Аларм за спас на Јустиција

Зошто Европа не би имала и некој повикувачки број преку кој ќе се алармира за одредени кризни ситуации во други значајни области, како што е (не)владеењето на правото, (не)почитувањето на човековите права и слободи, непочитувањето на потпишаните повелби, декларации, резолуции итн. Тешки прекршувања и кризни ситуации во овие области има многу повеќе отколку што има ѕвезди на небото

Македонија влезе во ЕУ. Не, не е воопшто шега ниту лажна вест.
Македонија навистина, денеска, (петок 11 февруари), влезе во ЕУ со сесрдна помош и поддршка токму од Европската Унија и без бугарско вето. Датумот на влез 11.2 е симболично избран во функција на намената. По повеќе од 15 години напорни подготовки и планирања, конечно станавме дел од ЕУ. И тоа на наједноставен можен начин. Преку телефон. Само со вртење на бројот 112. И веќе се чувствувате како вистински Европејци. Тоа што одамна го имаат тие, сега го имаме и ние.
Додуша бројот е наменет само за итни повици и е универзален за сите земји-членки на Европската Унија. Но тоа е помалку важно. Она што е најзначајно е што и Македонија преку 112 од вчера стана дел од европското семејство и што тука вето не може да ни стави никој. И притоа не мора да се откажуваме од ништо, не мора да менуваме име, историја, јазик, идентитет… Само со едно „ало“ сме дел од толку посакуваната Европа. За првпат сме дел од обединета Европа без да бидеме изложени на нечии уцени, притисоци, каприци или трауми од минатото. Што би рекол Нил Армстронг – ова е мал чекор за човекот, но голем за Македонија. Зашто по сѐ што изминативе години проголта и претрпи Македонија во име на некакво идно европско интегрирање, ова со 112 би рекол дека е наше најспонтано, најбезболно и најлесно европско асоцирање. Ма, колку тоа некому да му звучи иронично, патетично или како и да е.
Инаку, станува збор за европски унифициран број преку кој од едно место се координира одговорот на секоја можна кризна ситуација и веднаш се испраќа помош на посочената локација. Иако се работи за европски стандард, лично посакувам овој број што помалку да се користи во практика кај нас, односно да има што помалку кризни ситуации од кој било вид.
Доста ни е веќе од кризи и кризирања. Иако понекогаш се добива впечаток како да сме зависни од кризи или сами себеси да се навлекуваме на кризи. Замислете Собранието не смогна сила и не најде начин да го укине ниту форматот на пржинска влада, кој сам по себе претставува синоним на одредена кризна состојба. Таков формат на кризна влада, како што е пржинската влада за спроведување избори не постои никаде во светот, ниту пак е дефинирана со Уставот и другите правни акти во државата. Досегашните неколку примери на нејзино функционирање само покажаа дека тој формат и експеримент е целосно нефункционален и неуспешен и продуцираа поголеми кавги и делби меѓу владините ресори. Но нам изгледа овој модел ни е добар. Штом Собранието смета така. Значи пржинската или кризна влада ќе ни остане и понатаму, и за следните избори.

Но да се навратиме уште малку на Европа и нејзините добри практики. Еве, токму воведувањето на унфицираниот број за кризни ситуации е добар поттик за размислување околу потребата и од други вакви броеви. Зошто Европа не би имала и некој повикувачки број преку кој ќе се алармира за одредени кризни ситуации во други значајни области како што се (не)владеењето на правото, (не)почитувањето на човековите права и слободи, непочитувањето на потпишаните повелби, декларации, резолуции итн.
Како своевиден аларм за спас на Јустиција. Зашто правдата, нели, е темелот на Унијата. А, пак, тешки прекршувања и кризни ситуации во овие области во практика има многу повеќе отколку што има ѕвезди на небото.
Може ли да замислите преку отворена телефонска линија да може да се пријават сите опструкции со кои се соочуваат некои од земјите-аспиранти, особено Македонија. Веројатно линијата би експлодирала уште во првата минута. Може бројот да биде и со македонски префикс или предзнак, за веднаш да се знае кој од каде се јавува.
Еве, на пример, бројот 08.09.1991. Или можеби бројот 02.08.1903, односно 02.08.1944 како симбол за претходните два Илиндена.
Во продолжение, еве и краток преглед на што, на пример, би се однесувале македонските забелешки до Европа во однос на кризните ситуации со (не)почитувањето на меѓународното право, (не)почитувањето на копенхашките критериуми, непочитувањето на конвенциите за човекови права, (не)почитувањето на ОН, кршењето на париската повелба итн.
Македонија може и мора да ја алармира Европа за кршењето на универзалното право на самоопределување на нациите.

По сѐ што изминативе години проголта и претрпи Македонија во име на некакво идно европско интегрирање, ова со 112 би рекол дека е наше најспонтано, најбезболно и најлесно европско асоцирање. Ма, колку тоа некому да му звучи иронично, патетично или како и да е. Од друга страна, токму воведувањето на унфицираниот број за кризни ситуации е добар поттик за размислување околу потребата и од други вакви броеви

Понатаму, Македонија може да поднесе тужба и до Судот за човекови права во Стразбур за непочитување на Европската конвенција за човекови права од страна на Бугарија за непочитување на 17-те пресуди што се донесени таму и се однесуваат на правата на македонското малцинство во Бугарија.
Гледано низ призмата на меѓународното право и неговата неприкосновеност, Македонија може да го алармира и ОН дека Бугарија го прекршува и Парискиот мировен договор на кој се има обврзано и го има потпишано.
Грижата за малцинствата е обврска на Бугарија прифатена со Парискиот мировен договор уште од 1947 година, значи уште пред 75 години. Овие преземени правни обврски ниту престануваат да важат, ниту пак застаруваат, дотолку повеќе што документот е депониран во ОН. Тоа што Бугарија не ги спроведува и не ги почитува е криминал врз меѓународното право. Како што се криминал и нејзините барања и уцени кон Македонија за непризнавање на јазикот, идентитетот и преиначувањето на историјата. Се сѐ тоа кризни ситуации без преседан во глобални рамки, пред кои не смее да се молчи. Мора да се сигнализира и алармира, на секој можен начин.
Македонија треба да ги извади на виделина и сите архивски документи, кои ги има во сите светски центри и во кои јасно е напишана нашата национална историја, нашата посебност и нашиот идентитет.
Да се обелоденат уште еднаш пред светската јавност сите историски документи, кои јасно ги отсликуваат нашата антифашистичка борба, нашата самобитност, посебност како народ и држава.

Сосема за крај, уште еден показател што доаѓа од истражувањето на реномираниот „Економист“. Според најновото рангирање за индексот на демократија во светот, Македонија го подобрила својот индекс и се искачила повисоко на табелата, односно од земја со хибриден режим сме преминале во категоријата демократија со недостатоци. Притоа, најслаби оцени сме добиле во делот што се однесува на политичката култура. Па и не е за чудење. Толку сме „политички културни“ што повеќе внимаваме да не се налутат другите отколку каква штета ќе си нанесеме самите на себе.
Овој феномен на системско самоодрекување, бришење и себенегирање нам, Македонците, ни е многу добро познат од одамна. Жално е што продолжува и денес. Затоа и апелот за спас на Јустиција треба да биде и своевиден апел за будење и спас и на Македонците.

[email protected]