Фашизмот пред портата на ЕУ

Македонија во изминатите три децении најдобро ја почувствува таа европска фашизоидна лицемерност, која беше затскриена зад маските на бриселските бирократи, кои демек ја продаваат европската идеја, а всушност пропагираат фашизам. Европа денес молчи и за фашистичките парадирања во Бугарија и во Грција, на кои отворено се упатуваат закани кон Македонија и македонскиот народ, но и закани за освојување со војска. Ете каде стигна Европа денес, 76 години по победата над фашизмот

Секој 9 мај светот го одбележува Денот на победата во чест на истиот датум од 1945 година кога фелдмаршалот Вилхем Кајтел во Берлин ја потпиша безусловната капитулација на тогашна фашистичка Германија.
Неколку дена порано, на 2 мај, Советското знаме се развиори над разурнатиот Рајхстаг во Берлин, кога и настана една од најпознатите фотографии во историјата за големата победа над фашистичкото зло.
Нешто повеќе од седум децении по војната, Денот на победата повеќе има признак на ден на поразот на истата таа Европа, која покажа дека ако некогаш можела да се обедини во борбата против заедничкото зло, сега докажа колку може да се разедини и да биде себична кога ќе се соочи со вистинските предизвици што ги носи времето.
Повеќе од очигледно е дека оваа сегашна Европа не е ниту бледа сенка на она за што се залагаше Роберт Шуман, кога на 9 мај 1950 година го претстави својот предлог за креирање на организирана Европа, хумана, демократска, толерантна, подготвена да ги прифати различностите, да ги сподели европските вредности, да не дискриминира никого…
Денес имаме Европска Унија длабоко поткопана однатре, разединета, поделена на интересни сфери, во која секој наметнува сопствени барања и уцени без да води сметка за основните постулати врз кои почива европската идеја. Сето тоа многу повеќе личи на фашистичките зачетоци на почетокот на 20 век во некои европски земји отколку на идеите на Шуман.

Македонија во изминатите три децении најдобро ја почувствува таа европска фашизоидна лицемерност, која беше затскриена зад маските на бриселските бирократи, кои ја продаваа европската идеја само преку однапред подготвените говори и скапите костуми со кои парадираа секогаш кога доаѓаа во посета на земјава.
Без оглед што Македонија меѓу првите земји од поранешна СФРЈ ги исполни условите за признавање, ЕУ со години одбиваше да ја признае без никаква причина, а уште и на Лисабонскиот самит ја донесе срамната декларација дека нема да се признае држава што во своето име го содржи зборот „Македонија“. Ова беше врв на едно неевропско однесување, да му се забрани некому правото на тоа како ќе ја нарекува својата држава. Следуваше и толерирање на нехуманото ембарго воведено од страна на Грција, земја-членка на ЕУ, со кое се предизвика сериозен економски удар врз државата. Истата Европа толерираше и упад на терористички единици од соседна држава за време на воениот конфликт во 2001 година, а подоцна не признаваше ниту одлука на Меѓународниот суд на правдата во однос на ветото од Грција.
Откако ја услови земјава со промена на уставното име во замена за почеток на пристапните преговори, ЕУ повторно го погази својот збор и дозволи Бугарија да блокира со барања што немаат допирни точки со европските критериуми. Од друга страна, Европа молчи за фашистичките парадирања во Бугарија и во Грција, на кои отворено се упатуваат закани кон Македонија и македонскиот народ, но и закани за освојување со војска.
Истата таа ЕУ неодамна издаде препораки дека на својата територија нема да прима граѓани што не се вакцинирани со вакцини од западни производители, кои претходно себично ги чуваше само за себе, без да ги сподели со посиромашните држави на Балканот. Тогаш ја запре и испораката на медицинска опрема, а сега граѓаните вакцинирани со кинески и руски вакцини ќе ги обележува небаре повторно се вратило времето кога Евреите срамно беа означувани со Давидовата ѕвезда. Нејасно е зошто Европа се однесува толку себично кога во услови на пандемија луѓето се фаќаат за сламка за да преживеат и не избираат со која вакцина ќе се вакцинираат, туку го прифаќаат она што им е достапно.

Вака ЕУ си игра со животите на граѓаните, кои чекајќи да дојдат западните вакцини, често ја губат битката со вирусот.
Европската идеја потфрли и внатре и во самата ЕУ. Штом изби пандемијата, одеднаш повторно се вратија европските граници, го снема шенгенот, сите се затворија и себично си ги чуваа медицинските резерви само за себе. Тоа прекуноќ го урна концептот на обединета Европа и го претстави концептот на разединета и себична Европа.
Во такви услови апсурдно беше посиромашните земји, меѓу нив и Македонија, да се надеваат дека ќе добијат вакцини преку механизмот „Ковакс“. Ваквото потфрлање сигурно ја чинеше земјава неколку стотици загубени животи, директно по вина на ЕУ. Сега еврокомесарот за проширување доаѓа „триумфално“ да донесе нешто помалку од 5.000 вакцини преку механизмот „Ковакс“. На ова нашиот народ би рекол „по свадба, тапани“. И само што ги донесе вакцините, повторно ни залепи шлаканица, изјавувајќи дека ако не го решиме спорот со Бугарија, нема во ЕУ. Ваквото однесување на Европа кон Македонија почна да преминува и во мазохизам, па не е за изненадување што сè повеќе луѓе во земјава почнаа да се прашуваат дали ни треба членство во ваква ЕУ.
Денешна Европа повеќе нема никакви критериуми за тоа кој може да стане член или не. Или тие критериуми секој ги измислува по потреба. Прво Грција диктираше критериуми со промена на името на државата, па кога тоа се реши, на Макрон му текна дека методологијата за пристапување не била добра, па кога се изготви нова методологија, Бугарија истапи со нови критериуми, дека не може да се почнат преговори со ЕУ ако земјата-кандидат не прифати дека има заедничка историја со Бугарите, дека нивниот јазик е дијалект на бугарскиот и куп други невистини и небулози. Да можеше да ги слушне ваквите барања, Шуман најпрво ќе се превртеше во гробот што воопшто и Бугарија е членка на ЕУ, а не, пак, што таа наметнува некакви критериуми што уште и ги нарекува европски.

Повеќе од очигледно е дека оваа сегашна Европа не е ниту бледа сенка на она за што се залагаше Роберт Шуман, кога на 9 мај 1950 година го претстави својот предлог за креирање на организирана Европа, хумана, демократска, толерантна, подготвена да ги прифати различностите, да ги сподели европските вредности, да не дискриминира никого…

И оваа ЕУ и на тоа молчи, уште притисокот повторно го насочува врз Македонија, солидаризирајќи се со фашистичките барања на Бугарија, за себепоништување на македонскиот народ, неговиот јазик и неговата историја. Ако тој народ се откаже од сето тоа, што ќе му е Европа? Па нели Европа на Шуман ги почитува различностите? Чија е оваа Европа, на Бугарија, на Грција? Ја препознава ли некој повеќе?
Последните случувања со нонпејперите, за кои Брисел наводно не знае од каде дошле, се перфидна игра на европските бирократи, кои под превезот на необврзувачкиот документ лансираат пробни балони за промена на границите во срцето на Европа, истовремено со индигнација негирајќи дека тие стојат зад тоа. Па сигурно не се собрале пет-шест луѓе од улица на кои случајно им текнало да напишат добро разработен документ до најситни детали и токму за државите од Балканот, кои и ден-денес не можат да закрепнат од суровите војни во 90-тите години на минатиот век. Истите прекројувања на границите се планираа пред почетокот на Втората светска војна, па знаеме што сè потоа се случи. Ако документите не се поврзани со ЕУ, тогаш е чудно зошто вакви нонпејпери за промени на границите се појавуваат само на Балканот, а не се појавуваат во европските држави.
Сево ова покажува дека Европа гние однатре. Доказ за тоа е излегувањето на Велика Британија, која како земја-основач на некогашната Европска енергетска заедница ја напушти Унијата кога виде дека европскиот сон згаснува. Ако капетанот го напуштил бродот, тогаш повеќе од јасно е на каде оди работата. Европа ги напушти постулатите врз кои требаше да почива и се претвори во трома организација во која постојано треба да се исполнуваат нечии лични желби, најмалку европски.
В недела истите тие европски бирократи ќе го слават Денот на победата со полни усти за европските вредности, за слободите, за различностите, за богатството на култури, за хуманоста, за демократијата, иако длабоко во себе знаат дека „слават“ еден голем пораз на европската идеја.
И Македонија најверојатно ќе го прослави Денот на победата со илјадници сини балони со 12-те жолти ѕвездички, со понекое хартиено знаменце на ЕУ и Македонија, со понекој чадор поделен на граѓаните… Тоа е она што реално ЕУ може да ѝ го даде на земјава, балони, знаменца и чадори, сè друго се само празни приказни. Повеќе ни морковот не ни го нудат, туку само стапот. Она што сепак никој не може да го избрише е фактот што Македонија секогаш била на вистинската страна на историјата. На страната на победниците, правдата слободата и демократијата.
Честит Ден на победата Европо, каде и да си!