Чекајќи го датумот

Додека го чекаме датумот, можеме барем да го искористиме и времето за да сфатиме дека никој однадвор не може да ни ја среди државата и никој од Брисел не може, наместо самите ние, да ни ја европеизира Македонија

Додека политичарите ги сумираат резултатите од критиките на Европа, граѓаните во земјата не се изненадени од студениот туш што ја зафати земјата од пораките што беа испратени од вонредниот берлински самит, на кој се сретнаа лидерите од Западен Балкан со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон.
Сублимирајќи ги накратко пораките од самитот, очигледен е фактот дека моторот на Европа (Германија) и воланот (Франција), кои се движечка сила на Унијата, си го кажаа своето, а тоа е дека ланскиот датум за преговори, за кој се пофали државниот врв, практично и не бил конкретен датум туку очигледно само најава за уште една долга патека што ќе мораме да ја изодиме пеш ако сакаме во скора иднина да го стигнеме автомобилот наречен – ЕУ.

Содржините на кажаното на самитот во Берлин најпрво осамнаа во дел од германските медиуми, кои во своите написи истакна дека земјите од Западен Балкан од очекувањата за членство добиле само критики. Веднаш по германските медиуми, Франција ја објави својата нова стратегија за земјите од регионот, во која речиси и воопшто не се спомнува проширувањето на Унијата, но затоа таа се заснова на четири точки што мора да ги исполнат државите посебно ако сакаат да се доближат до европското семејство. Француските точки за државите подразбираат исполнувања видлив економски и социјален развој, подобрување на безбедноста, правосудството и на одбраната. Токму оваа стратегија истовремено кај нас отвори полемики во јавноста дали со тоа земјава ќе извиси во добивањето датум за почнување на преговорите во јуни како што очекуваат од Владата.

Гледано од објективна перспектива, откога спласнуваат емоциите по самитот во Берлин, може да се каже дека во некои ситуации ние можеме да ѝ се лутиме на ЕУ, бидејќи таа понекогаш е дволична во начинот на кој, на пример, таа го практикува меѓународното право. Кога за Брисел на пример не важеше пресудата на судот во Хаг околу спорот за името со Грција, па сето потоа мораше да се решава на сосема поинаков начин. Но во исто време ние не можеме да се лутиме за неодамнешните критики на ЕУ за државата, бидејќи и не мора да се патува до Брисел или до Берлин за да се дознае какви проблеми имаме дома. Тоа најпластично може да го слушнете и на пазар, во автобус, во берберница, зашто македонските граѓани најдобро од сите знаат и како живеат и со какви проблеми се соочуваат. Во таа насока, прикривањето на реалната слика и продавањето илузии, што обично го практикуваат политичарите, се непотребни и контрапродуктивни.

Редно време е домашните политичари од сите партии безусловно во земјава да сфатат дека во иднина не можат да функционираат по системот
купи ден-продај, туку неодложно и итно да се зафатат со решавање на наталожените проблеми. Во таа насока, критиките од Европа во кои се истакнува дека во државата слабо функционираат правната државата, економијата и безбедноста не се новост за обичните граѓани. Ним никој не треба да им каже дека земјата по патот кон ЕУ бавно ни се влече, како со патерици, и има мака да ги достигне државите што веќе се дел од Унијата. На обичниот народ исто така не му требаат илузии од политичарите, бидејќи тој добро знае зошто економијата ни каска зад европската, зошто корупцијата е висока и зошто правната држава и судството ни се наоѓаат на ниско стојалиште зад европските стандарди. Токму затоа политичарите треба да се откажат од оваа практика, бидејќи таа е непрофитабилна, како за самите нив така и за државата, затоа што народот е мудар и тој знае да ги процени ваквите илузии.

Веќе толку долго време политичарите од своја перспектива и на нивните партии говорат за тој фамозен датум и шират илузии што тој полека и незабележливо ни се всади во потсвеста и во народните верувања дека ни треба само дозвола од ЕУ и ние веднаш влегуваме во тој магичен моќен круг на европски држави, со кој животот на обичниот човек веднаш ќе се подобри.

Долгото чекање на датумот најверојатно веќе ни го избледи фактот зошто тој практично ни е важен и зошто додека го чекаме датумот ние сами треба да ги засукаме ракавите и да сработиме за да ја издигнеме земјата на европско ниво по сите стандарди и мерила.

Додека го чекаме датумот можеме барем да го искористиме и времето за да сфатиме дека никој однадвор не може да ни ја среди државата и никој од Брисел не може, наместо самите ние, да ни ја европеизира Македонија.

[email protected]