Церемонијата заврши, ајде сега на работа

Постои едно верување, пласирано во јавноста, кое вели дека со членството ќе се решат сите наши проблеми, а таквата шпекулација подгрева некритички однос
и раѓа нереални очекувања на граѓаните на Македонија, дека некој однадвор
и без макотрпна работа ќе ги реши сите наши проблемите што нѐ мачат

Влезот во НАТО за која било држава, вклучувајќи ја и Македонија, не зависи само од волјата на нејзините политичари и граѓани туку многу повеќе е тесно поврзан со политичката одлука на големите играчи внатре во сојузот, како и од одредени глобални економски и геополитички околности. Историските факти и показатели од досегашните етапи на проширување го потврдуваат тоа.
Членството на новите сојузници во НАТО, кои во најголем дел потекнуваат од Балканот и од Источна Европа, пак, честопати не се оправдуваше само од фактот дека тие воено се подготвени да го заработат своето столче во сојузот поради моќта на нивните армии туку и со тоа што овие земји ја остваруваа својата цел и позиција во Алијансата поради одреден моментум на благонаклонетост на западните интереси да се прошири кругот на сојузниците.

Во анализите на светските медиуми на оваа тема, честопати како аргумент се истакнуваа примерите на кој начин и низ каква постапка влегле во сојузот земјите како Црна Гора, Албанија па дури и Бугарија и Романија.

Од период до период и од случаја до случај, причините и политиките биле различни или слични, некогаш пресудна била геостратегиската позиција, другпат тенденцијата на Западот да ги истисне руското или кинеското влијание во Европа итн. И такви примери на зачленување има и во другите големи сојузи. Еден таков пример има и Европската Унија, која во намерата да го зголеми своето членство и да ги прошири своите пазари во раните осумдесетти години ја прима Грција, наспроти редица големи незатворени политички прашања како на пример кипарското и во услови во кои нејзината економија не може да се мери со онаа на западните земји. Од домашна гледна точка, потпишување на Протоколот за членство во НАТО подгрева и мноштво надежи за напредок во повеќе сегменти. Но настрана еуфоријата, прашањето е дали и баш така и кој всушност треба да ја одработи домашната задача.

Тоа значи дека не треба да се преувеличуваат претпоставени ефекти, и безбедносните и политичките и економските, од истото тоа НАТО-членство, туку да се засукаат ракавите и да се работи многу поенергично и попосветено отколку досега. Постои едно верување, пласирано во јавноста, кое вели дека со членството ќе се решат сите наши проблеми, а таквата претпоставка подгрева некритички однос и раѓа нереални очекувања на граѓаните на Македонија, дека некој однадвор и без макотрпна работа ќе ги реши сите наши проблеми што постојат. Но доколку навистина сакаме да сме рамо до рамо со сојузниците и вистински партнери во ова големо семејство на моќни државни, а не нивен товар, ние мора уште многу да сработиме на домашен план.

Треба, пред сѐ, да ја зајакнеме својата економија, да го зацврстиме владеењето на правото, да ја анулираме корупцијата, да ги подобриме здравството и образованието и да го подигнеме нивото на човековите слободи и демократијата. Тоа за разлика од членствата во овие организации не може да се стори по заобиколен, полесен и скратен пат и со помош на нашите пријатели од меѓународната заедница, тука сето ќе треба да го изодиме сами со многу работа и мака. И неупатените знаат дека главен двигател на една држава и воено и политички и општествено е самата економијата. Нашата земја се стреми кон остварување на своите стратегиски цели од национален интерес, а тоа е невозможно без стопански развој, односно засилен економски раст. Тоа е најсуштественото нешто, битие на прогресот, развојот, одржливоста на државата и на граѓаните како целина, па и на секој поединец. Такво нешто не може да се оствари со хронично низок БДП. За да ја оствари Македонија својата цел, потребна е јака економија. Звучи како флоскула. Но факт е дека ние низ минатите години направивме многу малку од тој аспект, бидејќи растот со кој се идентификувавме од осамостојувањето беше просечно 2 отсто.

Доколку навистина сакаме да сме рамо до рамо со сојузниците во НАТО и вистински партнери во ова големо семејство на моќни државни, а не нивен товар, на домашен план ние мораме уште многу да сработиме и притоа да ја подобриме економијата, да го зацврстиме владеењето на правото, да ја анулираме корупцијата, да ги подобриме здравството и образованието и да го подигнеме нивото на човековите права и слободи

Доколку Македонија достигне сериозниот пораст на економскиот раст тоа ќе даде можност за зголемување на буџетот, за растот на БДП, за капитални инвестиции, за отворање нови работни места и намалување на невработеноста, за технолошки развој на компаниите, за подобар социјален импакт што ќе нѐ изедначи со нашите партнери од меѓународната заедница.

Приоритет за да ги достигнеме високите евроатлантски скалила на развиените држави е и борбата со корупцијата. Во овој правец нашата земја треба многу скоро да испорача и конкретни резултати, ако сакаме летоска да го фатиме возот за ЕУ, да ја најдеме успешната формула со која ќе се сопре трендот на високото рангирање на Македонија на светските анкети што велат дека кај нас сѐ уште царува оваа штетна состојба. Клучот за благосостојбата на земјата исто така лежи и во професионализацијата на јавната администрација. Од тоа како и на кој начин се вработуваат луѓето, колку тие ја чинат државата, нивната ефикасност, стручност итн. Сето тоа се прашања што самите мора да ги решиме.

На крајот, сите треба да сфатиме дека и по потпишувањето на протоколот нѐ чека уште многу макотрпна работа, бидејќи ако ние не си ја подобриме состојбата тоа нема да го стори никој наместо нас.