Француски предлог, англиски превод, а каде е загарантираниот чист македонски јазик?!

Суштината на демократијата (на која ЕУ е особено горда) е во тоа што процесите на барање компромис не запираат. Прифаќањето лошо решение затоа што наредниот предлог ќе биде полош не е принцип според кој се градат цивилизирани меѓународни, па и соседски односи. Еднаш прифатената уцена не носи решение на кризната состојба, туку само ги отвора апетитите за нови уцени. А Македонија има свежо искуство на зголемени апетити по уцени со Преспанскиот договор, поврзан токму со евроинтеграциите. Прифаќањето непристоен предлог како „транзициски компромис“ е само еуфемизам на ЕУ-бесперспективноста и подлабоко тонење во калта на уцените

Македонија е на нозе, вознемирена и на штрек од скриените намери за разградување на македонскиот национален идентитет, спакувани во заплетканите дипломатски формулации на неколку документи од ЕУ испратени до македонската влада, а веќе „обнародени“ под заедничкото име – француски предлог. Тој, „францускиот предлог“, претставен од претседателот на Франција, Макрон (а потоа и од низа европски политичари) како „компромис“ за надминување на бугарското вето за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, всушност се три документи, навистина „транспарентно“ закачени на веб-страницата на Владата, само што содржината е на англиски јазик. Премиерот Ковачевски веќе четири-пет дена организира средби со другите политички субјекти во Македонија, претставувајќи им ги (според него) придобивките за македонските позиции во ЕУ содржани во тој предлог со француски потпис; лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Мицковски, објаснува кои делови од документите треба да бидат отфрлени за да почнат да размислуваат за неговата прифатливост; претседателот на државата, Пендаровски, го квалификува предлогот како „транзициски компромис“…, но никоја од институциите не се потруди да направи официјален превод на македонски јазик, за да биде достапен и разбирлив како релевантна основа за „широката јавна дебата“. Само констатацијата на ваквата состојба, непостоење на официјален македонски превод на францускиот предлог (во англиска верзија), сериозно го поткопува адутот на оние што се изјаснуваат за негова прифатливост – дека со него е целосно заштитен македонскиот јазик и со одржувањето на првата меѓувладина конференција тој станува официјален јазик на ЕУ.

Дури и да се „проголтаат“ адутите за заштитеноста на јазикот, отсуството на македонската верзија на документите со кои се одредуваат третманот и судбината на Македонија во ЕУ фрла сомнежи врз транспарентноста и искреноста на намерите за конструктивна дебата.
Ниту притисокот за брза одлука и подметнување нога на „подотворената врата на ЕУ“, со прифаќање на ризикот прстите на бидат притиснати (па дури и некоја коска напукната), не говори во прилог на „шансата што не треба да се пропушти“. И покрај настојувањата за создавање во јавноста амбиент за широки консултации во општеството, преку информативни состаноци на премиерот со коалициските партнери и опозициските партии, соопштенијата, изјавите, па и прес-конференциите по таквите средби, оставаат впечаток дека предлогот за преговарачката рамка на Македонија со ЕУ (и другите придружни документи) треба да биде достапен за читање само „од рацете на самоповиканите политичари“. Така креираниот амбиент за добивање брза поддршка на контроверзниот француски предлог (инаку, прифатен од бугарското собрание), од Македонија е надграден со уште некои дискутабилни тези дека тој е од видот „земи или остави“. Односно, ако не биде прифатен овој предлог на преговарачката рамка од француското претседателство со Советот на ЕУ, Македонија практично самата се дисквалификува од сопственото евроинтегрирање, кое е стратегиска цел на државата од нејзината независност. Притоа, со некаква парадоксална логика, евидентното нерасположение на ЕУ за проширување, ирационалните и апсурдни вета што ги добиваше Македонија во 17-годишниот кандидатски статус, сите непродуктивни национално- идентитетски жртви направени досега се наведуваат како причина да се прифатат непристојните (и неприменети досега за никој друг во ЕУ) услови од францускиот предлог за еден лажен исчекор во бесперспективноста на евроинтеграциите.

Дека станува збор за пласирање лажни тези дека францускиот предлог е „конечен и непроменлив“ говори сеќавањето за минатиот (веројатно пропаднат) труд на германското и португалското претседателство со ЕУ во креирањето преговарачка рамка за Македонија, кои не беа прифатени од Бугарија. Колку и да се компромитирани демократските вредности и принципи на Унијата, колку и да е правото на земјите-членки неприкосновено пред она на кандидатите, сепак и оние земји што бараат прием во ЕУ имаат право да се повикаат на универзалните принципи на демократијата и да искажат што е прифатливо, а што неприфатливо од условите што им се поставуваат. Суштината на демократијата (на која ЕУ е особено горда) е во тоа што процесите на барање компромис не запираат. Прифаќањето лошо решение затоа што наредниот предлог ќе биде полош не е принцип според кој се градат цивилизирани меѓународни, па и соседски односи. Еднаш прифатената уцена не носи решение на кризната состојба, туку само ги отвора апетитите за нови уцени. А Македонија има свежо искуство на зголемени апетити по уцени со Преспанскиот договор, поврзан токму со евроинтеграциите. Прифаќањето непристоен предлог како „транзициски компромис“ е само еуфемизам на ЕУ-бесперспективноста и подлабоко тонење во калта на уцените.

Во интерес на настојувањата за прифаќање на францускиот предлог, беше посегнато и по „џокерот“ на меѓуетничките тензии во Македонија. Дури и да не се отфрли целосно таквата можност како лажна теза, се поставува прашањето ако тој се случи – кој ќе биде причината и носителот на конфликтот во земја-членка на НАТО.
Со сето (горчливо) искуство што Македонија го има на својот евроинтегративен пат, неправедно е од ЕУ и меѓународната заедница да ѝ се врши притисок за прифаќање предлог „на невидено“, со услови што не можат да се исполнат, а да не биде разграден македонскиот национален идентитет.