ЦЕФТА е мртва, да живее економскиот патриотизам

Косовските државни органи имаат право да се борат за остварување на својот полноправен статус, но тоа не треба да се прави на штета на веќе воспоставените економски односи во регионалните и во меѓународните организации. Остварувањето на политичките цели и идеали не смее да биде спротивно на интересите на другите економии и нации и згора на тоа да се прави со уцени и закани

Последната одлука на косовската влада за зголемување на царините за српските производи за 100 отсто не само што е спротивен на принципите за одвивање на слободната трговија, туку предизвика назадување во и онака кревките односи меѓу Белград и Приштина. Не треба да се објаснува многу дека оваа одлука нема никаква економска логика и мотивите за нејзиното донесување се исклучиво политички. Тоа не го кријат и официјалните државни лица од Приштина, кои укинувањето на високите царини го условија со признавањето на Косово од страна на властите во Србија и во Босна и Херцеговина. На овој начин една неразумна економска мерка, која претставува „суверено право на Косово“ според изјавата на Рамуш Харадинај, стана главното политичко оружје за остварување високи национални цели на една млада држава, која се обидува да добие признавање од меѓународните институции. Oд Белград оваа одлука ја сметаат за исфрустриран потег на косовската влада, по неуспехот Косово да биде примено за полноправен член на Интерпол.

Кај економските теоретичари одамна преовладува ставот дека политиката на протекционизам не може да биде корисна мерка затоа што нема здрава економска логика. Високите царини, долгорочно гледано, не можат да ги направат домашните компании поконкурентни на меѓународниот пазар. Но директната штета од високите царини, кои практично ја оневозможуваат слободната размена на стоки, ја плаќаат граѓаните со плаќање повисока цена за производите. Иако Србија и Босна и Херцеговина засега се воздржуваат од преземање реципрочни мерки, едностраното објавување царинска војна од Косово, ќе предизвика дополнителни штети и на поширок политички план. Белград веднаш информира дека ги прекинува сите натамошни преговори за решавање на косовското прашање, кое се одвива со посредство на Брисел и на Вашингтон. Така, економската војна прераснува во психолошка војна меѓу двете страни, чија главна цел е да се принуди непријателот на нови политички отстапки. Очекувано, следуваа нови одлуки од Белград за повлекување на српските претставници од локалните косовски власти… Прашањето за повлекувањето на високите царини останува главен услов за продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина, а политичката криза се заканува да предизвика и нова безбедносна дестабилизација на регионот.

Инсистирањето на приштинските власти за воведување дополнителни контроли за српските производи, кои на декларациите го немале обележувањето „Република Косово“, е само дел од политиката за промоција на економскиот патриотизам. Некои политички аналитичари однесувањето на косовските партиски лидери го објаснуваат со пристапување кон сѐ понагласениот популизам, заради придобивање на довербата граѓаните во внатрешната борба за власт. Кулминацијата беше постигната со палањето на српски производи од група граѓани во некои места во Косово!
Реакциите на меѓународната заедница за последните потези на Приштина се мошне млаки и се сведуваат само на апели до косовската влада „итно да ги вратат старите царини“. Српските државни институции отворено ги повикуваат Вашингтон и Брисел посилно да влијаат врз најмладата држава во Европа, која се чини сѐ уште не ги поминала сите „детски болести“. Косовските државни органи имаат право да се борат за остварување на својот полноправен статус, но тоа не треба да се прави на штета на веќе воспоставените економски односи во регионалните и во меѓународните организации. Остварувањето на политичките цели и идеали не смее да биде на штета на другите економии и нации и згора на тоа да се прави со уцени и закани.

Колатерална штета на ваквата политика на „економски патриотизам“ беше и Република Македонија, кога од Приштина летово воведоа привремена дополнителна такса за увоз на земјоделски производи. Неколку месеци потоа, нашата држава го напушти претходно заземениот став за воздржаност и гласаше за прием на Косово во Интерпол.

Дали овие две работи имаат меѓусебна поврзаност не е сосема јасно. Но тоа што е сосема извесно е дека новата косовска царинска војна сериозно ги поткопува принципите за слободна трговија, кои се одамна воспоставени со формирањето на ЦЕФТА, која е основана во 1992 година меѓу Полска, Унгарија, Чешка и Словачка.

Идејата на овие земји од Централна Европа беше да се интегрираат економиите, да се воспостави слободна трговска зона, а фирмите да се навикнат да тргуваат без царини и пречки, за полесно да се интегрираат во Европската Унија, кога ќе бидат подготвени за тоа. Подоцна членки на ЦЕФТА стануваа Словенија, Романија, Бугарија и Хрватска, до нивниот прием во европската заедница. Сега останаа само земјите од Југоисточна Европа, а меѓусебната трговија во последните десет години се одвива со повремени блокади. Малите балкански држави, поради лажното уверување дека ќе им се помогне на домашните компании, под притисок на интересите на бизнис-групи и влијателни фирми, ги зголемуваа царините на одредени производи, најчесто на земјоделските и воведуваа разни бариери со барање за разни сертификати и контроли, кои го отежнува слободниот проток на стоките.

Оттука, и загриженоста на претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, кој изминатите денови со голема доза резигнираност изјави дека ЦЕФТА-договорот е мртов. Тој предупреди на секојдневното кршење на неговите одредби, за да констатира дека тоа што се случува со Косово, Србија и во Босна и Херцеговина е катастрофа. Според него, падот во размената од осум отсто со ваквото однесување на шесте членки од Балканот е доволен индикатор дека тој договор е мртов. Пораката што самите ѝ ја испраќаат на Европската Унија е дека регионот не е подготвен да го помине ни предворјето на европската економска заедница, забележува Азески.

Дали е сега вистинското време да се извика: „ЦЕФТА е мртва, да живее економскиот патриотизам!?“