Ќор-фишеците на Водно и вакцината од Илинденска

Во услови кога Собранието не работи, имаме техничка влада, од лидерите се очекува да покажат државнички капацитет во секоја можна пригода. Да демонстрираат чувство за припадност кон корените и граѓаните. Да покажат идентитетска зрелост и да ги осудат обидите за газење и омаловажување на јазикот како светост на народот и државата. Наместо тоа видовме само празна реторика, политичко наддавање и лицитација со датуми. Случувањата на Илинденска, пак, се приказна сама за себе

Многу нејаснотии и нелогичности донесе последната лидерска средба кај претседателот на државата. Се добива впечаток како лидерите целосно да ја промашија целта. Наместо издржани факти, аргументи и градење заеднички став за суштински прашања се испукаа само неколку партиски ќор-фишеци. И толку. До следната пригода.
Ај што по својата форма и содржина една ваква собиранка е крајно дискутабилна, но кога веќе седнаа на заедничка маса изненадувачки и разочарувачки е како никој од присутните не го отвори прашањето за грубите атаки, уцени и обиди за негација на македонскиот јазик од страна на бугарски официјални органи и претставници. Зошто не се побара прво за ова прашање да се донесе јасен и непоколеблив став во форма на најостра осуда на ваквите обиди. Не дека на македонскиот јазик како вековен, државотворен, идентитетски супстрат на македонскиот народ му е потребно да се потврдува и докажува на лидерска средба, туку многу повеќе заради моментот и симболиката што ќе се испратеа пред целокупната јавност со еден таков гест. Тоа требаше да биде прва точка на средбата и првиот заклучок од неа.

Во услови кога Собранието не работи, имаме техничка влада, од лидерите се очекува да покажат државнички капацитет во секоја можна пригода, па и на вакви квазиинституционални средби. Да демонстрираат чувство за припадност кон корените и граѓаните. Да покажат идентитетска зрелост и да ги осудат обидите за газење и омаловажување на јазикот како светост на народот и државата. Наместо тоа видовме само празна реторика и политичко наддавање и лицитација со датуми. И ништо повеќе.
Сепак има можност за поправен. Изгубеното може да се дополни во некоја следна пригода. Но ајде да видиме. Во меѓувреме на сите нив искрено им препорачувам да го прочитаат денешниот специјален прилог во весникот насловен „Вистина и факти за македонскиот јазик“. И не само да го прочитаат, туку прилогот да им биде патоказ и водилка во креирање на политичките програми за овие, но и за секои други избори во Македонија. Засега толку за ова прашање.
Да се вратам на проблемот што и понатаму го преокупира вниманието на целокупната домашна и светска јавност.
Пандемијата на коронавирусот, освен страв и неизвесност кај обичните граѓани секојдневно носи и голем број изненадувања, да не речам куриозитети. Па, така, во Македонија одеднаш се појавија политички антитела и антигени. „Надлуѓе“ на кои опасниот вирус не им може ништо. Функционери што се природно имуни на сѐ. И тоа без никакво тестирање, испитување, анализа. Едноставно, прогласени се за имуни со владина уредба.

Што има да се чека од 12 до 16 месеци некој таму да измислува вакцина против ковид-19 кога постои многу поедноставен начин. Директно вакцинирање со владина уредба?! И после може да патуваат каде сакаат. Карантинот и мерките веќе не важат за нив како за сите други граѓани. Не се вели попусто дека господ прво себеси си направил брада.
Така и на нашите избрани и именувани функционери им е доделен имунитет за карантин. Со владината одлука сите функционерите отсега ќе може да одат на службени патувања во странство без да седат во задолжителниот карантин 14 дена, мерка што важи за сите други граѓани. Простете, но тука нешто како да не штима. Нели здравјето на сите зависеше од здравјето на секој поединечно. Нели борбата со вирусот може да биде успешна само доколку сите безусловно ги почитуваат мерките што ги предлагаат здравствените власти. Зошто постои полициски час и забрана за движење за сите граѓани, ако ваму одредени мерки и правила што важат за другите, не важат за функционерите. Зошто тогаш се крена толкава бука за литијата во Струга на пример, па се споменуваа и кривични пријави. Нели е политички лицемерно, правно дискриминаторски, но и крајно опасно по здравјето на сите граѓани да се прават изземања и отстапки од веќе востановените правила. За едни граѓани тие да важат, за други да не важат. И само затоа што станувало збор за функционери.
Системот на заштитни мерки може успешно да функционира само доколку е конзистентен, целосен и нема слаби алки. Со издвојување на некоја категорија граѓани што можат да влегуваат и да излегуваат од државата без почитување на карантинските мерки, едноставно целиот систем станува бесмислен. Притоа внимавајте, станува збор за мошне голема бројка од неколку илјади избрани и именувани функционери. Според некои податоци, повеќе од 5.000 функционери. Замислете ја сега таа армија да остане надвор од контрола. Видовме што се случи во Дебар, Куманово, Скопје или во Струга. Доволен е и само еден потенцијален преносител на вирусот, па епидемијата одново да се разгори со катастрофални последици. Без задолжителниот карантин и самоизолацијата, кои ќе гарантираат дека овие неколку илјади функционери што без контрола ќе излегуваат и влегуваат во државата нема пак да ја увезат и болеста. Некој ќе мора да понесе одговорност за тоа. Како што вели народот многу подобро е да се спречи отколку да се лечи. Освен ако оние од Илинденска не смислиле вакцина против ковид-19, која ја чуваат во тајност од другите.

Со домашните политики и политичари никогаш не сте начисто. Не знаете кој, кога, и со што ќе ве изненади. Е сега пријатно или непријатно, тоа зависи од перцепцијата на гледачот. Важно за самите себеси нашите лидери имаат највисока перцепција, која се граничи со патолошка самобендисаност и нарцисоидност. Деновиве лидер на политичка партија алудирајќи на ризиците што ги носат евентуалните брзи избори во јуни вели: „Што ќе се случи ако јас се разболам или некој од носителите на листи се разболи“.
И тука прави драмска пауза, за да ги замисли гледачите. Леле, навистина што ли ќе се случи ако тој се разболи. Ма катастрофа, пропаст, апокалипса… Демек се работи за некакво божество, натчовек, спасителот лично, па од неговата психофизичка состојба зависи сѐ друго.
Како еден човек или групата околу него, да се олицетворение на целата држава. Каква ли само самобендисаност. Па на ваквите наши лидери, според култот и тотемот што си ги градат и замислуваат сами за себе, може да им позавиди и Ким Јонг-ун. Море и некогашниот маршал и бравар од Кумровец вода може да им носи.
Сепак вистинската процена за тоа кој колкава сила и авторитет ужива меѓу граѓаните ќе ја видиме наскоро на изборите што претстојат. Но само доколку дотогаш успееме да ја ставиме епидемијата целосно под контрола и граѓаните да добијат цврсто уверување дека нема ризици по нивното здравје. Во спротивно, целиот процес може да се претвори само во уште еден ќор-фишек во празно. Тоа, се разбира, никој не го посакува.

[email protected].,mk