„Административната поделба“ не го положи тестот на времето

Сликата на запуштените села и градови низ Македонија кажува многу повеќе од какви било зборови. Но, сепак, треба да се потсети на политичкиот амбиент, на сите контроверзии и поделби што беа присутни при исцртавањето на сегашната карта на општините во Македонија, на тоа дека оттогаш поминаа речиси две децении и дека сега имаме ситуација што, по претстојното објавување на резултатите од есенскиот попис на населението, веројатно дополнително ќе се закомплицира поради веќе утврдените големи миграции на населението и прогнозираното високо ниво на депопулација

Интензитетот и димензиите на настаните во изминатиов период не оставаат многу простор јавноста да се позанимава и со состојбите и процесите што, на прв поглед, не изгледаат толку „експлозивни“, но во ниту еден случај не се за потценување, особено кога на повеќе начини, директно и индиректно, задираат во интересите и во тековното функционирање и на граѓаните и на државата. Вистина, во периодов кога глобалниот амбиент постојано генерира некакви кризи, кои, се разбира, во разни форми се манифестираат и во Македонија, се наметна и дебатата за состојбата на општините и за неподготвеноста на многу од нив да ги финансираат своите трошоци. Но, како и повеќето од овдешните дебати, и таа отиде во сосема погрешна насока, сведувајќи се на прашањето дали државата треба да ги намирува општинските долгови. Наводно, поради кризата, иако тие што сакаат можат да се присетат оти голем број општини беа презадолжени уште кога кризата не се ни навестуваше, а само ретките беа во состојба да размислуваат за некакви развојни планови.
И тоа не е и не беше резултат само на недостигот од пари. Голем број ситуации укажуваа на слабиот кадровски потенцијал во општините. Последната одлука на Државната изборна комисија да ја прекине постапката за избор на градоначалник на општината Маврово-Ростуше, делумно, тоа и го потврди.
Имено, во оваа општина сѐ уште не може да се избере градоначалник, иако локалните избори завршија низ целата држава во октомври минатата година. А ДИК сега го откажа и гласањето најавено за 17 април, откако единствениот кандидат и актуелен градоначалник од редовите на владејачкото СДСМ, Медат Куртовски, минатата недела ја повлече кандидатурата, со образложение дека тоа го прави бидејќи, како што објасни, нема потреба од дополнителни трошоци во општинскиот буџет за време на кризата, зашто изборите повторно би можеле да пропаднат. На оваа му претходеше објавата на опозициското ВМРО-ДПМНЕ дека нема да учествува на избори од причина што „не сака да биде декор за една одлука што е непромислена и избрзана, без да се седне на маса и да се разговара“.

Сега, барем според она што е предвидено во Изборниот законик, Владата би требало да назначи свој повереник што ќе ги врши работните должности на градоначалникот и да го информира Собранието, кое треба да распише нови избори.
Оваа наизглед бенигна ситуација маскира многу метастатски жаришта. Тоа што централната ќе изврши уште еден легален упад во локалната власт е најмалиот проблем. Проблемот, за кој и партиите што се на власт и опозицијата не сакаат многу да зборуваат, е неодржливоста на постојниот систем на локална самоуправа и во финансиска и во кадровска смисла, што очигледно произлегува од предимензионираниот број на општини, кои, како што покажа времето, во значителен дел, беа креирани како резултат на голем број компромиси. При воспоставувањето на постојната административна поделба или територијална организација, тогашните „геометри“ беа инструирани да задоволуваат партиски, национални и секакви други интереси, наместо да воспостават критериуми врз основа на кои ќе се создадат не само одржливи и функционални општини туку и општини што ќе имаат капацитет да го унапредуваат квалитетот на животот на своите граѓани и да создадат услови за развој на стопанството на своите територии.
Сликата на запуштените села и градови низ Македонија кажува многу повеќе од какви било зборови. Но, сепак, треба да се потсети на политичкиот амбиент, на сите контроверзии и поделби што беа присутни при исцртавањето на сегашната карта на општините во Македонија, на тоа дека оттогаш поминаа речиси две децении и дека сега имаме ситуација што, по претстојното објавување на резултатите од есенскиот попис на населението, веројатно дополнително ќе се закомплицира поради веќе утврдените големи миграции на населението и прогнозираното високо ниво на депопулација.

При воспоставувањето на постојната територијална организација, тогашните „геометри“ беа инструирани да задоволуваат партиски, национални и секакви други интереси, наместо да воспостават критериуми врз основа на кои ќе се создадат не само одржливи и функционални општини туку и општини што ќе имаат капацитет да го унапредуваат квалитетот на животот на своите граѓани и да создадат услови за развој на стопанството на своите територии

Затоа, сега е момент, резултатите од пописот наместо за меѓупартиски, меѓуетнички и слични пресметки, да се искористат како основа за правење здрави проекции, а зошто да не и за прекројување на единиците на локална самоуправа, кои нема само да преживуваат со помош од централниот буџет туку ќе бидат самоодржливи, функционални и ќе се развиваат.
Голем број експерти за локална самоуправа и добри познавачи на состојбите на теренот веќе дадоа свои оцени и видувања за овој проблем. Повеќето од нив недвосмислено констатираа оти 80 општини се премногу за територијата на Македонија и дека со евентуално физичко или функционално спојување на некои од помалите општини, тие би можелe не само да си ја намалат зависноста од централната власт туку и да изградат значително подобри капацитети за грижа за граѓаните и за стопанството на своите територии.

[email protected]