Шанса

Најважно е да се знае дека шансите не доаѓаат од некаде туку дека со работа се создаваат, како што младата фудбалска репрезентација работеше и си сработи за да ја создаде, а потоа и да ја искористи својата „шанса на векот“ и на голема врата да се најде на големо натпреварување. Така работејќи ќе се создадат условите за успех, никој нема да ги подари, а сениорската македонска репрезентација сега е во позиција за која секој спортист сонува – да зависи само од своите резултати, да не „слуша преноси од други натпревар“ или да се занимава со разни пресметки и комбинаторики

Фудбалската репрезентација на Македонија тргна со максимално ползување на новото натпреварување на Европската фудбалска унија (УЕФА) за репрезентациите од Стариот Континент, Лигата на нациите. Црвено-жолтите се во лигата Д, а таквиот систем донесе одлична шанса за избраниците на селекторот Игор Ангеловски, кој на располагање ја има можеби една од најквалитетните генерации досега, во 25-годишната историја на македонската фудбалска репрезентација да се пласираат на големо натпреварување, во случајов Европското првенство во 2020 година.

Репрезентацијата е предводена од најдобриот, капитенот Горан Пандев, во селекцијата се и искусните Стефан Ристовски, Иван Тричковски, Илија Несторовски, Александар Трајковски, Столе Димитриевски, Кире Ристески, Ферхан Хасани, Стефан Спировски, Езгијан Алиоски, Аријан Адеми… Сето тоа е дополнето со играчи, кои низ младата репрезентација го почувствуваа „мирисот“ на едно големо натпреварување на репрезентации, бидејќи во 2017 година дебитираа на Европското првенство за фудбалери до 21 година (Енис Барди, Бобан Николов, Егзон Бејтулаи, Ѓоко Зајков, Висар Муслиу, Дарко Велковски, Елиф Елмас, Кристијан Тошевски, Марјан Радески…).

Секако, по двете победи далеку од тоа дека сега треба да се потпаѓа под еуфорија, напротив. Успешните репрезентации се имуни на тоа. Веројатно притисокот ќе порасне, но и тоа е сегмент што за висок дострел се менаџира за изведбата на теренот не биде под негово влијание. „Има многу притисок врз мене, но јас не си ставам притисок врз себе. Чувствувам дека ако ја одиграм мојата игра сѐ друго ќе се среди само“, рекол славниот американски кошаркар Леброн Џејмс.

Направени се првите два чекора кон првата цел, да се биде прв во групата 4, но за да се добие преодна оцена потребни се уште четири. А за да се каже дека оваа генерација добила и највисока оцена потребни се потоа уште два чекора, на фајналфорот на лигата Д. Така, цел се осум чекори, и тоа еден по еден, за главната цел на оваа генерација, пласман на континенталното првенство по две години.
Сето тоа никако не треба да биде направено со какво било прескокнување на нештата, приоритетите, задачите…, оти со таков приод полесно е сопнувањето на патот. Тоа го знае и селекторот Ангеловски, па веднаш по победата над Ерменија во неделата веќе повика на студени глави.

За разлика од минатите години со разните најави и претпоставки како „ќе биде ова или она“, сега има една голема разлика оти „ќе“ има многу поголема основа. Во една балканската конкуренција меѓу 12 репрезентации, само уште Македонија, Црна Гора и Косово не се пласирале на големо натпреварување (светски или европски првенства).
Но, квалитетот на оваа генерација на македонската репрезентација најавува уште еден фудбалски исчекор, по успехот на селекцијата за фудбалери до 21 година.
Оптимизмот се темели и на две од некои од клучните работи за успешна фудбалска репрезентација – стандарден тим од дваесетина фудбалери и селектор за најмалку два циклуса. Секако, добрите резултати доаѓаат и по сериозна работа во сите клубови во младинските категории, па откако се случи тоа, младата репрезентација ги собра плодовите, а националниот сениорски тим сега има стандарден и силен состав за повеќе години, што носи уиграност што, пак, носи полесен пат до победи, а тие ќе донесат резултат што ќе биде меѓународно мерлив.

Ова поднебје дава квалитетни фудбалери, оти да не е така од тука не би биле двете генерации младински прваци на СФРЈ и победници на куп, две сениорски со трофеи (куп и првенство), врвни поединци, од кои еден со златна копачка на Европа и со континентална и планетарна титула и уште двајца други европски и светски прваци итн.

Тој „ген“ и овој фудбалски бран не смеат да се испуштат, не само за успехот на оваа генерација, туку уште поважно за дополнување на составот за следните циклуси.
Најважно е да се знае дека шансите не доаѓаат од некаде туку дека со работа се создаваат, како што младата фудбалска репрезентација работеше и си сработи за да ја создаде, а потоа и да ја искористи својата „шанса на векот“ и на голема врата да се најде на големо натпреварување.

Така работејќи ќе се создадат условите за успех, никој нема да ги подари, а сениорската македонска репрезентација се наоѓа во позиција за која секој спортист сонува – да зависи само од своите резултати, да не „слуша преноси од други натпревар“ или да се занимава со разни пресметки и комбинаторики.

Тоа е најважниот момент по серијата од девет натпревари без пораз, двете победи во низа без примен гол или некои други постигнувања во овој период. Чекајќи пред „малата врата“ со калкулаторот во рака, досега таа врата не се отвори. Сега е вистински момент да се тропне на „големата порта“, но во рацете само со својот квалитет и знаење.