Ќе остане ли само пуста и соголена земја по пожарите?

И додека едни не спијат од грижа да не им бидат зафатени и куќите од огнот, други не спијат од мисла каде утре да запалат нов оган. Нивното пироманско уживање нѐ чини навистина многу. Години, децении се потребни да се обнови некој шумски појас, а нема да можат да нѐ спасат дури ни секојдневни акции „Ден на дрвото“ за да го вратиме сето она што го однесоа огнените стихии. Само во Ресенско минатата година имало вкупно 126 пожари, а сега само за три месеци 113. Според слободна процена на пожарникарите, изгореа околу 300 хектари трска и шума од националниот парк Галичица, но дабова шума гореше и на многу други места во земјава, во која од почетокот на годинава досега беснееле над 650 пожари

Уште неизгасен претходниот, еве ти нов пожар, повторно некаде гори. Веќе подолг период никако да стивнат огновите, кои изгореа огромни пространства шума. Земјава гори на сите страни, горат шуми во Делчевско, Липковско, Лакавица, Желино, Арачиново, Скопје, Велес, Битола, Преспа, Охрид. Лакавица остана без струја, бидејќи пожарот ги зафати електричните бандери, а во скопско Драчево огнот ја зафати железничката пруга, па остана во прекин железничкиот сообраќај. Беснееше оган и во паркот на природата Езерани, крај Преспанско Езеро, каде што пламените јазици зафатија голема површина од трска пред туристичката населба Отешево.

Преспа во петокот се бореше со пламените јазици на огнот што почна во селото Сирхан, а потоа ја зафати и шумата на националниот парк Галичица. Три села и противпожарни единици го гасеа огнот, а месното население не можеше да заспие од страв да не му вивнат во пламен и куќите. И додека едни не спијат од грижа, други не спијат од мисла каде утре да запалат нов оган. Нивното пироманско уживање нѐ чини навистина многу. Години, децении се потребни да се обнови некој шумски појас, а нема да можат да нѐ спасат дури и секојдневни акции „Ден на дрвото“ за да го вратиме сето она што го однесоа огнените стихии.

Само во Ресенско минатата година имало вкупно 126 пожари, а сега само за три месеци 113. Според слободна процена на пожарникарите, изгореа околу 300 хектари трска и шума од националниот парк Галичица. Екипи правеа заштитен појас за да не се прошири пожарот. Во саботата имаше уште неколку активни пожари во општината Ресен, едниот во околината на населбата Стење, а другиот кај селото Долно Перово. Трет гореше кај селото Прељубје. На секој што е при здрав разум веќе му е јасно дека ваквите пожари не се случајни, туку намерно предизвикани.

Градоначалникот на Ресен побара истрага, за да се најдат и казнат оние што намерно ги предизвикуваат пожарите, и со право. Време е да се стави крај на сите овие пиромански дејства, кои ќе нѐ остават речиси без шума. Време е да престане палењето на стрништата и шумските предели за дрвокрадците полесно да дојдат до својот плен. Некој мора да одговара веќе за стореното, но, исто така, надлежните ќе мора посериозно да се позанимаваат со проблемов, кој стана наше секојдневие. Еве, во саботата беше побарана интервенција на авиони за да се изгасне пожарот кај Љуботенски Бачила во Скопско. Нови опожарувања имаше кај Небрегово. Во општината Гостивар беше појавен пожар кај селото Ѓурѓевиште. Шумски пожар имаше и кај манастирот „Света Богородица“ кај Матка, а силниот ветер уште повеќе придонесуваше огнот да се шири. И на овој дел од Скопско огнот проголта голема површина со даб и смрека. Како да беше малку сета шума што се исече на Водно за изградба на гасоводот, па сега недостигаше и Матка да се досоголи.

Остана ли место каде што огнот не успеа да допре? Веројатно не, барем од она што деновиве го добивавме како информација. Дабова шума гореше и во општината Македонски Брод, во атарот на селото Ботушје, како и во селото Владимирово, во општината Берово. Пожар беснееше и во Чашка, во Струмичко, во атарот на селата Свидовица и Куклиш, каде што исто така гореше шума. Во околината на Македонска Каменица пожарот однесе 220 хектари шума.

Навистина е премногу кога математички ќе се соберат бројките на изгорените хектари шума. Она што се поставува сега како прашање е дали ќе остане шума на земјава ако пожарите продолжат да беснеат. Годинава има 365 дена, а само за 90 дена, или три месеци, досега гореле над 650 пожари. Ова никогаш не било случај, па дури пожарите и не биле карактеристични за овој период од годината. Некако сме навикнале дека тие да се врзани за летото, кога температурите се високи и не секогаш за нивното настанување бил причина човек, како што е сега. Кои се и од каде се намножија сите овие пиромани, кои уживаат во злото што ѝ го нанесуваат на природата? Ќе остане ли само пустина по пожарите, ако и понатаму се пропуштаат низ раце сите подметнувачи на оган? Зошто тие се толку слободни, та можат да фрлат оган каде сакаат и кога сакаат? Има ли државава стратегија како да ги спречи овие пиромани, кои однесоа огромни пространства шума? Каде е шумската полиција, каде се екипите на Дирекцијата за заштита и спасување, каде се „Македонски шуми“ и можеби уште многумина други да го запрат сето ова? Каде се сите оние што треба да ги откријат сторителите на сите овие злодела и да ги казнат?

Веројатно само казните можат да бидат лек и спас од сите злосторници врз природата. Зошто некој намерно сака да ги уништи белите дробови на земјава, ако знае дека години и години се потребни за обнова на шумите? Генерации млади луѓе биле ангажирани во 1960-тите години да садат борчиња по македонските ридови, за да ги пошумат, а сега во еден миг изгореа шестдецениски зимзелени и листопадни дрвја, кои на генерации и генерации ќе им произведуваа чист воздух. Навистина чудно, цела зима се бориме со загаден воздух, тука ни е и урбаната мафија, која немилосрдно ни го одзема зеленилото, а сега се појавија нови злосторници, кои душмански ни ги горат шумите. Ќе има ли крај на сето ова, ќе дозволиме ли и понатаму да ни ги пустошат ридовите и планините?

Време е, ама навистина е време надлежните да покажат повеќе грижа, одговорност и сериозно да ги преземат работите во свои раце ако не сакаат да останеме пуста соголена земја. Враќање назад нема, не се поправа сета оваа штета што е направена досега. Сурови и свирепи се дејствата на сторителите, а такви треба да им бидат и изречените казни за нив.