Штурецот и мравката

Само изминатиот период бевме сведоци на низа примери во разни области што покажуваат недостиг од визија за долгорочно планирање однапред, со цел спречување на штетните последици врз државата и граѓаните За сѐ е потребно планирање и превенција, а не дејствување пост фестум. Не може нас секоја година да нѐ изненадува снег во јануари, а пожари во август, кога однапред се знае какви предизвици носи зимата, а какви летото. Или, како во басната за штурецот и мравките, понекогаш поуката од мрзливоста, несериозноста и неработењето може предоцна да дојде

Не верувам дека постои човек на планетава што не ја знае басната за штурецот и мравката од Лафонтен, така што нема потреба посебно да се прераскажува. Едноставно, штурецот цело лето свирел и не предвидувал што му носи зимата, додека мравките однапред работеле за она што ги очекува кога ќе падне снегот и ќе снема храна. На крајот, познато е кој извисил.
Можеби ќе се запрашате зоштo потсетување на оваа басна. Од едноставна причина што се добива впечаток дека триесет години државата се управува по логиката на штурецот, со свиркање од денес за утре, и без да се предвидат предизвиците и последиците што следуваат. Некои само си „свиреа“ целиот мандат, доведувајќи ја земјата до ова дереџе на кое се наоѓа сега, осиромашена, заглавена, поделена, сега и пеплосана…
Штуречкиот однос кон работите може да се забележи и преку справувањето со пожарите изминатите десетина денови. Кога со години на сите страни се труби за климатските промени и глобалното загревање на планетата, кога повеќето извештаи говореа за продори на топлотни бранови од Африка кон Балканот и југот на Европа, да не се предвиди дека секое лето ќе имаме пожари е безмалку чудно и повеќе од несериозно. Шест авиони за гаснење пожар да скапуваат на земја, несервисирани во пресрет на летото, оти тоа чинело многу пари, да не се набави нова противпожарна опрема, а истовремено да се трошат илјадници евра на непродуктивни трошоци, тоа, најблаго речено, е непродуктивно трошење народни пари.

Па, луѓево кај нас две недели зборуваат само за австрискиот камион со противпожарна опрема и колку тоа било технолошки шок за нас, особено ако се земе предвид противпожарниот „фап“ што се појави небаре станува збор за сцена од култниот југословенски филм „Ко то тамо пева“. Еден таков австриски камион веројатно не чини повеќе од концерт на Цеца, а ние богами дури и во ек на коронавирус ги имавме многу кај нас. Одговорен однос кон трошењето на народните пари, селекција и рангирање на приоритетите, предвидливост на можните ризици и одбрана на јавниот интерес и јавното добро мора да биде патоказ за секоја политичка гарнитура. Во таа насока, надлежните требало да седнат многу порано, да ги сервисираат авионите навреме, без оглед дали ќе има пожари или не, наместо да им ги простуваат долговите на општините што не ги плаќаат даноците, да купат противпожарна опрема и да ја поделат онаму каде што се потенцијалните жаришта. Потоа забрана за движење во шума, активирање единица со дронови што постојано ќе снима кој сè се движи низ шумите, како и драстично заострување на казнената политика, почнувајќи од дрвокрадците до пироманите. Сето тоа се мерки што требало и треба да се преземат веднаш, без чекање.
Друг пример дека се однесуваме како штурецот е новото зголемување на бројот на заразени со делта-сојот на коронавирусот. Надлежните имаа доволно време да предвидат дека делта-сојот брзо ќе дојде на овие простори, а тие, наместо да го спречат, ширум му ги отворија вратите и дозволивме пак да го увеземе од надвор.
Да не заборавиме, Нов Зеланд и Австралија се целосно затворени за влез само поради десетина случаи со заразени, а САД не дозволуваат влез без негативен ПЦР-тест ниту за своите државјани.
Сега, во септември, следува и пописот, иако никому не му е јасно како тој ќе се спроведува, кога од неговото одложување буквално запреа сите активности поврзани со оваа статистичка операција. По неколку месеци мирување, сега одеднаш, за време на годишни одмори, се распишува нов оглас за попишувачи, па со оглед дека нема голем интерес, тој се продолжува, попишувањето на дијаспората трае со месеци, нема податоци за вакцинација на попишувачите итн. Се чека пет до 12 за некои работи да се решат, иако претходно имало многу време за тоа.

Уште еден таков пример е и носењето на измените на Изборниот законик во момент кога веќе се распишани локалните избори. Па, колку години имаа партиите да се договорат и да ги усвојат овие измени, а ништо не направија. Се разбира дека тоа нема да понуди ништо квалитетно, па повторно ќе се бараат нови измени, и така во недоглед, наместо да се воспостави нормален изборен процес, кој реално ќе ја одразува волјата на гласачите.
Што станува со проблемот со загадувањето на воздухот? На него се заборава од пролет до есен, па дури кога ќе дојде зимата ќе почнат истите приказни за тоа кој бил виновен за загадувањето. Несомнено, тоа е процес што треба да се решава подолго време и во континуитет, а не со шминкерски зафати со понекој инвертер. Да не заборавиме, инвертерите работат на струја, а таа струја во најголем дел во Македонија се произведува од јаглен, од чие согорување ја плаќаме највисоката цена. Гасификацијата на домаќинствата никој не ја спомнува веќе, туку само се распишуваат некакви тендери за изведувачи, а гасот во домаќинствата никако да стигне. На приказните од типот дека изминативе неколку зими е намалено загадувањето благодарение на досегашните мерки ретко кој им верува. Зошто загадувањето на воздухот се намалува само ако дувне некој ветер, а тоа, ќе се согласите, не спаѓа во мерките со кои се фалат надлежните.
Една зима нека нема доволно ветер и веднаш ќе се види дали е почист воздухот. Затоа и проблемот со загадувањето не е проблем на една или друга влада, туку тој треба да се третира натпартиски и континуирано.

Како и да се земе, институциите и надлежните имаат некој чуден табиет, откако нешто ќе се случи, тогаш реагираат или, народски кажано, „по свадба, тапани“. Згора на тоа, не само што отпосле се реагира туку и брзо се заборава за што се реагирало, па затоа секоја година повторно се случуваат и пожари, и поплави, и снегот ги изненадува зимските служби во јануари… Дали некоја општина во овој момент разработува план за спречување појава на поплави на нејзина територија? Работите секогаш треба да се планираат однапред
Ако доаѓа зима, уште од лето се подготвува за снег, поплави, свлечишта и други непогоди што може да ги донесе таа сезона. Напролет веќе се контролира опремата за справување со пожари. Исто како мравката. Впрочем, и не е некоја филозофија, само треба добра организациска способност, која досега не ја демонстриравме. Потребна е превенција, а не дејствување пост фестум.

По сите овие работи, кои во континуитет ни се случуваат веќе три децении, треба добро да се размисли дали имаме капацитети, стратегија, кадри и организациски способности за планирање и превенирање, да се утврдат сите кризни точки и опасности што треба да се превенираат.
Извештајот на ОН јасно кажува дека секоја година ќе има зголемување на летните температури, а тоа значи и поволни услови за пожари. Затоа, не само што треба да се сервисираат авионите за гаснење пожари туку треба и да се докупат уште. Езерата да не се исцрпуваат целосно, туку да се остави водна резерва за гаснење пожари, да се обучат граѓани во секоја локална самоуправа за ангажирање во случај на пожар, да се набават цистерни, костими и друга опрема. Доста се фрлаа пари по турбофолк-пејачки, оти кога некому ќе му изгори домот, најмалку му е до песна. И уште нешто. Горештините носат суши, па затоа треба да се разработи план како да се зачуваат водните резерви. Така би направиле вредните мравки.
А штурецот? Неговата приказна веќе добро ја знаеме.