„Фабриките“ работат и во трета смена

Битката на „фабриките“ продолжува безмилосно. Социјалните мрежи вријат и фабрикуваат неброени текстови секој ден. Од најпрецизни коментари и анализи до крајно вулгарни мизерии, кои не заслужуваат ниту да се споменат. Портали, порталчиња, блогови, Твитер, Фејсбук, буквално станаа плодно поле за разни ликови што катадневно објавуваат најразлични содржини, притоа не избирајќи начин како да го оцрнат политичкиот противник и да одработат за својот нарачател

„Слушнавте ли што направила новата градоначалничка вчераутро, откако падна снегот“, „Видовте ли каква диплома има новиот премиер“, „Го фатиле министерот со швалерка“. Овие и слични, уште поодвратни наслови на текстови нѐ бомбардираат секојдневно и буквално од сите страни. Граѓаните се збунети и се обидуваат да сфатат за што се работи. Зошто дојдовме во ситуација јавното мислење да го кројат луѓе што ги минуваат сите граници на пристојноста со своето пишување? Но не само тоа, туку нивните постови добиваат неверојатно голема посетеност на социјалните мрежи, или поедноставно кажано – граѓаните ги „голтаат“ овие теми, како од нив да им зависи животот.
Всушност, нема голема тајна. Битката на „фабриките“ продолжува безмилосно. Социјалните мрежи вријат и фабрикуваат неброени текстови секој ден. Од најпрецизни коментари и анализи до крајно вулгарни мизерии, кои не заслужуваат ниту да се споменат. Портали, порталчиња, блогови, Твитер, Фејсбук, буквално станаа плодно поле за разни ликови што катадневно објавуваат најразлични содржини, притоа не избирајќи начин како да го оцрнат политичкиот противник и да одработат за својот нарачател.
За жал, тоа стана нашата реалност, во која се родија некои нови „херои“, а патем воскреснаа оние за кои мислевме дека исчезнаа од јавната сцена. Сите заедно сега се дел од армијата што маршира во информативниот простор, од кој полека се повлекуваат конзервативните медиуми, не сакајќи и не можејќи да се натпреваруваат со нив. Се добива впечаток дека денес граѓаните повеќе им веруваат на луѓето на кои новинарските правила, кодексот и домашното воспитување им се сосема на крајот на нивните принципи, ако воопшто се држат до некакви принципи. Ним им е најважно да одработат што подобро и што поквалитетно според мислењето на нивните нарачатели, кои се најчесто удобно заседнати во некои партиски штабови, но и во некои други центри на моќ од каде што ги влечат конците на јавната сцена.

И како по правило, главниот таргет е секогаш некој истакнат играч од противничката екипа или, во случајов, од конкурентската партија. Се следи буквално секој чекор на конкуренцијата и веднаш се бара „закачка“, за да се направи текст со кој ќе се оцрни некоја изјава, постапка или ако нема што, самиот чин на појавување на некој од конкуренцијата на местото на кое не требало да биде, според мислењето на оцрнувачот. Но, се разбира, не спие ниту спротивниот табор. И тие ѕиркаат низ нивните тараби и бараат „грешка во чекори“, за потоа да се обидат да направат уште поинтересен, поинтригантен, па дури и пооцрнувачки прилог како одговор.
Сето ова уште еднаш нѐ навраќа на „фабриките“. За оние што подзаборавиле, со овој термин се означуваше штабот што се формира пред дваесетина години за потребите на една политичка партија, кога поголема група на новинари беше ангажирана да одработува, во тоа време на класичните медиуми. Но сега времето е поинакво, сега новите медиуми се многу подостапни, подинамични и многу полесни за манипулација. Новите медиуми, а пред сѐ социјалните мрежи сѐ уште претставуваат „сива зона“, во која ретко кој досега бил земен на одговорност за искажаното. Во такви услови, кога што и да се напише, не подлежи на речиси никакви санкции, многумина ја видоа својата шанса да ги испразнат сите свои фрустрации и да удрат со сета сила по оние за кои сметаат дека се виновни за нивната состојба.

А на оние што се ангажирани во новите „фабрики“, ваквата лимбо-ситуација им ги одврзува комплетно рацете за да се размавтаат и да удираат колку што им душа сака. Тоа што во секојдневното пресметување со сите неистомисленици не се поштедени ниту семејствата, ниту, пак, се води грижа за тоа колку изнесените податоци се веродостојни, тоа се чини никого не го загрижува. Најважно е да се задоволат најниските страсти. Се разбира, притоа да бидат задоволни и нарачателите.
И што да се каже на крајот? До кога ќе го трпиме овој терор на луѓето што немаат никакви скрупули, а кои максимално ги злоупотребуваат социјалните мрежи? Обидите да се стави целата оваа зона во некакви законски рамки, да може да се покренат некакви санкции засега остануваат безуспешни. Единствен одговор е да се игнорираат овие прилози, да не се отвораат, па макар и од љубопитност. Јасно ни е дека ова е тешко и речиси неизводливо, но ако сакаме да го зачуваме дигнитетот на информацискиот простор и да ја вратиме довербата во медиумите, мора од некаде да се почне. Белки дотогаш ќе се најде некое законско решение со кое ќе им се стави крај на сите глупости што нѐ бомбардираат секојдневно.