Јавниот долг континуирано расте. До кога?

Еден проблематичен сегмент е што позајмените пари се потрошија на непродуктивни работи, а друг проблем е што тие пари еден ден ќе мора да се вратат. Кој и како ќе ги враќа парите, останува да видиме. Она што е јасно е дека се неопходни промени и дека задолжувањата не можат да продолжат во недоглед, бидејќи тоа пак ќе тежи врз нашите плеќи

Јавниот долг на земјава со години постојано расте, а пораснал и во најновиот извештај на Министерството за финансии, и тоа за над 40 милиони евра. Доколку се направи анализа на извештаите што ги објавува надлежното министерство, ќе се забележи дека од 2008 година јавниот долг континуирано расте. Имено, во 2008-та јавниот долг изнесувал 1,55 милијарда евра, или 23 отсто од БДП, додека, пак, во 2013 година пораснал на 3,28 милијарди евра, или 40,3 отсто од БДП. Минатата година долгот се искачил на 5,20 милијарди евра, или 48,5 проценти. Но, и покрај континуираниот пораст на долгот на државата, надлежните велат дека се задоволни, бидејќи долгот бил стабилизиран.

Според дефинициите, јавниот долг е акумулиран буџетски дефицит, односно состојба кога јавните расходи на државата се повисоки од нејзините јавни приходи. Прашањето е зошто секоја година нашата земја проектира повисок буџетски дефицит, односно зошто се планираат поголеми трошоци, кога се знае дека приходите нема да ги покријат истите тие.

Професорите по економски науки и економистите постојано посочуваат дека креирањето или соодветното управување на јавниот долг може да биде корисна алатка во рацете на државата. Сепак, напоменуваат дека јавниот долг мора правилно да се користи и дека ако истиот тој се користи за поттикнување на долгорочен или на краткорочен економски пораст, за водење макроекономска политика што во време на рецесија ќе ја врати економијата во состојба на пораст, ќе биде позитивно.
Со години економските експерти посочуваат дека државата може да се задолжува, но дека притоа мора да инвестира во капитални инвестиции, кои ќе бидат поттикнувачи на економскиот пораст. Но капиталните инвестиции како да изостанаа во нашата држава, освен ако некој не ги смета спомениците за капитална инвестиција.

Низ целата држава и понатаму доминира лошата патна инфраструктура. По долги години од осамостојувањето на Македонија, најпосле успеавме да комплетираме еден автопат, но голем дел од него плаче за реконструкции. Да не зборуваме дека освен по должината на коридорот 10 и автопатот до Тетово, друг автопат немаме. Иако најпосле започна комплетирањето на автопатот кон Охрид, за негово користење ќе почекаме уште неколку години. Автопатот Миладиновци – Штип, пак, навидум завршен, ама за граѓаните сѐ уште недостапен.

Неопходноста од изградба на квалитетни патишта постојано се посочува и од бизнис-заедницата, бидејќи превозот на стоките во голема мера зависи од нивниот квалитет. Наедно, со квалитетна патна мрежа низ целата држава значително може да се влијае и на подобрување на домашниот туризам. Граѓаните ако имаат подобар и побрз пат до одредени локации низ земјава, полесно ќе се одлучуваат да патуваат и да ги посетуваат многубројните убави локации во земјава, а на тој начин ќе се развива и домашниот туризам.

Но да се вратиме повторно на темата јавен долг. Според фискалната стратегија, јавниот долг до 2020 година треба да се зголеми на 6,5 милијарди евра, односно да надмине 53 проценти од БДП. Ова јасно укажува на намерата на државните тела да продолжат со задолжување, а тоа задолжување само ќе значи нови трошоци за идните генерации. Но тоа плус значи и нова потреба од задолжување, бидејќи голем дел од позајмените пари се користи за да се вратат стари заеми.

Само за камати на задолжувањата државата има потрошено огромни суми, пари што можеше и требаше да се искористат за изградба на патишта, хидроцентрали, гасификација, болници, училишта, градинки, или пак да се подобрат условите на функционирање на овие значајни државни институции

Само со квалитетно образование и вложување во знаење на идните генерации може да очекуваме напредок. Доколку не се инвестира во образованието, доколку не се подобрат состојбите со образовниот процес, и понатаму на пазарот ќе се бараат работници за кои нема обучен кадар, а ќе има вишок високообразовани кадри…

Прагот на задолженост на државата е речиси 50 отсто од БДП, според теориите Македонија спаѓа во умерено задолжени држави. Но не е проблемот само во висината на задолженоста туку во очекувањата, можностите и плановите за враќање на тие средства. Македонија е меѓу најмалку развиените земји во Европа, а токму државите со слаба економска развиеност потешко можат да ги враќаат долговите. Од друга страна, нашиот јавен долг вртоглаво расте. Во 2008 година тој изнесувал само 1,55 милијарда евра, додека во последниот извештај достигнал 5,24 милијарди евра. Тоа се 46,2 отсто од бруто-домашниот производ.

Еден проблематичен сегмент е што позајмените пари се потрошија на непродуктивни работи, а друг проблем е што тие пари еден ден ќе мора да се вратат. Кој и како ќе ги враќа парите, останува да видиме. Она што е јасно е дека се неопходни промени и дека задолжувањата не можат да продолжат во недоглед, бидејќи тоа пак ќе тежи врз нашите плеќи.

[email protected]