Школски пример

Токму постојаното себенадминување, до што се доаѓа со обезбедување настап на најдобрата верзија на себе, преку напорни и повеќегодишни подготовки, индивидуални и тимски…, го однесе на врвовите. Уште поважно, неговиот успех е повеќеслојно значаен, оти веќе сега донесе, иако таа бројка ќе ја видиме по неколку месеци, многу млади да се определат и да се посветат на спортот, но и да веруваат дека „кога ќе пораснат можат да бидат Георгиевски“, во таеквондо или во секој друг спорт, а и во секој дел од секојдневието

Водејќи се со олимписка желба, поткрепена со настапи според олимпиското мото „побрзо, повисоко, посилно“ (Citius, Altius, Fortius), Македонија преку Дејан Георгиевски минатата недела отсонува уште еден спортски сон годинава, по дебитантскиот настап пред два месеца на македонската фудбалска репрезентација на европските првенства. Овој пат, годините напорна работа се крунисани со сребрен медал во таеквондо на Летните олимписки игри во Токио. Јапонскиот главен град ќе остане забележан со златни букви во историјата на македонскиот спорт, а годинашната олимписка приказна за Македонија може да биде и уште побогата, повозбудлива, откако неделава на сцената во Токио ќе биде и освојувачот на бронзениот медал од Светското првенство од пред две години, во борење слободен стил, Магомедгаџи Нуров.
Минатонеделниот сребрен медал со златен сјај, огромен за македонскиот спорт, го направи момче што уште пред две и пол години ја најави разврската на случувањата во Токио. Тој во февруари 2019 година изјави дека од Летните олимписки игри во Јапонија ќе се врати со медал. Георгиевски пред и по најавата, во градењето на настапот на најголемата светска спортска сцена освои неколку значајни медали на големи натпреварувања, но поткован со огромна самодоверба, психофизички одлично подготвениот македонски таеквондист, воден од спортскиот немир и од олимписката желба, отиде уште понапред не задоволувајќи се со ништо друго, освен со напредокот и победата (основното во спортот). Токму постојаното себенадминување, до што се доаѓа со обезбедување настап на најдобрата верзија на себе, преку напорни и повеќегодишни подготовки, индивидуални и тимски…, го однесе на врвовите. Уште поважно, неговиот успех е повеќеслојно значаен, оти веќе сега донесе, иако таа бројка ќе ја видиме по неколку месеци, многу млади да се определат и да се посветат на спортот, но и да веруваат дека „кога ќе пораснат можат да бидат Георгиевски“, во таеквондо или во секој друг спорт, а и во секој дел од секојдневието.

Теодор Рузвелт (поранешен претседател на САД), рекол: „Верувај дека можеш и веќе си на половина пат дотаму“. Георгиевски верува и затоа станува и школски пример за успех. Тој го направи „невозможното“, откако одлично подготвен од своите тренери, тој не се задоволи со еден успех, затоа што си постави голема цел за еден цел период, кон која се стремеше со сета сила. Откако го освои сребрениот медал на Летните олимписки игри во Токио, тој веднаш изјави дека негов нов предизвик (одново долгорочно планирање, за еден олимписки циклус) се Летните олимписки игри во Париз во 2024 година и искачување на уште едно скалило на пиедесталот. Тој така го направи и клучното за остварување спортски успеси на големите меѓународни сцени, бидејќи поставува високи цели, знаејќи дека толку повисок ќе биде и успехот.
„Кога нема да успеете да се подготвите, подгответе се да не успеете“, рекол Бенџамин Франклин, американски научник. Успехот е мозаик. Затоа, секој поединечно и сите заедно треба да влезат во кругот за создавање успех (спортистите и тренерите со сон, посветеност кон исполнување на целта и со постојана надградба, спонзорите со барање и наоѓање интерес, институциите со поддршка од секаков вид…), од кој со посветена работа и со верба во своите можности, токму како Георгиевски, ќе се продуцираат медали, со голема можност и како на филмска лента. Јасно е дека за такво нешто е потребна уште поголема поддршка од институциите и од компаниите. Така ќе се создаде една спортска машина, во која на талентите „само“ ќе им остане да чекаат да дојде нивниот ред за олимписка слава.
Но за тоа и за тоа така и да остане е потребно уште поголемо внимание, од сите, и тоа директно во базата, каде што работата е деноноќна, најчесто невидлива, но секако моќна, и во која ќе се продуцираат нови спортисти сонувачи што ќе ја радуваат Македонија.

Потребна е уште поголема поткрепа на овој успех на Георгиевски и воопшто на спорот, оти успехот раѓа успех, отвора нови можности, успешните привлекуваат внимание со својот личен пример, други можат да бидат охрабрени да помогнат за уште поголеми резултати, што може да стане како перпетуум-мобиле, па тој кај спортистите, тренерите, клубовите (во секој спорт)… да донесе нов поттик, зголемена самодоверба, поголема мотивираност и амбициозност…, што се преточува и во смелост и спортска дрскост, а сето тоа со време и во победнички менталитет. За почеток на мозаикот секогаш е добро да се игра на сигурна карта, а тоа се младите и нивните тренери. Оттаму почнува да дува ветерот во грбот за сите, оти така ќе се создаде широка база, тоа неминовно ќе донесе квалитет, со кој подоцна ќе се освојуваат сјајните медали.
Нема спортист што не го сонува она што го доживеа Георгиевски минатата недела во Токио. Досега под портата „Македонија“ триумфално главно поминуваа тимови и репрезентации, но по успехот на Георгиевски доаѓа време и спортистите индивидуалци победнички да поминуваат под портата „Македонија“. Зачестено.

[email protected]