Хронична политичка деменција

Која е потребата пред граѓаните да се излегува со какви било (не)издржани проекти и неостварливи ветувања? Македонија денес е веројатно единствена земја во светот каде што сѐ уште нема вакцинирани граѓани против ковид-19 и земја што сѐ уште чека да добие поголемо количество вакцини од некаде. А политички ветувања постојано има, но вакцините ги нема. Од никаде. И да се само вакцините. Листата дадени и неостварени ветувања е предолга и преширока

Во моментите кога најголемиот број граѓани постојано си го поставуваат прашањето кога ќе заврши пандемијата од ковид-19 и кога ќе почне масовната вакцинација на населението, за конечно да ѝ се стави крај на оваа опасна и подмолна зараза, која однесе илјадници животи, некои од политичарите во последно време сѐ почесто го поставуваат прашањето кога ќе има предвремени парламентарни избори и дали тие ќе се одржат заедно со локалните. И додека загрижените граѓани си го поставуваат прашањето како да преживеат и да се спасат од заразата, политичарите без чувство на одговорност кон граѓаните се занимаваат со калкулации како тие да преживеат на политичката сцена.
Да биди иронијата поголема, тие за наводната потреба од избори постојано нѐ (раз)убедуваат дека тоа го прават во интерес и името на народот, истиот тој народ што воопшто не го прашуваат кога носат одредени одлуки или креираат одредени политики. Притоа, во континуитет со години се игра на картата на давање мегаломански политички ветувања без воопшто да се води сметка колку истите тие се остварливи. Како некој да страда од деменција, па не памети кој што кажал, што ветил, а што исполнил. Политичарите како да го потенција народот и сметаат дека тој има кратко паметење.

За разлика од политичарите, кои и натаму веруваат дека народот боледува од деменција, па заборава на нивните ветувања, сега народот е тој што одлично памети и смета дека политичарите боледуваат од таа нивна хронична болест и забораваат колку и што сѐ му ветиле токму на народот. Политичарите заборават дека народот нив веќе ги прочита, сѐ помалку им верува и не паѓа веќе на нивните празни ветувања.
Деновиве бевме сведоци како штипјани го актуализираа проблемот со изградбата на акцелераторот за лекување на болните од карцином во градот под Исарот, која доцни речиси осум години. Со истиот проблем се среќаваат и болните од рак и во Битола и Југозападниот Регион, кои точно пред осум години, поточно на 19 март 2013 година, кога беше ставен камен-темелникот за изградба на акцелераторот во Клиничката болница во Битола, беа убедувани дека тој ќе биде изграден за само шест месеци. Оттогаш изминаа цели осум години, а од изградбата на акцелераторот не само што нема ништо туку никој не знае кога тој ќе биде изграден и ставен во функција. Цели осум години болните од рак од Битола и регионот живеат со надеж дека акцелераторот ќе профункционира и дека ќе им се стави крај на нивните маки и финансиски трошоци да одат на терапија во Скопје. Но, за жал, ниту во мандатот на министерот за здравство Никола Тодоров, ниту на актуелниот министер Венко Филипче акцелераторот не е ставен во функција.
Оттаму, сосема е разбирлив револтот на болните од рак во Штип и во Битола, кои деновиве се пожалија дека поигрувањето со ветувањата и очекувањата кон граѓаните е веќе позната хронична болест од која боледуваат политичарите. Но кога тие си поигруваат со очекувањата и надежите на (нај)тешко болните, тогаш таквите нивни неисполнети ветувања заслужуваат осуда и презир.

За разлика од здравите луѓе, кои можеби некако и имаат „разбирање“ за доцнењето, болните лица, особено од карцином, немаат време ниту за губење ниту за чекање. За најголемиот број од нив времето не работи во нивна полза и секој изгубен ден за нив е изгубен човечки живот. За овие пациенти поигрувањето со нивната судбина во најмала рака е грев, за кој тешко може да има простување.
И затоа кога политичарите, особено од областа на здравството, даваат ветувања за реализацијата на одредени проекти, треба добро да размислат дали можат да ги исполнат во дадените рокови или не. Зашто граѓаните, кои во голем број случаи имале разбирање кон политичарите за голем број неостварени ветувања, не можат да имаат разбирање за неисполнетите политички ветувања кога се работи за (не)грижата за нивното здравје. Да се доцни некој месец во реализацијата на некои проекти може да се има разбирање, но да се промашуваат рокови, како во случајот со изградбата на акцелераторите во Битола и во Штип дури осум години, ниту би можело ниту би смеело да се има разбирање.
Болните од рак со кои деновиве разговаравме никако не можат да сфатат како може толку долго да се доцни со изградбата на акцелераторот во Битола. Ним не им е јасно и како може да се влезе во реализацијата на еден таков (или каков било друг) проект без притоа да бидат исполнети сите (пред)услови за негова реализација, од техничка документација, обезбедени средства, технички кадар… Останува непознато и која е таа „болест“ од која хронично боледуваат нашите политичари за да даваат такви нереални и сеопфатно необмислени ветувања. Која е потребата пред граѓаните да се излегува со какви било (не)издржани проекти и неостварливи ветувања? Зарем не мислат дека граѓаните ќе ги држат за збор и дека постојано ќе ги потсетуваат на таквите нереализирани ветувања.
И во однос на пандемијата на ковид-19, како и набавката на вакцини и вакцинацијата на населението, беа давани одредни ветувања и рокови, кои потоа беа прегазувани и неиспочитувани. Македонија денес е веројатно единствената земја во светот каде што сѐ уште нема вакцинирани граѓани против ковид-19 и земја која сѐ уште чека да добие поголемо количество вакцини од некаде. А политички ветувања постојано има, но вакцините ги нема. Од никаде.

Кога станува збор за битолчани, тие иако отрпнаа од големиот број дадени и неисполнети ветувања, кои во предизборието се ветуваа(т), сепак тие добро паметат дека во градот под Пелистер, и покрај ветувањата, нема ништо од изградбата на катните и подземните гаражи, аеродромот кај Логоварди, голф-терените кај Братиндол, топлификацијата на градот, изградбата на проектот „Битола филмски град“, агропазарот, осумте нови хотели на Нижеполе, новиот град во касарната за над 5.000 жители, изградбата на најмалку 50 фабрики во индустриската зона Жабени, отворањето на Медицинскиот факултет, обновата на Копанки, трговски центри, аквапарк, затворен олимписки базен, автопатски влезови од Охрид, Прилеп и Грција… Треба ли уште да набројуваме?
Времето најчесто не работи за граѓаните, кои се уморени од неисполнувањето на ветувањата, но не работи ни за политичарите, чии нереални и најчесто празни ветувања граѓаните одамна ги прочитаа.
Оттаму, наместо сега, кога сѐ уште се соочуваме со коронавирусот и кога најголемиот број од нас се преокупирани со прашањето за нашето биолошко опстојување и зачувување на сопственото здравје и здравјето на нашите (нај)блиски, секое ново и неисполнето ветување уште повеќе пече и боли.

Изборите ќе дојдат за некој месец, и вака и така, но ако не најдеме начин и што поскоро не се обезбедат вакцини за граѓаните за спас од пандемијата, за жал ќе си одат уште многу животи на наши сограѓани.
Тоа во никој случај не смее да се дозволи, зашто секој спасен живот е поголем успех од чија било политичка кариера. И, конечно, пред граѓаните секој политичар, од која било партија, си ја трасира или запечатува својата кариера токму и низ призмата на зборовите што ги искажал и ветувањата што ги дал. Зашто народот сѐ памети и никогаш не заборава.