Бугарско-монтипајтоновско шоу пред европската и светската јавност

На нашите граѓани одамна им стана јасно дека преговорите за зачленување на нашата држава во Европската Унија станува мачен и тежок процес, во кој малку се остава простор за задоволство и радост од евентуално добивање на јунскиот датум за почеток на преговорите. Тоа што треба(ше) да претставува симболичен и свечен чин се претвори во бесмислен и исцрпувачки процес. Така стануваме сведоци на една монтипајтоновска претстава, овој пат во бугарска режија и сценографија, преполна со апсурдни и иронични испади и изјави од највисоки дипломати и државници

Како што одминува времето, симнувањето на ветото и отпочнување на процесот на преговори на Македонија за пристапување кон Европската Унија добива и хумористичен, повеќе гротескен призвук.
Најпрво, со одлуката на бугарскиот шоумен Слави Трифонов за напуштање на владината коалиција се направи едно такво монтипајтоновско шоу пред европската и светската јавност, така што ниту европската влада (Европската комисија), па ниту пак челниците на водечките ЕУ-држави, Олаф Шолц и Емануел Макрон, не можат да најдат ниту начин, а ниту замерки, за да направат бајпас на новата (бугарска итроштина) за одложување на евроинтегративниот пат на Македонија. Ваквиот политички маневар на Софија за некого е комичен, но за нас е трагичен. Тој најмногу му оди во прилог токму на бугарскиот премиер Петков, прво затоа што пред европските челници јасно ќе може да каже дека во услови на евидентна владина криза нема мандат сам да одобри кревање на ветото за Македонија, без оглед што им го ветил тоа. Од друга страна, ваквиот негов чин пред бугарската јавност, за внатрешна употреба, ќе изгледа како интелигентен политички маневар со кој премиерот успеал да се спротивстави на меѓународниот притисок и да ги повлече за нос и Шолц и Макрон и комплетната ЕК. Втора епизода на трагикомедијата каде што главни комедијанти се премиерите од соседството е репликата на Еди Рама. Колку и да сме неподготвени да ја прифатиме албанската смисла за хумор, повеќемина од нас почувствуваа непријатност од тоа што го слушнаа од албанскиот премиер Еди Рама, кој се обиде да биде духовит пред германскиот канцелар Олаф Шолц, со претставувањето на македонскиот премиер Димитар Ковачевски како „премиер на идната Западна Бугарија“?!

Досега имало и други досетки на сметка на припадноста на „западот“ и на „истокот“, но ниедна не била така јавно (дрско, безобразно, со црн хумор, па ако сакате и иронично-саркастично) искажана на високо дипломатско ниво и во толку сложен надворешнополитички контекст, особено за Македонија, која подолго време е заложник на бугарската националистичка политика, која се води под закрилата за исполнување на некакви заеднички европски критериуми и вредности. Настапот на Рама беше мошне недипломатски и само влијаеше на зголемување на сензитивно-фрагилната атмосфера, која во изминатите две години постојано беше подигнувана од навредувачки изјави од бугарските политичари, кои ја оспоруваат посебноста на македонскиот јазик, народ и историја. Затоа македонската јавност не може да се согласи целосно со објаснувањето од кабинетот на албанскиот премиер дека изјавата на Рама „била сарказам со Бугарија и иронија со Европската Унија“!

На нашите граѓани одамна им стана јасно дека преговорите за зачленување на нашата држава во Европската Унија станува мачен и тежок процес, во кој малку се остава простор за задоволство и радост од евентуално добивање на „јунскиот“ датум за почеток на преговорите. Тоа што треба(ше) да претставува симболичен и свечен чин се претвори во бесмислен и исцрпувачки процес, македонските граѓани стануваат сведоци на една монтипајтоновска претстава, овој пат во бугарска режија и сценографија, преполна со апсурдни и иронични испади и изјави од највисоки дипломати и државници. Оттаму и киселата насмевка на македонскиот премиер, кој беше неподготвен да реагираа соодветно на „упадот“ на албанскиот премиер, колку и да бил добронамерен и пријателски.

Но да се вратиме на политичките ефекти од првата балканска турнеја на новиот германски канцелар Шолц, која не ни донесе ништо ново за олабавување на бугарското вето, во споредба со претходните посети на европските функционери. Повторно ги слушнавме истите ветувања од Брисел „за силни заложби Западен Балкан да биде дел од Европската Унија“ со додавката дека Македонија ги исполнила сите услови за почеток на преговорите.

Тоа што беше поразлично од настапите на претходната канцеларка Ангела Меркел е што отсуствуваше препознатливата германска строгост, кога се соопштуваат пораките што се однесуваа за Македонија и за другите земји од регионот за спроведување на внатрешните реформи кон европскиот пат. Но внимателните надворешнополитички набљудувачи ќе забележат дека главната порака за власта во Скопје, Олаф Шолц ја испрати од неговата посета на Софија, од каде што, меѓу многуте искажани реченици, ќе соопшти дека „силно го поддржувам започнувањето на преговорите со Република Северна Македонија и Албанија. Северна Македонија мора да ги исполни сите услови“!
Некои од домашните аналитичари брзо се обидоа ваквиот настап на Шолц да го објаснат во неговата намера „за смирување на бугарската јавност“ и за задоволување на бугарскиот премиер Кирил Петков, кој на заедничката прес-конференција ги изрецитира трите услови на Софија за кревање на рампата за добивање датум за преговори за Македонија. Трите услови, како што се познати, се: влегување на Бугарите во македонскиот Устав, почитување на Договорот за добрососедство меѓу двете земји и спроведување на декларацијата на бугарскиот парламент. Сето ова нѐ воведува во нова трагикомична, иронична фаза од процесот на проширување на Европската Унија, за што сите јавно се залагаат, а во суштина ништо конкретно не се случува.

Оптимизмот за постигнување некаков брз компромис во македонско-бугарските односи неповратно истекува во јуни. Од повеќе извори може да се слушне дека позитивниот исход се одложува за два-три месеци по завршувањето на француското претседавање со Европската Унија. И самиот македонски премиер јавно порачува дека „не може да бидеме заложници постојано на самитите на Европската Унија дали ќе има датум или нема да има датум“.

Пред Македонија во наредниот период стојат сериозни предизвици за справување со економската и енергетската криза, а сосема е извесно дека темата за проширување на Европската Унија ќе се симнува од агендата на македонските политички партии. Притисоците на опозицијата за одржување предвремени парламентарни избори, заедно со претседателските, ќе бидат сѐ посилни, а тоа е период кога сосема е сигурно дека никој од политичките фактори во земјата нема да презема ризични потези што допираат во националните прашања, а со цел релаксирање на односите со Бугарија. Така, темата за проширување ќе остане „замрзната“ на неопределено време.