Уметноста да се врати во физичката стварност

Како некој што не попушти дури ни на најголемиот налет на електронското издаваштво и читање на литература на екраните на разни уреди и во нормални, непандемични услови, деновиве успеав да позајмам од еден мој близок пријател, пасиониран читател и одличен писател, две книги од несудениот нобеловец Греам Грин. Добив две прастари изданија (издавачко предузече „Братство – јединство“, Нови Сад – 1968). Во вакво романтично, или повеќе носталгично расположение, не забележувајте ми на искреноста што ќе посакам што поскоро уметноста да се врати во физичката стварност, ние да излеземе од оваа културна пустина и повторно да уживаме „во живо“ во благодатите на она што го создаваат прекрасните уметници од ден на ден

Културата деновиве се сели во виртуелниот свет. Паралелно со затворањето на музеите, кината, театрите и концертните сали, нивните содржини во најголем дел од светот се преселија на интернет, каде што се овозможуваат бесплатни онлајн-прошетки низ овие простори или преноси на концерти и претстави. „Гугл артс енд калчр“, во соработка со повеќе од 2.500 музеи и галерии низ светот, поради новонастанатата ситуација, ги отвори нивните врати за виртуелни тури и онлајн-изложби. Меѓу нив се и најголемите, Британскиот музеј, „Лувр“ во Париз, „Гугенхајм“ во Њујорк, „Пергамон во Берлин, „Ријск музеум“ во Амстердам, „Пол Гети“ во Лос Анџелес, „Уфици“ во Фиренца, Националниот антрополошки музеј во Мексико… Њујоршката опера „Метрополитен“ секоја вечер нуди снимки од своите најгледани претстави, од „Кармен“ до „Травијата“, Берлинската филхармонија исто така ги отвори своите архиви за стотици концерти со славни диригенти и солисти, како и Виенската државна опера, која по пат на стриминг, ги нуди за публиката своите изведби.

Најголемите светски книжарници, пак, понудија бесплатно читање на нивните изданија…
Кон новиот тренд се приклучија и македонските културни институции. Археолошкиот музеј на Македонија почна да објавува едукативни видеа со аудионарација и знаковен јазик за изложените експонати, кои во овие денови на препорачано седење дома ќе им овозможат на граѓаните виртуелна прошетка по богатството што тој го поседува. И Музејот на современата уметност му се приклучи на светскиот тренд на онлајн-прикажување дела од колекциите на музеите, преку поставување дела на социјалните мрежи за да се потсетиме на исклучителната збирка што ја поседуваме, како и поквалитетно да го поминеме времето во домашна изолација. Деновиве кај нас се случи и првата онлајн-промоција на книга…

Во неможност да се излезе од дома, ова е позитивен тренд, но само како привремено решение, затоа што ваквата практика, освен што е лишена од социјалниот момент, уште повеќе нѐ прави технолошки зависници и нѐ оддалечува од физичката, сензитивна стварност. Еве и зошто…
Кога музичарите на квартетот „Дафне“ излегуваат на сцена, секогаш ги дочекува аплауз. Но овој пат кога излегоа на сцената на древниот театар „Ла Фениче“, во најпознатата оперска куќа во Венеција, сѐ беше тивко. Во тишината на салата, која има повеќе од илјада места, музичарите се поклонија пред да седнат на своите места и го почнаа концертот. Виолинистката Фредерика Барбали, како и многу други, не можеше да ја скрие насмевката на лицето. Оркестарот се поклони уште еднаш пред паузата, а потоа и на крајот на концертот.

Настапот траеше еден час… И додека квартетот го свиреше Бетовеновиот четврти виолински квартет во Це-мол оп. 18 бр. 2, погледот на изведувачите луташе по салата на оперската куќа отворена во дамнешната 1792 година, салата што Џузепе Верди ја користел за многу свои први изведби, меѓу другите и за „Травијата“. А во тоа време било поинаку, публиката се туркала во салата накитена со позлата и тешки црвени завеси, а ложите биле преполни со свечено облечени дами и господа. Толку тажно изгледаше истата таа сала за време на настапот на квартетот „Дафне“, што не помогна дури ни фактот дека концертот (пренесуван во живо на Твитер) го следеа повеќе гледачи отколку што Верди некогаш успеал да собере…

Ова особено ме погоди како верен приврзаник на старите добри форми на уживање во уметноста и културата. Како некој што не попушти дури ни на најголемиот налет на електронското издаваштво и читање на литература на екраните на разни уреди и во нормални, непандемични услови, деновиве успеав да позајмам од еден мој близок пријател, пасиониран читател и одличен писател, две книги од несудениот нобеловец Греам Грин. Добив две прастари изданија. Издавачко предузече „Братство – јединство“, Нови Сад – 1968, стои на првата страница. Всушност, во некое мое романтично, можеби повеќе носталгично чувство, кога имав повеќе слободно време, па уживав без пауза во романи од епски размери, ја побарав неговата „Крајот на една афера“, но како замена ги добив новосадските изданија „Мужеви на изнајмљивање“ и „Наш човек у Хавани“. Однапред се радувам на мирисот и допирот на старата пожолтена хартија и зборовите напишани од Англичанецот што книжевниот квалитет на своите дела успешно го спојуваше со широката популарност…

Во вакво расположение, не ми забележувајте на искреноста што ќе посакам што поскоро уметноста да се врати во физичката стварност, ние да излеземе од оваа културна пустина и повторно да уживаме „во живо“ во благодатите на она што го создаваат прекрасните уметници од ден на ден.

П.С. Најверојатно ќе ги прескокнам виртуелните тури низ Берлин, Лондон, Париз, Москва… Наместо тоа, ќе си посакам барем една од овие поставки да видам годинава во живо, а првата работа што ќе ја направам откако ќе заврши целото ова лудило, ќе ја посетам изложбата за Требениште во Археолошкиот музеј, која поради „недостиг од време“ не отидов да ја видам.