„Цврстината“ на една прачка и цврстината на повеќе од нив

Брзото ширење на вирусот, комбинирано со продлабочување на кризата, е причина повеќе за спротивставените страни најпосле да ги остават настрана разликите и да започнат заеднички да бараат најсоодветни решенија, како за излез од здравствената криза така и за побрзо закрепнување на економијата

Несомнено пандемијата на ковид-19 ја обележува оваа година. Ширењето на вирусот и неговата непредвидливост направија целосна промена во вообичаените текови во најголем дел од земјите во светот. Заканата по животот на луѓето наметна нови правила на однесување и нови правила на социјализација, поточно потреба од дистанцирање, избегнување средби со пријателите и со роднините. Но истовремено и потреба од промени во работните навики, создавање услови за работа на оддалеченост, но и потреба од заштита и зголемување на превентивните мерки.
Сепак, силниот удар на вирусот наметна голем број рестрикции, кои беа голема кочница за нормално одвивање на одредени економски сектори, како што се угостителството, туризмот, транспортот… Особено загрижува податокот дека штетите од оваа здравствено-економска криза се чувствуваат во речиси сите сектори, само е прашање кој е позасегнат од случувањата… Стопанството алармира дека рестриктивните мерки значително ги нарушија нивните бизнис-планови и истовремено укажуваат дека поради намалените приходи се нарушуваат нивните можности за редовна исплата на платите, но и за намирување на обврските. Повеќепати алармираа дека состојбите се лоши и дека има опасност од затворање на голем број бизниси, што последователно ќе остави на улица голем број работници. Апелираа на поголема поддршка од државата и иако веќе имаше неколку пакети помош од кои дел директно таргетирани кај компаниите за исплата на платите, сепак, состојбите не овозможија брзо надминување на кризата, ниту враќање на нормалните текови на работа. Константното ширење на вирусот низ целата држава, оневозможи стопанството да работи со полна пареа, а одредени сектори се и крајно засегнати поради недостиг од нарачки од странство или, пак, поради значително намалување на побарувачката на нивните производи.

Сево ова резултира со потреба од нови мерки, но и потреба од нов, втор ребаланс на буџетот на Македонија. Иако ребалансот како појава не е невообичаен за земјава, сепак вообичаено имаме еден ребаланс, овој пат, поради пандемијата, државните институции беа принудени вторпат да ги прекројуваат плановите.
Според најавите, со вториот ребаланс треба да се одвојат средства за поддршка на стопанството, кое и понатаму е под притисок поради намалената побарувачка и вишокот резерви. Од државниот буџет би требало 470 милини евра да се одвојат само за четвртиот пакет антикризни мерки за помош на граѓаните и на стопанството. Притоа од оваа сума 70 милини евра ќе бидат поддршка за 83 илјади работни места, поточно за субвенционирање на платите на работниците за месеците октомври, ноември и декември.
Она што загрижува во овој период е одолжувањето на носењето на вториот ребаланс, но и недостигот од конструктивни дебати и аргументи за плановите што се поставени во буџетот…
Стопанствениците веќе алармираа дека состојбите во одредени сектори се значително влошени, па дури очекуваат уште поголемо влошување во следните месеци поради новиот бран на ширење на коронавирусот и побараа што побрзо да профункционираат владините институции и побрзо да стигне ветената помош за да можат да ги исплатат платите до работниците.

Но и покрај нивните апели, ребалансот и понатаму е во Собранието и истиот тој по првичните разгледувања беше вратен во Владата на доработка, па деновиве е на пленарна седница, каде што пратениците имаат свои забелешки за донесените решенија. Со самото ставање на ребалансот на дневен ред, опозициските пратеници поднесоа дури 188 амандмани и обвинија дека буџетот нема да ги даде посакуваните резултати. Од друга страна, претставниците на владејачката гарнитура повикуваат на побрзо изгласување за ветените средства да стигнат побрзо кај граѓаните и стопанството.
Она што сите го забележуваат е меѓусебното расправање на пратениците во Собранието, но и надвор од него, при што изостануваат вистинска конструктивна дебата и предлози како побрзо и полесно да ја надминеме оваа здравствено-економска криза, која од ден на ден станува позагрижувачка. Се има впечаток како намерно да се развлекува носењето на ребалансот, а со тоа и помошта што стопанството ја чека со нетрпение.
Економската фела, пак, деновиве истакна дека за надминување на кризата се значајни мерките и чекорите што сега ги преземаат надлежните, посочуваат дека само со кредибилни политики може да очекуваме успех и надминување на економската криза и истовремено нејзино претворање во утрешен подем.

Токму брзото ширење на вирусот низ земјава, но и низ другите европски земји, треба да биде причина повеќе за конструктивни критики, критики што нудат решенија и помош. Најпосле, крајно време е спротивставените страни да ги остават настрана разликите и да започнат заеднички да бараат најсоодветни решенија, како за излез од здравствената криза така и за побрзо закрепнување на економијата. Потребни се предлози, а не само празни критики.
Единствено со сплотеност и конструктивност, како од лицата поставени на функција така и од оние што ги критикуваат или оценуваат нивните постапки, можеме да ја надминеме оваа пандемија. Време е да се потсетиме на мудростите на генерациите пред нас дека само со заеднички сили, фокусирани, здружени и со мерки што не се обременети со нашите различности и инатења, може да се ублажат и да совладаат предизвиците на корона-кризата. Се сеќавате ли на народната приказна за „цврстината“ на едната дрвена прачка наспроти цврстината на повеќе прачки заедно во снопче? Не? Е, можеби токму сега е време да се потсетиме!