Црниот чад на Македонија!

Односот на партиските кадри вдомени на раководните институции сместени во објектот што завчера гореше во центарот на Скопје само уште еднаш го потврди впечатокот за општата негрижа и пред воопшто командантот на противпожарната единица во Скопје, Владимир Симовски, да обелодени оти во зградата не работел ниту еден хидрант. Е токму тоа е она што некои сѐ уште сакаат да го нарекуваат држава, а од што веќе многумина се откажаа, почнувајќи од оние илјадници што заминаа од неа, до стотици илјадници пасивизирани граѓани што гледаат само како на најбезболен начин да си ја решат егзистенцијата. Некаде над сето тоа, како на некаков трон, се издигнати тие што ич не им е гајле, но константно си пасат од
државните јасли и си обезбедуваат уште понекоја привилегија додека, во меѓувреме, црн чад се издига над Македонија

Завчера, рано наутро, додека се нижеа вестите за пожарот во зградата во која се сместени канцелариите на Инспекторатот за животна средина, Секретаријатот за европски прашања и на Медиумската информативна агенција, во центарот на Скопје, во кој, за среќа, немаше повредени, но сигурно ќе бидат пријавени огромни материјални штети, кај многумина веројатно беа испомешани многу идеи, асоцијации и чувства. Многу симболика имаше во црниот чад што се издигна над македонската метропола. Иако, сосема разбирливо, прерано беше да се каже што го предизвикало пожарот.
Но само еден ден по веста дека Агенцијата за заштита на животната средина на Европската Унија, се разбира, врз основа на релевантни истражувања, утврдила дека Македонија е меѓу земјите со најголем процент на смртни случаи предизвикани од загадувањето и во ситуацијата кога истата таа земја, намерно не ја именувам како држава, бидејќи се потврди дека многу од државните функции одамна се замрени, сѐ уште е значително оддалечена од суштинското интегрирање во Европската Унија, завчерашниот црн чад над македонската престолнина многу зборува.

Зборува, пред сѐ, за небрежноста. За небрежноста за животната средина, за европските вредности и за вистината. И тоа не е дијагноза што може да ѝ се припише само на актуелната, сѐ уште недоформирана влада. Тоа е дијагнозата што, доколку се сака и може да се биде објективен, треба да им се припише на сите влади од моментот на прогласувањето на независноста на Македонија.
Имено, најсуштествената функција на една држава е да обезбеди чист воздух, вода и почва за своето население, а Македонија, заедно со некои земји од регионот, има највисок процент на смртност токму од загадувањата на овие и на уште некои други суштински елементи на човековото битисување. И тоа веројатно и не треба многу да се објаснува, зашто доволно е апсолвирано. Доволно е да се потсети на правливите летни, зачадените пролетни и на со смог затруените есенски и зимски месеци, во кои на таканаречените државни функционери и службеници надлежни за оваа проблематика им е битно само добро да чади над кафеаните во кои тие со своите другари се редовни гости на скара.

Што се однесува до прифаќањето на европските вредности, самиот факт што во гламурозната структура на власта, сите овие години, не се нашло место за едно министерство за европски интеграции, и покрај очигледните објективни и субјективни тешкотии на патот до целосното интегрирање на Македонија во Европската Унија, како нејзин декларативно највисок приоритет, доволно зборува. Тоа што веќе со години сѐ е сведено на ниво на секретаријат, со целиот глас вреска колку, суштински, малку ѝ се придава значење на евроинтеграцијата, на прифаќањето на европските стандарди и вредности, започнувајќи од политичките елити, преку научната и културната заедница, до, најнезаслужните за оваа очајна состојба, обичните граѓани. Востановувањето министерства, дирекции, агенции и управи за сѐ и сешто како да стана опсесија на сите досегашни влади, исто како и навиката на обичните граѓани да се светне сопствениот двор, дури и по цена целото ѓубре да се исфрли на заедничката површина.

Самиот факт што во гламурозната структура на власта, сите овие години, не се нашло место за едно министерство за европски интеграции, и покрај очигледните објективни и субјективни тешкотии на патот до целосното интегрирање на Македонија во Европската Унија, како нејзин декларативно највисок приоритет, доволно зборува. Тоа што веќе со години сѐ е сведено на ниво на секретаријат, со целиот глас вреска колку, суштински, малку ѝ се придава значење на евроинтеграцијата, на прифаќањето на европските стандарди и вредности, започнувајќи од политичките елити, преку научната и културната заедница, до, најнезаслужните за оваа очајна состојба, обичните граѓани

Состојбата во која упорно се затолчува чувството за заедничкото, општото, јавното, само се пресликува во ова таканаречено општество, под закрила на едната или на другата политичка елита.
Односот на партиските кадри вдомени на раководните институции сместени во објектот што завчера гореше во центарот на Скопје само уште еднаш го потврди впечатокот за општата негрижа и пред воопшто командантот на противпожарната единица во Скопје, Владимир Симовски, да обелодени оти во зградата не работел ниту еден хидрант. Е токму тоа е она што некои сѐ уште сакаат да го нарекуваат држава, а од што веќе многумина се откажаа, почнувајќи од оние илјадници што заминаа од неа, до стотици илјадници пасивизирани граѓани, кои гледаат само како на најбезболен начин да си ја решат егзистенцијата. Некаде над сето тоа, како на некаков трон, се издигнати тие што ич не им е гајле, но константно си пасат од државните јасли и си обезбедуваат уште понекоја привилегија додека, во меѓувреме, црн чад се издига над Македонија. Ист онаков каков што се пушта од оџакот на Сикстинската капела во Ватикан, додека не се утврди кој точно, и со цврста рака, раководи со државата.

[email protected]