Јас не го разбирам светот како поле за дрзок натпревар во кражба на милиони евра

Инцидентните отворања на одделни случаи и уште поинцидентните правосилни и конечни пресуди се само политички маркетинг, кој има цел граѓаните и претставниците на меѓународната заедница да ги увери оти борбата против криминалот и корупцијата во структурите на власта се спроведува. Во меѓувреме,
редовно и неповратно исчезнуваат износи од милиони евра, а со нив и надежта дека нештата би можеле да се сменат и дека на јавната сцена ќе се појави некаков субјект морално и стручно подготвен искрено да му се спротивстави на повеќедецениското „креативно“ поткраднување на државата

Веста дека ниту речиси 11 милиони евра понудената гаранција не биле доволни еден од првостепено осудените поранешни државни функционери да биде пуштен од притвор до правосилноста на пресудата за повеќето од граѓаните на оваа држава веројатно беше повод за темелна интроспекција, почнувајќи од проверката на сопствениот слух, преку разбирањето на бројки, децимали и на конверзијата на валутите, до воспоставениот систем на вреднување на нештата што барем приближно може да се изразат во пари.
Без намера да навлегуваме во (не)издржаноста на првостепената пресуда и на улогата на осудениот во случајот со претенциозен назив „Трезор“, како и во другите ништо помалку интересни за јавноста случаи што против него се водат, не може да не се заклучи оти станува збор за вртоглаво голем износ. И следствено на тоа, да не се запраша од каде толкави пари.
Истото прашање се наметнува и секојпат кога до јавноста, а потоа и до органите на прогонот, ќе стигнат информации за разни милионски криминално-коруптивни афери во највисоките структури на власта. Вчудовидувачки износи дури и за стандардите на најбогатите држави. За македонските стандарди, дури и непоимливи. Но, сепак, до болка вистинити.
Само за потсетување, во американската сојузна држава Тексас пред извесно време беше определена кауција од четири милиони долари за убиецот на двајца заменици на шериф. Кауцијата за неодамна осудениот полицаец за смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, случајот што лани предизвика бран нереди и насилства низ Америка, при неговото апсење беше определена на 500.000 долари. На холивудскиот продуцент Харви Вајнстин, пред да биде осуден за сексуални напади и за силувања на неколку жени, му беше побарана кауција од еден милион долари.

Или, на пример, како просечниот граѓанин да реагира на неодамнешната вест дека по спроведена истрага во меѓународни рамки, Обвинителството за организиран криминал поднело обвинение против државен секретар во Министерството за информатичко општество и администрација и против негова колешка, за проневера на 1.753.928 евра од ИПА-проект? Значи, луѓето што, пред сѐ поради партиска припадност, биле поставени на одговорни места и за тоа добро и редовно биле платени, уште си земале за право, на крајно дрзок и незаконит начин, да го зголемат своето богатство, проневерувајќи речиси два милиони евра и ненадоместливо оштетувајќи го имиџот на државата. Тука мора да се спомене оти, сепак, имало и посуптилни случаи, како што, меѓу другите, се на пример, јавните набавки што поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски ги договарал со иноваторот Драги Рашковски.
Полициските и билтените на обвинителството, ревизорските извештаи и согледувањата на повеќето владини и невладини агенции и организации едноставно обилуваат со бројки што многу тешко може да се сместат во географскиот простор во кој просечната плата е нешто малку повеќе од 400 евра, а БДП по жител е околу пет илјади долари, а за квалитетот на животот, кој пред сѐ подразбира ниво на јавните услуги, воопшто не треба ниту да се зборува.
Сите овие и неброените други кражби на државата веќе одамна многу силно ги чувствуваат и нејзините функционери и службеници и граѓаните, бидејќи тие не им нанесуваат штета само на државниот буџет и на угледот на државата туку и на благосостојбата на сите оние што живеат во неа. Но, сепак, тие во голем дел продолжуваат неказнето да се одвиваат. И тоа, судејќи според голем број показатели, во сѐ поголем обем. И сѐ побезочно. Паралелно со тоа, кај луѓето како да се развива уверување оти поткраднувањето на државата не само што не е грев и прекршување на законите туку, безмалку, е доказ за нечија интелигенција и успешност.

Полициските и билтените на обвинителството, ревизорските извештаи и согледувањата на повеќето владини и невладини агенции и организации едноставно обилуваат со бројки што многу тешко може да се сместат во географскиот простор во кој просечната плата е нешто малку повеќе од 400 евра, БДП по жител е околу пет илјади долари, а за квалитетот на животот, кој пред сѐ подразбира ниво на јавните услуги, воопшто не треба ниту да се зборува

Сето тоа значително придонесе кон генерирање на криминалот и корупцијата, како на највисоките нивоа на власта, така и во подолните структури, а со воспоставениот начин на политичкото и институционалното дејствување, само се овозможува нивното регенерирање и се засилува нивната отпорност. Затоа не треба да зачудува тоа што ниту една од досегашните влади не се зафати сериозно со елиминирање на криминалот и корупцијата од сопствените редови, па дури ниту од редовите на свои претходници, кои, според редот на нештата, најчесто беа и нејзините главни политички противници. Тоа, напросто, е цврсто забетониран вредносен систем на политичките елити. Инцидентните отворања на одделни случаи и уште поинцидентните правосилни и конечни пресуди се само политички маркетинг, кој има цел граѓаните и претставниците на меѓународната заедница да ги увери оти борбата против криминалот и корупцијата во структурите на власта се спроведува. Во меѓувреме, редовно и неповратно исчезнуваат износи од милиони евра, а со нив и надежта дека нештата би можеле да се сменат и дека на јавната сцена ќе се појави некаков субјект морално и стручно подготвен, искрено да му се спротивстави на повеќедецениското „креативно“ поткраднување на државата.

[email protected]