16 = 250

775

Секојдневно сме сведоци дека земјите од регионот, а особено Македонија, се во самиот врв на црните листи кога станува збор за загадувањето на воздухот. Најновиот податок дека шеснаесет западнобалкански термоцентрали на јаглен загадуваат исто колку сите 250 термоцентрали во ЕУ е само уште една потврда за алармантноста на состојбата со загадувањето на воздухот

Проблемот со загадувањето на воздухот не престанува да ги полни насловните страници на домашните и светските медиуми. Секојдневно (со право) сме бомбардирани со анализи, а богами и со најцрни прогнози, за причините и последиците од загадувањето на воздухот. Стана „здодевно“ да читаме за тоа дека Скопје е прв, втор (некогаш трет-четврт, во зависност од ветрот што дува) најзагаден град во светот. Секојдневно сме сведоци дека земјите од регионот, а особено Македонија, се во самиот врв на црните листи, како да сме претплатени за негативни рекорди. Сето тоа се одразува врз здравствената состојба на сите граѓани и секоја години коси илјадници човечки животи. Во европски рамки, загадувањето на воздухот му одзема по една година од животот на секој Европеец.

За да ја дополни оваа црна слика со загадувањето на воздухот се погрижи најновиот меѓународен извештај (неодамна претставен во Брисел), според кој 16 западнобалкански термоцентрали на јаглен загадуваат исто колку и сите 250 термоцентрали во Европската Унија. Да, да, добро прочитавте, не е печатна грешка. Во 2016 година, шеснаестте термоцентрали од регионов во воздухот испуштиле количество на сулфур диоксид колку сите термоцентрали во ЕУ. Една просечна централа на јаглен во Западен Балан емитува дваесет пати повеќе сулфур диоксид и 16 пати повеќе ПМ-честички од просечна европска централа. И тука, за жал, можеме да се „пофалиме“ со наш претставник. Па, така, РЕК „Битола“ се наоѓа на осмото место на листата од десет најзагадувачки фабрики во Европа. Босанската „Угљевиќ“ загадува исто како и сите фабрики на јаглен во Германија заедно. Шампионското прво место на најголем европски загадувач го држи фабриката „Костолац Б“ од соседна Србија.

Надлежните мора да почнат со спроведување на мерките и препораките. И тоа веднаш. Во спротивно, западнобалканските земји ќе останат демографска-еколошка-економска дупка и ќе продолжат да бидат препознатливи по црните рекорди и негативните ранг-листи. Сѐ додека и целосно не се задушиме. Време е за итна акција!

Последиците од загадувањето на воздухот од овие индустриски капацитети се шокантни и поразителни. Загадувањето на воздухот е причина за над 3.000 случаи на прерана смрт на Западен Балкан, додека, пак, во Македонија во 2016 година се регистрирани 104 случаи. Илјадници прерано завршени животи, илјадници зацрнети семејства, а одговорност нула…

Анализата исто така проценува дека медицинските трошоци на годишно ниво, предизвикани од ова загадување, изнесуваат помеѓу шест и дванаесет милијарди евра, кои ги плаќаат граѓаните (и економиите) на најзагадените земји. Милијарди долари што може да бидат потрошени за многу поубави и општествено покорисни работи.

И тоа не е сѐ. За жал, на овој извештај му претходеа резултатите од глобалното истражување на Светската здравствена организација (СЗО). Резултатите не можат да бидат поцрни – секоја година во светот умираат околу седум милиони луѓе поради загадениот воздух, а само во Европа речиси половина милион. Покрај тоа, дури деведесет отсто од светската популација секојдневно дише загаден воздух. Истовремено, СЗО предупредува дека загадувањето на воздухот го намалува очекуваното траење на животот на секој Европеец за една година (во некои земји и за две години), главно поради зголемениот ризик од кардиоваскуларни и респираторни болести, како и поради рак на белите дробови.

Како да му се стави крај на ова зло и да се спасат и продолжат многу животи? Европските препораки до земјите од Западен Балкан се јасни – инвестирање во намалување на загадувањето во погоните за јаглен, затворање на сите постојни и стари централи на јаглен и да не се градат нови, наоѓање одржливи форми на заштеда на обновлива енергија, како и целосно имплементирање на стандардите од Парискиот климатски договор. Со еден збор, заборавете на јагленот како извор на енергија и барајте алтернативи. Надлежните мора да почнат со спроведување на мерките и препораките. И тоа веднаш.

Во спротивно, западнобалканските земји, меѓу кои и Македонија, ќе останат демографска-еколошка-економска дупка и ќе продолжат да бидат препознатливи по црните рекорди и негативните ранг-листи. Време е да се каже доста! И да се стапи во акција.