Хроничните болки на јавното здравство

Недовербата во системот главно произлегува од незадоволството на пациентите, кое, пак, е предизвикано од најразлични ситуации со кои се соочуваат во обидот да дојдат до соодветна здравствена услуга во јавното здравство. Пациентите многу често се принудени сами да шетаат по клиники и сами да носат примероци за анализи наместо тоа да е поинаку организирано. Ова е повеќе од доволна причина редовно да се мери задоволството кај пациентите и истото тоа да се следи, за да можат оние што ги креираат здравствените политики да наоѓаат решенија на проблемите

Довербата во јавното здравство е разнишана со години. За да почнат пациентите повторно да веруваат во здравствениот систем, неопходно е сите што се дел од него постојано да работат на враќање на довербата. Тоа е слично како во образованието – ако константно не функционира соработката родител – наставник – дете, не може да се очекува подобрување на успехот и поведението на ученикот во училиштето. Така и во сегментот на здравството.
За поефикасно здравство, подобри резултати, поголема ефикасност и позадоволни пациенти се неопходни и серија дополнителни мерки, како и поголема организираност, координација во овој сегмент значаен за државата.

Недовербата во системот главно произлегува од незадоволството на пациентите, кое, пак, е предизвикано од најразлични ситуации со кои секојдневно се соочуваат во обидот да дојдат до соодветна здравствена услуга. Најчесто долгото чекање пред ординациите и амбулантите, иако имаат закажано конкретен термин за преглед, е едно од клучните нешта што прават да расте незадоволството. Освен тоа, како што предупредуваат и здруженијата што се грижат за правата на пациентите, често се случува медицинскиот персонал или лекарите да не се достапни за третман или, пак, пациентите да се принудени сами да шетаат од клиника на клиника за да добијат услуга.

Посебна приказна се достапноста и користењето на услугите на клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“. Пристапот е отежнат затоа што просторот е блокиран од возила, а паркинзите се преполни уште од раните утрински часови. Цела редица возила има уште од училиштето „Кочо Рацин“, па додека пациентите влезат, најдат место за паркирање и дојдат до услугата што им е потребна, чекаат и по еден час. Блокираниот пристап е сериозен проблем, особено во ургентните ситуации, кога мора итно да се реагира за да се спаси човечки живот. Просторот во кој циркулираат илјадници пациенти на дневно ниво, вклучувајќи ги и стотиците вработени, е претесен, а тесните улички и недоволниот број паркинг-места се стартна причина за нервоза кај пациентите, на кои им е отежнат патот до соодветната здравствена услуга.
Министерството за здравство во обид да го реши овој долготраен проблем распиша тендер за избор на фирма што ќе направи монтажна гаража од челик, но никој не се пријавил, па сега постапката за избор ќе биде повторена. Со ова решение ќе има простор за паркирање на 1.800 возила, со што е планирано да се реши долгогодишниот проблем со недостигот од паркинг-простор во клиничкиот комплекс.

Имаат право лекарите кога велат дека една од причините за незадоволство на пациентите од здравствените услуги е и неорганизираноста на здравствените установи, и затоа тоа е нешто на што е неопходно да се работи за да се подобри. Пациентите многу често се принудени сами да шетаат по клиники и сами да носат примероци за анализи наместо тоа да е поинаку организирано. Тоа што сѐ уште немаме клинички центар во кој сѐ ќе се прави на едно место е причина да се појави незадоволство од услугите кај пациентите. Честопати и насилството што произлегува во болниците кон медицинскиот персонал е последица на одредено незадоволство oд некоја услуга. Ова е повеќе од доволна причина редовно да се мери задоволството кај пациентите и истото тоа да се следи, за да можат оние што ги креираат здравствените политики да наоѓаат решенија за проблемите.

Освен што е проблем времето на чекање додека се стигне до одредена здравствена услуга, незадоволство кај пациентите има и поради административните процедури низ кои мора да поминат за да биде сѐ комплетно во однос на здравствената услуга. Незадоволството и овде е големо, бидејќи пациентите се препраќаат од шалтер на шалтер за да средат сѐ што е потребно.

Затоа, неопходно е овие процедури да се поедностават, бидејќи освен на пациентите, тие им ја отежнуваат и работата на лекарите, бидејќи им се одзема многу време. Незадоволството на пациентите е насочено неретко и кон самите доктори, односно преостанатите вработени, а треба да се има предвид дека здравствената услуга често не зависи од самите нив. Сепак, овде стои проблемот и со недостигот од кадар и ресурси, нешто што се решава со влогови во здравството, за кое мора да се издвојуваат повеќе средства од државниот буџет.

Фото: Маја Јаневска-Илиева