Хибриден нагон за себенегирање

Македонија пет години едноподруго е оквалификувана како хибриден режим, во кој нема владеење на правото и во кој цветаат корупцијата и криминалот. Во овие пет години, речиси еднакво дел од власта или од опозицијата беа и СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, единствено само ДУИ за целиот овој период константно е во власта. Каков заклучок може да се изведе од сево ова како аналогија? Многу едноставен. За хибридниот режим во Македонија најголема вина и одговорност има ДУИ, како перманентна власт досега, додека остатокот од вината еднакво ја делат СДСМ и ВМРО ДПМНЕ

Гастрономската понуда на државата е збогатена со новоименуван производ – северномакедонски смрзнат бурек. Гледаш, читаш и не ти се верува. На меѓународниот саем за храна во Германија на штандот што треба да ја претставува нашата држава е изложен само еден производ. Неговото величество бурекот. Со праз, спанаќ или сирење сеедно. Зашто кој било нутриционист да прашате ќе ви каже дека ваквиот оброк и не влегува баш во категоријата здрава храна. Плус и неавтентичен македонски бренд. Потеклото на бурекот е од Отоманската Империја, а се споменува и во еврејските традиции.

Ама зошто па и ние да не помакедончиме некој производ, да му смениме идентитет и да го претставиме како чисто македонски. Бурекот е најидеален за тоа. Згора на тоа тука сите „јадат бурек“, иако најчесто по дебатни емисии, фејсбук-статуси и слично. Сепак, нешто друго повеќе плаши. Посетителите на саемот во Берлин да помислат дека бурекот е најдоброто нешто што го имаме. Настрана коментарите дека некои не можеле ниту да го вкусат зашто бил смрзнат. Ете, на ваков начин, на голема меѓународна саемска манифестација, била претставена државата. Храната одамна не е само суровина да се наполнат цревата за да не ви свири стомакот. Од памтивек останала изреката дека она што го јадеш те дефинира и како личност. Од друга страна, одредени производи или јадења во светски рамки често се доживуваат и како своевиден еквивалент на националниот идентитет и обележје на некој народ или држава. А македонскиот народ и македонската држава се препознатливи по вкусната природна храна и уникатната и неповторлива кујна каква што нема на друго место. Па нели странските амбасадори кога ќе дојдат прво нешто што ги плени е вкусот на македонската храна. Каде се на саемот македонските брендирани специјалитети како тавче-гравче, ајвар, пинџур, сирење, кашкавал, зелник под вршник, пастрмка на жар, толчена сол и сето тоа залиено со првокласно македонско вино. Организаторот на македонскиот штанд, во случајот Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, требало да се погрижи многу побогато и посоодветно да се претстави Македонија на саемот. Или воопшто да не настапуваме. Образложението дека фирмите сами се пријавуваат не е оправдување, зашто рекламното пано и рекламниот материјал за саемот и за штанд се однесуваат на целата наша држава.

И сега доаѓаме до нешто многу поголемо и потрагично отколку скудната гастрономска понуда. Замислете, македонскиот штанд осамнал со големо рекламно пано на кое пишувало северномакедонска кујна. Да не беа реакцијата на граѓаните и, секако, текстовите во нашиот весник, можеби, така ќе останеше и до крајот на саемот. За среќа, МЗШВ реагираше и ја исправи грешката (за тоа чија била допрва ќе се утврдува) и постави ново пано со ознака македонска кујна. Сепак, последниот пример е добра поука за нешто што во повеќе наврати и при различни пригоди често ни се случува, без притоа да има каква било потреба за такво нешто.

А тоа е појавата сами и со ништо непредизвикани да си врзуваме јазол околу рацете и нозете, што потоа нѐ оневозможува што било да направиме.
Тоа може да се дефинира и како некаков македонски синдром или нагон за самонегирање, да не речам самоуништување. Во обид, демек, да покажеме и докажеме колку сме политички фер и коректни кон другите, сами си нанесуваме непоправлива штета. Еве, да тргнеме од последниот случај со „северномакедонската кујна“. Преспанскиот договор, колку и да е критикуван и асиметричен во својата суштина, сепак не нѐ обврзува на такво нешто, да преименуваме сѐ што носи назив и атрибут македонско. Некои таканаречени Македонци сами и самоиницијативно го прават тоа. Од незнаење, политичко полтронство или од глупост, останува нејасно.

Дури и во упатството од македонското министерство за надворешни работи јасно и недвосмислено се нагласува дека од новото име на државата не се изведуваат придавки. Па, така, народот, јазикот, културата, па ако сакате и кујната остануваат македонски. Уште еднаш напоменувам – остануваат македонски. Наместо цврсто да се брани и постојано да се нагласува она што остана македонско, а тоа е нашата посебност како македонски народ, македонски јазик, македонска држава со сите придружни атрибути, некои упорно се обидуваат и тоа да го негираат, налепувајќи му некаква вештачка и сосема непотребна придавка. Претходно вакви примери имаше и преку произволното толкување на историјата од страна на одредени политичарите или квазианалитичари. Во една таква ситуација, кога секој се наоѓа повикан да каже кои сме, што сме, од каде сме, како да се ословуваме, и притоа сето тоа се прави на погрешна основа, се пуштаат низ вода илјадниците научни трудови, автентични документи, историски записи и факти за македонскиот народ и македонската држава. Тоа, пак, од друга страна, предизвикува опасно поткопување на темелите на македонската држава.

И наместо да се дејствува во насока на зајакнување на македонскиот идентитет и националните обележја на државата, се добива впечаток како политичките структура да се подготвуваат за нова рунда на самонегирање и себеуништување. Независно дали станува збор за несогласувањата околу новиот закон за ЈО, различната перцепција во однос на неповолните извештаи за индексот на демократија во државата или за нивото на корупција итн. Лошите оцени и извештаи за Македонија, кои доаѓаат однадвор, во претходно споменатите области, се користат само и исклучиво како алатка за меѓупартиски расправии, без притоа нешто да се преземе во насока на нивно надминување и отклонување. И бидејќи никој не сака да погледне во сопствениот двор, ниту пак да се фати во костец со проблемите, еве, една наша кратка експертиза.

Македонија пет години едноподруго е оквалификувана како хибриден режим, во кој нема владеење на правото и во кој цветаат корупцијата и криминалот. Во овие пет години, речиси еднакво дел од власта или од опозицијата беа и СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, единствено само ДУИ за целиот овој период константно е во власта. Каков заклучок може да се изведе од сево ова како аналогија? Многу едноставен. За хибридниот режим во Македонија најголема вина и одговорност има ДУИ, како перманентна власт досега, додека остатокот од вината еднакво ја делат СДСМ и ВМРО ДПМНЕ.

Помалите коалициски партии во двата поголеми блока, кои се прешалтувале де ваму де таму, не заслужуваат поголемо внимание. Нивната вина и одговорност, веројатно, се двојно поголеми зашто, меѓу другото, тие и немаат свој став и партиски идентитет и истиот тој го позајмуваат и моделираат во согласност со потребите на Големиот брат.
Сѐ додека вака функционира политичкиот систем во државата, и на ваков начин се поима и практикува политиката, ќе ни се повторуваат и хибридниот режим и нагонот за самонегирање и самоуништување, наместо како во преостанатите нормални држави, каде што вообичаено доминираа нагонот за себепромовирање и себедокажување. За надминување на сегашните состојби, сепак, не е до кујната – до главата ќе да е.

[email protected]