Уметничко дело, не допирај!

Интернетот како највлијателен медиум, сериозно дезориентиран меѓу загубените вредносни системи и пазарното работење, често создава публика со квазиобразованост, а не со знаење. Најголема жртва се вредностите, кои не се некаква апстрактна филозофска категорија, туку тоа е она што одлучува дали, на пример, кога ќе отидете во музеј ќе се однесувате со почит кон делата што се изложени или ќе уништите нечиј креативен труд во намерата да си направите „совршено“ селфи и безгрижно ќе си продолжите понатаму…

Деновиве италијанската полиција го идентификува 50-годишниот Австриец, кој скрши три прсти од десното стапало на скулптура од 19 век, позирајќи покрај неа во музејот „Гипсотека“ на северот на Италија. Станува збор за статуа на која е претставена Паолина Бонапарта, чиј автор е големиот мајстор Антонио Канова. Човекот бил фатен на надзорните камери како „удобно“ си се сместува и си седнува врз постаментот на кој е поставена скулптурата! Уништувањето на едно дело на големиот Канова е неприфатливо, но ова не е прв случај несмасни туристи, главно „шетачи“, но не и вистински познавачи и љубители на уметноста, да оштетат непроценливи уметнички дела во обид да си направат „незаборавно“ селфи.
Во октомври 2018 година, една жена оштети две уметнички дела, од Франциско Гоја и од Салвадор Дали, туркајќи ги додека се обидувала да си направи фотографија во галерија во Екатеринбург, Русија. Претходно инцидент се случи во Амстердам, во стара црква во која се изложуваат „фенси“ уметнички дела, меѓу кои било и дело на најскапиот жив уметник Џеф Кунс. Неговата „топка што зјапа“ била уништена на последниот ден од изложбата, кога неидентификуван љубопитен посетител ја преминал линијата на подот, се доближил до делото и го скршил.

И концептуалната лулашка на уметникот Шон Метјуз е уништена, кога мајка и ќерка, обидувајќи се да седнат на неа, пробале да ги спуштат седиштата, кои намерно биле закачени со фиксирани синџири за да изгледа како делото да лебди во воздух. Кога авторот се обидел повторно да ја постави инсталацијата наречена „Праведно и чесно“, синџирите се испокинале на парчиња. Метјуз морал да помине 60 часа одново да го состави делото, кое било уништено само десет минути откако изложбата била отворена…
Вестите за ваков вид вандализам, често ненамерен ама крајно глуп, редовно пристигнуваат од сите точки на планетава. Листата за разни дебакли при правење селфи низ светските музеи е долга, примерите одат до апсурд, а кај вистинските почитувачи на уметноста предизвикуваат бес. Дефиницијата на селфи се најде и во Оксфордскиот речник, а означува автопортрет снимен со паметен телефон или со веб-камера, со намера подоцна да се постави на социјалните мрежи. Нарцисоидноста оди до тој степен што постојат дури и низа сајтови што даваат прецизни упатства како да се направи добро селфи. Во обидот да се потврди сопствената вредност, всушност, честопати само се потенцира човековата глупост, канализирана низ социјалните мрежи.

Некои психолози веќе зборуваат и за своевидна болест на хронично нарцисоидно нарушување (селфитис), која за последица има зголемување на самољубието и егоцентризмот, а намалување на емпатијата и алтруизмот. Оттука селфи-културата како глобален феномен е всушност промовирање лажна совршеност. Авторитет не е повеќе оној што има знаење, туку оној што изгледа добро. Потребата да се биде прифатен, макар и во виртуелната заедница, води кон комплетно изместени вредности кај човекот на современата цивилизација. Примерите дадени погоре се само најсуров доказ за таквата потреба.
Оттука, интернетот како највлијателен медиум, сериозно дезориентиран меѓу загубените вредносни системи и пазарното работење, често создава публика со квазиобразованост, а не со знаење. Очигледно е обезвреднувањето на моралните и духовните вредности, особено кај младите генерации, кои, под поразното влијание на новите трендови, сосема ги загубија и елементарните етички ориентири. Во ваква општествена клима се случува декаденцијата во културолошка и морална смисла, која забележливо расте, што е загрижувачки факт.

Најголема жртва се токму вредностите, кои не се некаква апстрактна филозофска категорија, туку тоа е она што одлучува дали, на пример, кога ќе отидете во музеј ќе се однесувате со почит кон делата што се изложени или ќе уништите нечиј креативен труд во намерата да си направите „совршено“ селфи и безгрижно ќе си продолжите понатаму…
Во грчката митологија, младиот Нарцис го видел својот одраз во водата и поминал толку време восхитувајќи се на сопствената убавина што изгубил претстава за тоа што се случува околу него. На крајот се удавил обидувајќи се да го прегрне сопствениот одраз. Тажно е што денес поради нарцисоидноста не страдаат нарцисите, туку вистинските вредности меѓу кои некаде на врвот е уметноста.