Фил­ма­џи­и­те из­гра­ди­ја пор­та кон ѕвез­ди­те

Македонскиот филм и филмовите во кои Македонија е копродуцент, изминативе неколку години доживуваат ренесанса, бележат сериозни успеси на меѓународни фестивали, а филмските работници стануваат вистински културни амбасадори на нашата земја. Во 2020 година, македонските филмови имаат 222 учества на меѓународни фестивали и имаат освоено 59 награди. Последна во низата добри вести е онаа за косовскиот филм „Улиште“, дебито на режисерката Блерта Башоли, во кој Македонија е копродуцент, а кој успеа да влезе во потесниот избор од 15 филма, од кои ќе се изберат пет за номинација за „оскар“ во категоријата најдобар странски филм

Годинава што полека изминува, генерално не беше најсјајна. Низа перипетии се случија, трагедии, живот во грч, дишење со половина гради… Но на крајот од годината, сепак, го тренираме мозокот да го видиме доброто, да се дистанцираме од негативното. И на површина испливуваат раритетните позитивни страни, потези за восхит, успеси за почит, достигнувања за слава, за честитање…
Крајот на годината, колку и да сакаме да ја прескокнеме фазата со сумирање на сметката на крајот, нѐ наведува да се пресметаме што направивме, какво наследство оставивме… И, види чудо, откако ќе се сумира листата, не е сѐ толку сиво, тмурно, токсично, безвредно. Личните пресметки ќе ги оставиме во интимно долапче (секој нека ја решава равенката по свое). Но кога ќе се направат пресметките и анализите на културната сцена, ќе видиме дека има многубројни светли точки, од кои една конзистентно трепка, менува бои и радува.
Македонскиот филм доживеа вистинска фестивалска ренесанса. Нашите филмски работници ја извадија креативата на најјако. Како вистински амбасадори ја испромовираа Македонија на недобројни фестивали.
Мојот инбокс годинава беше полн со светските успеси на нашите филмаџии.
Нашите режисери, актери, кинематографери, сценографи, продуценти освоија толку достигнувања, што е потребна студија за да се стават во еден текст. Ќе се обидам на набројам барем неколку, со надеж да не ми забележат другите.
Пред само неколку дена одекна веста дека по освојувањето на „големата награда“ на фестивалот во Билбао, квалификувањето за „оскар“, номинацијата за Европските филмски награди, освојувањето на наградата „златна колица“ за најдобар краток филм на „Загреб филм фестивал“, филмот „Северен Пол“ на Марија Апчевска-Петровска ја доби наградата „Санта Луциа“ за најдобар интернационален краток филм на фестивалот во Богота. А следно, филмот ќе се прикажува во Пекинг, Лондон, Трондхајм и Лес Аркс. „Северен Пол“ овозможи и македонската кинематографија да биде дел од црвениот тепих на престижниот „Кански филмски фестивал“.

Филмот „Нема да бидеш сама“ на режисерот Горан Столевски ќе ја доживее светската премиера на големиот филмски фестивал „Санденс“ во јануари. Македонскиот игран филм „Снежана на крајот умира“ по сценарио и во режија на Кристијан Ристески ќе има премиера на фестивалот „Сламденс“ во Парк Сити, САД. Режисерката Дина Дума со својот прв долгометражен филм „Сестри“ е национален претставник за „оскар“.
Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски периодов освои четири почесни признанија, а имаше и грчка, француска, италијанска премиера… Листата е долга за набројување. „Вера сонува за морето“ ја освои главната награда на 34. издание на Меѓународниот филмски фестивал во Токио! И имаше прикажување на педесетина интернационални фестивали. „Ефектот на среќа“ на режисерот Борјан Зафировски ја освои главната награда за најдобар филм на 11. издание на „Балканскиот филмски фестивал“ во Поградец. Долгометражниот игран филм „Хомо“ ја освои наградата за најдобра режија во Индија. Имаше проекција и во една од најдобрите киносали во Франција, „Камео“, и уште многу киноприкажувања. На „Сараевскиот филмски фестивал“, „Стела“ беше единствен македонски долгометражен филм. Имаше и други светски проекции, освоени награди. Играниот филм „Дедо и внук“ на режисерот Илија Пиперкоски е прогласен за најдобар странски филм на престижниот „Индипендент филм аворд“ во Лондон, а освои уште десетина признанија.
Последна во низата добри вести е онаа за косовскиот филм „Улиште“, дебито на режисерката Блерта Башоли, во кој Македонија е копродуцент, а кој успеа да влезе во потесниот избор од 15 филма, од кои ќе се изберат пет за номинација за „оскар“ во категоријата најдобар меѓународен филм. Американската филмска академија вчера ја објави прелиминарната листа во 10 категории, меѓу кои и за најдобар документарец и анимиран филм.
Присутноста на македонскиот филм на меѓународните фестивали е воочлива. Нема да навлегувам во детали, за финансии, кој како добил награди, дали заслужил, со каков квалитет и квантитет располагаме. Едноставно незанемарлив е фактот дека македонската филмска креатива одекна на знајни и незнајни (за нас) филмски платна. Ја маркира Македонија на мапата на светскиот филм. Филмот и филмските автори се наши реални културни амбасадори што континуирано го претставуваат и промовираат нашиот идентитет. Секоја форма на фестивалско прикажување е голема промоција на културата во земјава, како и афирмација на народот, јазикот, историјата, идентитетот…

Во 2020 година, македонските филмови имаат 222 учества на меѓународни фестивали и имаат освоено 59 награди, а годинава кога ќе се направат калкулациите мислам дека бројките се нараснати, успесите удвоени, а Македонија во седмата уметност е прикажана во импресивно светло. Македонскиот филм ја доживува својата преродба, и тоа со скромна поддршка и со силен ентузијазам. И треба да се афирмира, поддржи, стимулира, да ги прошири хоризонтите уште повеќе и да се отвори можност да се создаваат нови квалитетни филмски дела.
Уметноста оди пред политиката, а овие успеси се доказ за тоа. Еден мудар цитат вели дека ако можноста не тропа на врата, треба да се изгради врата. Па нашите филмаџии беа успешни неимари и изградија порта што им отвори пат кон ѕвездите.