Хуманата искра не смее да згасне

Името Емилија Динева дефинитивно ќе остане запаметено. Срцето на оваа вистинска хероина, кое продолжи да чука во градите на Иван Огненовски, не значи живот само за Иван туку значи живот и за неговото дете, кое ќе продолжи да го има татко си крај себе, за неговото семејство, за неговите пријатели, кои и натаму ќе го имаат блиску до себе. Тоа срце е најголемиот дар што нема цена. Големината на Диневи нема цена. Ова јасно ни покажа дека треба да се менува свеста за донирањето органи. Ова ни покажа дека меѓу нас има навистина благородни луѓе и дека хуманата искра не смее никогаш да биде изгасната

„Донирањето органи е нешто што претставува највисок степен на солидарност и човекољубие“. Овие зборови, кои имавме можност да ги слушаме и читаме изминатиов викенд, откако се случи револуционерниот подвиг со првата трансплантација на срце во Македонија, носат огромно значење и големина. Да се биде филантроп во ова време, да се биде добротвор, е вредност што денес не секој ја носи во себе и умее да ја негува. Врвот на човекољубието викендов го достигна семејството Диневи, кое среде најголемата болка од губењето на својата најблиска, одлучи да спаси неколку човечки животи со донирање на нејзините органи.
Во македонската модерна кардиохирургија, од интервенции и операции, недостигаше уште оваа – трансплантација на срце.

Медицински персонал и апаратура имаше, но недостигаше донор за да биде извршена оваа технички сложена и долготрајна операција. Благодарение на Универзитетската клиника за кардиохирургија, во земјата повеќе нема пациенти што се препраќаат во странство бидејќи сите интервенции се прават токму овде, во институцијата што беше отворена пред пет години и која е од витално значење за македонскиот здравствен систем, со оглед на фактот дека околу 50 отсто од морталитетот се припишува токму на кардиоваскуларните заболувања. Иако постои закон што дозволува трансплантација на органи и иако доцниме многу години, конечно направивме пресадување на срце. Сега ги има и сите протоколи за да може тој процес и во иднина да се одвива како што треба.

За државната кардиохирургија расправиите беа актуелни со децении. Но врвните кардиоимиња првпат заборавија на минатото и направија историски исчекор. Ги оставија суетите пред вратата на салата за операции, влегоа и спасија човечки живот, со што докажаа на дело дека пациентот е тој што е приоритет. Многу е важно да се напомене дека меѓу сите овие луѓе што учествуваа во целата постапка, имаше и млади доктори со огромен потенцијал, кои го следеа и учествуваа во целиот процес. Беа возбудени како тие да ја правеа трансплантацијата, а тоа само покажува дека тие знаат искрено да се радуваат на успехот на нивните повозрасни и поискусни колеги, нешто што е дополнителен чекор напред за македонското здравство.

Трансплантацијата на органи, покрај пандемијата на ковид-19, ни покажа што всушност ни треба нам и во што треба да вложуваме како држава ако сакаме напредок. Овој револуционерен подвиг треба да ги натера надлежните да сфатат дека е време политиката комплетно да се оттргне и од здравството и од образованието, двата носечки столба на секоја држава. Да остават овие ресори да ги водат стручни лица, кои знаат што прават. Затоа што доволно беше искористувањето на двата ресора за политички цели низ годините. Треба конечно да им се остават на оние што знаат да работат, а властите да бидат овде само за да го вреднуваат нивниот труд онолку колку што заслужуваат, за да можат да се чувствуваат достоинствено. Оние што ги бидува мора да останат и друга опција нема. Доволно долго се случува врвни експерти да бегаат во странство затоа што овде немаат шанса да се докажат. Конечно, дајте им го приматот на луѓето од областите што се клучни за развојот на секое општество. Овие луѓе ни се потребни нам!

Името Емилија Динева дефинитивно ќе остане запаметено. Срцето на оваа вистинска хероина, кое продолжи да чука во градите на Иван Огненовски, не значи живот само за Иван туку значи живот и за неговото дете, кое ќе продолжи да го има татко си крај себе, за неговото семејство, за пријателите, кои и натаму ќе го имаат блиску до себе. Отчукувањата на тоа срце се најголемиот дар што нема цена. Големината на Диневи, кои одлучија тоа да продолжи да чука, нема цена.

Ова јасно ни покажа дека треба да се менува свеста за донирањето органи, чија цел е бесценета. Ова е лекција за тоа како треба да се продолжи понатаму. Ова ни покажа дека меѓу нас има навистина благородни луѓе. Хуманата искра не смее никогаш да биде изгасната. Напротив, колку повеќе сјае толку поздрав ќе биде светот.