорирање на правата на народите од другиот дел од светот. И Македонија има право на меѓународното право!